Драги жители на општина Дојран и сограѓани од цела Македонија,

Јас сум Ристо Џинев, роден и пораснат во нашиот убав град Дојран. Со срце и душа сум приврзан за ова место и затоа сакам својата работна приказна да ја завршам покрај нашето езеро – полно со живот, со богата природа и со среќни луѓе. Мечтаам повторно да пречекуваме насмеани гости и туристи, горди на нашиот Дојран, кој ќе биде пример за развој и заедништво.

Ниту можам, ниту сакам да ви ветам промени што ќе се случат преку ноќ. Овие промени ќе мора да ги донесеме сите заедно, со искреност, чесност и со труд. Не ветувам дека веднаш ќе ги решам сите пропусти од минатото, но време е сите да се погледнеме во очи и да ја признаеме вистината: долгогодишната негрижа кон нашиот град нѐ донесе до оваа состојба.

Во 21 век, не треба да зборуваме дека немаме доволно здравствена грижа, ниту дека езерото ни е без вода, а дека на шеталиштето се слушаат само жабите наместо детски гласови. Живееме крај езеро, а нашите цевки се празни, и бројот на туристите е сѐ помал, особено важи за помладите генерации. Се соочуваме со голем број недостатоци.

Затоа, ви се обраќам како пријател и сограѓанин: време е заедно да ги засукаме ракавите – не по моја желба, туку затоа што тоа го очекуваат и заслужуваат нашите деца и внуци.

Бидејќи иднината на Дојран е во нашите раце!

Ристо Џинев

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА ДОЈРАН

  • 1. Ратко Ајцев
  • 2. Роза Режак
  • 3. Никола Киров
  • 4. Милица Ризова
  • 5. Томица Стојилковиќ
  • 6. Наќе Балтаков
  • 7. Тимчо Ристов
  • 8. Тања Стојанова
  • 9. Слободанка Георгиевска

Ние, кандидатите за советници во општина Дојран од редовите на СДСМ се обраќаме до вас граѓаните на општина Дојран, директно без резерви и без предрасуди и со чисто лице и крената глава ја бараме вашата поддршка да бидеме вашиот глас и ваши претставници во органите на Општината. Ќе бидеме носители на вашите барања и контролори на сите одлуки на општинската администрација и Градоначалникот. Заедно можеме да обезбедиме подобри услови за живот и работа на младите како и достоинствени и удобни денови за возрасните и пензионерите. Ветуваме почиста животна средина, поголема транспарентност и чесност во работењето, со цел заеднички да направиме подобра општина за живеење за сите.

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

  • Изградба на нова прочистителна станица што ќе ги задоволи потребите на локалните жители како и на посетителите за време на туристичката сезона
  • Надворешна реконструкција на Домот на културата
  • Изградба на нова спортска сала во склоп на ООУ „Кочо Рацин“
  • Изградба на игротека во склоп на детската градинка „Кокиче“
  • Изградба на повеќе мини игралишта за деца
  • Изградба на капела во рамките на градските гробишта
  • Набавка и донации на повеќе возила и опрема за потребите на јавните претпријатија и на Доброволното противпожарно друштво
  • Асфалтирање и бетонирање на голем број улици во сите населени места во Општината
  • Уредување на постојните плажи како и отворање на нови плажи
  • Реставрација на културно-историските споменици и знаменитости
  • Поставување на примарна и секундарна канализациска мрежа
  • Покривање на Градскиот пазар во Нов Дојран
  • Урбанизирање на поголем дел од населените места во Општина Дојран

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

Нереализирани ветувања и проблеми

  • Целосно укинување на постојните урбанистички решенија во согласност со Деталниот урбанистички план (ДУП).
  • Изградба на спортска сала.
  • Изградба на нови плажи.
  • Изградба на зелени површини во форма на паркови како и голф-терени.
  • Оттуѓување на неколку капитални објекти, меѓу кои и домовите на културата во населените места Црничани и Николиќ, како и просториите наменети за верски обреди – парастоси во населбата Стар Дојран.
  • Изведба на органичено бетонирање на локалните улици како привремено решение, без целосно асфалтирање, што предизвикува проблеми за одржувањето и за безбедноста на сообраќајот.
  • Ветување за целосна реконструкција на Домот на културата во Нов Дојран, односно некогашната киносала.
  • Реконструкција и заменување на пумпите за отпадни води долж целата колекторска мрежа.
  • Пракса на партиски вработувања што се базирани на политичка припадност, наместо избор на професионален и компетентен кадар, што доведе до влошување на квалитетот на услугите и на администрацијата.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто се кандидирам? Што е мотивот?

