
Почитувани граѓани,
Вашиот глас и вашата волја за промени беше злоупотребена. Ви ветија поинаква држава, а ја вратија старата матрица. Блиските добиваат, а другите се неважни. Ви зборуваа за ред и правда, а реформите ги напуштија, судството повторно го партизираат. Ветија економија и развој, а денес се живее сѐ потешко и потешко. Платите не се покачуваат, а цените растат неконтролирано. Задолжувањето се зголемува за нови незамисливи 8 милијарди евра, а земјоделците не добиваат поддршка и фирмите се молат за поврат на ДДВ коешто им следува, затоа што државата расипнички ги троши парите. Ова не е промената што ја ветуваа на последните избори.
Денес стоиме со јасна порака, ова е момент на нов почеток. Ако се откажеме сите, тогаш иднината ќе ја оставиме во рацете на оние што ја водат земјата назад, во темнината на корупцијата и стравот. Ако, пак, застанеме заедно, можеме повторно да ја изградиме Македонија како наш заеднички дом. Вашиот глас е штит за вашето семејство, за вашите права и за вашата иднина.
Време е за вистинска социјалдемократска борба, зад нашите идеали и темели. Борба за солидарност, рамноправност и достоинство. Нашите корени се во вековната борба за слобода и самобитност, во генерациите што ја поставија темелната вредност: државата да биде дом за сите.
Време е да ја вратиме надежта и да докажеме дека Скопје може и мора подобро!
Вашиот глас повторно може да ја врати нормалноста и да го отвори патот за достоинствен живот овде – за вашето семејство, за вашата улица, за вашиот град. Ние сме подготвени да работиме. Повторно, сериозно, транспарентно и на ваша страна.