Почитувани сограѓани,

Јас, како активен член на заедницата, заедно со другите членови на советничката листа ќе се залагаме за функционална и заедничка соработка со сите жители на нашата општина, без разлика на нивната национална или партиска припадност, со цел да овозможиме поквалитетен и достоинствен живот во Центар Жупа.

Во претходните години докажавме како треба да функционира една мала рурална средина, каде што ги асфалтиравме сите локални патишта до сите населени места.

Ве повикувам да ни ја дадете вашата поддршка за да продолжиме да ја градиме и да имаме уште поубава и проевропска општина.

Со почит и благодарност,

Ајрис Беќировски

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА – ОПШТИНА ЦЕНТАР ЖУПА

  • 1. Ајрис Беќировски
  • 2. Казафер Емруловски
  • 3. Љулевере Ферат
  • 4. Сердар Висел
  • 5. Фестиме Мимидиновска
  • 6. Реулета Ракиповска
  • 7. Суела Беќировска
  • 8. Егзон Таировски
  • 9. Есма Џафероска

Ние сме тимот што ќе ве претставува вам и што ќе работи за ваше и наше заедничко добро, за заеднички живот во нашата општина. Подготвени сме целосно да одговориме на функцијата советник во Советот на општината и сплотени заедно да го дадеме најдоброто за Центар Жупа. Заедно можеме да обезбедиме побезбедни улици, поддршка за малите бизниси и почиста околина во која живееме. Вашиот глас, наша обврска! Нашата работа, во ваш интерес! Да си подадеме рака за помодерна и поефикасна општина!

ШТО НАПРАВИВМЕ ЗА ЦЕНТАР ЖУПА:

  • Асфалтирање на пат од Мал Папрадник до брегот на Дебарско Езеро;
  • Рехабилитација на патот Центар Жупа – Бајрамовци;
  • Проширување на патот од Центар Жупа до с. Мал Папрадник;
  • Рехабилитација и реконструкција на дел од патот Долно Мелничани ‒ с. Броштица до место викано Бела Вода до влезот на селото;
  • Асфалтирање на патот до село Црнобоци;
  • Асфалтирање на регионалниот пат Центар Жупа ‒ Брештани ‒ Коџаџик ‒ Новак;
  • Асфалтирање на улица во с. Коџаџик;
  • Поставување фотоволтаици на ОО „Мустафа К. Ататурк“, Центар Жупа и ОО „Неџати Зекирија“, с.Коџаџик;
  • Поставување фотоволтаици на СОУ „АТА“ Центар Жупа и општинската зграда;
  • Реконструкција и санација на мерно регулациска опрема за водоснабдителен систем и замена на старите водомери со нови.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Водиме грижа за секој, го нудиме најдоброто за младите, за возрасните, за сточарите, најдоброто за мажите и жените, најдоброто буквално за сите.

    • За децата

Изградба на нова детска градинка, детски игралишта и паркови за најмладите. Општина Центар Жупа, за жал, сѐ уште не располага со градинка за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст. Потребата од изградба на градинка е голема бидејќи на нашите деца им се ускратува можноста за предучилишно воспитание и рекреација. Нашата цел е изградба на градинка за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, која ќе обезбеди престој, нега, исхрана, воспитно-образовни, спортско-рекреативни, културно-забавни активности, поттикнување на интелектуалниот, емоционалниот и социјалниот развој на децата. Бидејќи станува збор за рурална општина, градинката ќе биде со капацитет од 30 деца и ќе се работи во комбинирана паралелка.

    • За учениците

Обновени училници, обновени тоалети, нови наставни помагала, нови/обновени универзални игралишта во секое училиште, уредување на училишните дворови.

    • За младите

Изградба на фудбалски стадион за голем фудбал и други спортски терени, опремување на спортска сала.

    • За пензионерите

Реновирање на Домот на пензионери, бесплатни екскурзии низ државата и надвор од неа, бесплатен превоз до Дебар.

    • За сточарите и земјоделците

Ќе организираме обуки за сите заинтересирани сточари што сакаат да аплицираат за субвенции, со што ќе им излеземе во пресрет за полесно да пристапуваат до фондовите и ИПАРД-програмите, во кои има многу поволности за инвестиции во земјоделството и руралниот развој.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Рехабилитација и реконструкција на дел од патот Долно Мелничани ‒ Броштица од место викано Бела Вода до с. Долно Мелничани

Опис на проектот

Патот е изграден пред 25 години и е неопходна негова реконструкција. Во претходниот мандат со помош на централната власт еден дел од патот се реконструира во должина од 1,5 км. Со овој проект ќе се рехабилитира и преостанатиот дел од патот, ќе се постави нов асфалт во ширина од 4,5 метри.

Влијание на проектот:

Со овој проект ќе се овозможи поквалитетен живот за жителите од овој дел, а ќе се подобри и комуникацијата со другиот дел од општината.

Целна група:

Сите граѓани

Рок на реализација:

2027 година

Буџет

600.000 евра

Изградба на нов базен за вода за пиење во населеното место Илешка Краста, Центар Жупа

Опис на проектот

Како еден од главните проблеми, особено во летните месеци, е водоснабдувањето во нашата општина. Со изградба на резервен базен за вода овој проблем ќе се надмине и ќе се подобри водоснабдувањето, а со тоа ќе се намалат и рестрикциите.

Влијание на проектот:

Населени места што се поврзани и го користат овој водовод се: Голем Папрадник, Мал Папрадник, Центар Жупа, Баланци, Житинин и Оџовци.

Целна група: Сите жители

Рок на реализација: 2027 година

Буџет

100.000 евра

ПРОЕКТИ

Асфалтирање на пат до населено место Вапа

Опис на проектот

Патот е во должина од 2 км и е земјен, кој никогаш досега не бил асфалтиран.

Влијание на проектот:

Подобрување на патната инфраструктура за жителите од овој дел.

Целна група: Жители на населеното место, сточари, земјоделци

Рок на реализација: 2027 година

Буџет

100.000 евра

Санација на потпорен ѕид на селско игралиште во с. Броштица

Опис на проектот

Со овој проект ќе се санира ѕидот на игралиштето, кој претставува опасност за жителите.

Влијание на проектот:

Зголемување на безбедноста на жителите.

Целна група: Жители на село Броштица

Рок на реализација: 2027 година

Буџет

50.000 евра

МЕСНИ ПРОЕКТИ

Мал Папрадник

  • Бетонирање на дел од селската бразда

Броштица

  • Отворање на пристапен пат до базенот за водоснабдување
  • Санирање на потпорен ѕид на селското игралиште

Новак

  • Отворање, односно трасирање на земјени патишта за поврзување на селото со планинските пасишта
  • Изградба на каптажа на вода за пиење од изворот Насуфова млака во село Новак и изградба на водоводна мрежа од изворот до постојниот резервоар

Праленик

  • Изградба на нов крак за водоводна мрежа во должина од 4 км

Елевци

  • Асфалтирање на училишниот стадион
  • Поставување улично осветлување на дел од улиците