Една од главните причини за моето кандидирање за градоначалник на општина Дојран е пред сè – вродената љубов кон родното место кое сакам да прерасне во европско и модерно летувалиште. Главниот мотив претставува човекољубието, просперитетот и напредокот на нашата општина во секоја пора на нашето живеење.

Колку е важно да се има визија за општината и за нејзиниот развој?

Единствениот начин за напредок, добро функционирање и развој на една општина е неселективното, пожртвувано и макотрпно работење во интерес на сите граѓани на општина Дојран. Несомнено, како општество може да одиме напред само доколку ги следиме принципите на еднаквост, правда и просперитет на секоја единка подеднакво, која пак ја формира крупната слика за општеството.

Што мора да се направи во следниот мандат?

Пред нас стои многу работа – Дојран не му припаѓа само на жителите на општината, туку на цела Македонија. Без потребното ниво и квалитет на водата, Дојранското Езеро го губи својот идентитет и значење. Затоа, неопходно е итно и целосно да се врати во функција хидросистемот за спас и зачувување на езерото – колку побргу, толку подобро.

Колку се важни младите за нашата општина?

Младите се двигател на секоја една општина, а особено во помалите општини како што е општина Дојран. Затоа, неопходно е субвенционирање на младите по различни основи, а се со цел нивен просперитет и напредок во сопственото место на живеење. Без млади нема иднина.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како може да се решаваат?

Општата безбедност на граѓаните не е на посакуваното ниво, и затоа сите институции треба да се вклучат проактивно за подобрување на општата безбедност на сите граѓани. Еден од главните проблеми кои може да бидат потенцирани е намалената безбедност по улиците во се поголемата фреквенција на сообраќај во нашата општина, недоволно обезбедените улици и заштитните огради – банкини како и светлосната и звучната сообраќајна сигнализација. Истата може да се подобри преку поставување на соодветни огради, електронски мерачи на брзините, мини лежечки полицајци, како и зголемена хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.

Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниот период?

Дефинитивно доброто планирање на просторот води до забрзан економски развој. Затоа е неопходно и донесувањето на урбанистичкиот план за населеното место Стар Дојран, со што би се ставило крај на урбаниот хаос кој владее во општината речиси две децении.

Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?

За наша среќа општина Дојран изобилува со доста чист воздух, меѓутоа неопходно е да се преземат конкретни мерки за подобрување на хигиената и нејзино подигнување на едно повисоко ниво на територијата на целата општина.

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?

Транспарентната, отчетна и отворена општина, која работи во интерес на сите граѓани и институции, има потенцијал да ја врати довербата во институциите. За тоа да се случи, потребно е само принципиелно и законско работење, без примена на протекции и привилегии.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Иселувањето е еден од најголемите проблеми кој најизразено се чувствува во помалите општини. Затоа, неопходно е да се преземат мерки за субвенционирање на младите и младите брачни парови, за да останат да живеат и работат во своите родни места. Ова може да се постигне преку отворање нови работни места на пазарот на трудот, што ќе го зголеми економскиот капацитет и стабилност на младите.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Чесноста, посветеноста и трудољубивоста се главните вредности по кои луѓето можат да ме препознаат. Тоа се основните карактеристики што ги водат моите постапки и токму затоа и ја барам довербата од моите сограѓани.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Програма и Приоритети

Млади

Младите се основните двигатели на едно општество, кои носат енергија и иновативност, што пак ја поттикнува прогресијата на секој сегмент. Затоа е од голема важност да се обезбеди нивно целосно и активно вклучување во сите општествени процеси. Тие треба да бидат носители на новото, модерно утре, создавајќи сопствени идеи и визии за иднината и активно учествувајќи во носењето клучни одлуки. Вклучувањето ќе се овозможи преку работилници, референдуми, јавни консултации и други форми на активно учество.

Жени

Жените играат една од најважните улоги во секој аспект на општеството. Нивниот придонес е клучен за ефикасно функционирање на заедницата. Здруженијата на жени и пензионери се активни промотори на општина Дојран, не само преку традиционални манифестации туку и преку промоција на туризмот, културата и кулинарството. Ќе биде дадена целосна поддршка за нивните активности за создавање услови за натамошен развој.

Секако, мора да внимаваме да не се доведеме во ситуација да имаме повеќе наставници отколку ученици, бидејќи тоа сериозно го нарушува квалитетот на образованието.

Култура

Крајно време е да се вратат значајните културни манифестации како Дојрански ракувања и Полински ноќи, кои беа едни од најпосетуваните и најпознатите летни настани во регионот. Обновувањето на овие манифестации ќе создаде нова динамика и ќе ја оживее туристичката понуда на Општина Дојран.

Спорт

Со особено внимание ќе се посвети развој на спортот како еден од најголемите обединители и можност за напредок. Дојран е познат како расадник на спортски таленти, од кои многумина станале дел од националните репрезентации. Ќе се вложат напори за развој на спортската инфраструктура и мотивирање на младите да се вклучат во спортски активности.

Транспорт

Преку постепено обновување на меѓуградските автобуски линии ќе се обезбеди поголема мобилност на граѓаните и подобра поврзаност со соседните градови. Ова ќе биде особено значајно за оние што секојдневно патуваат поради работа, училиште или други обврски.

Животна средина

Подобрувањето на квалитетот на животната средина е приоритет. Целта е чисти и безбедни услови за живот и подигање на свеста за екологијата. Акцентот ќе биде на хигиената, јавното осветлување, одржувањето на спортско-рекреативните објекти и разубавување на парковите, со што ќе се создадат зелени и пријатни простори за сите граѓани.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Реконструкција на Домот на културата

Опис на проектот

Овој капитален проект предвидува трансформација и внатрешна реконструкција на Домот на културата во Нов Дојран (ставање во функција на големата некогашна киносала) за потребите на културни, забавни и на секаков вид други манифестации. Реконструкција на канцеларискиот простор во склоп на Домот на културата, канцеларии што ќе ги користат и невладините организации како и опремување на подрачната канцеларија за водење на матични книги. Оплеменување на зелената површина пред објектите. Станува збор за еден од најстарите домови на културата во Македонија, а реконструкцијата на истиот се провлекува низ повеќе мандати почнувајќи од 2010 година, веќе цели 15 години. Треба да се земе предвид фактот дека ова е единствениот преостанат дом во рамките на општина Дојран (останатите во другите населени места за жал се оттуѓени). Време е Домот на културата да профункционира!

Влијание на проектот:

Со овој проект ќе се врати традицијата на Дојран како град со повеќе културни манифестации. Ќе придонесе за подобрување на локалниот економски развој, како и за запознавање на граѓаните со можноста за учество на ИПАРД-програмите и на другите европски фондови.

Целна група

Сите граѓани на општина Дојран.

Рок на реализација

2028

Буџет

255.000 €

Летна сцена

Опис на проектот

Изградба на летна сцена во Стар Дојран на која ќе се одвиваат сите културни и забавни настани, во централното градско подрачје. Враќање на Дојранските ракувања и Полинските ноќи како најзначајни културни настани во текот на летната сезона, а воедно би се збогатила и програмата за млади. Културно уметничката манифестација Дојрански ракувања е формирана пред четириесетина години, а содржината на програмата опфаќа: учество на играорни фолклорни групи, пејачки групи, класична музика, поетски вечери, детски претстави, драмски и театарски претстави како и симпозиуми за значајни личности и настани од регионот и земјата. Досега овие настани се одржуваа на отворен простор без соодветна инфраструктура, и од тие причини е потребна изградбата на летна сцена за околу 500 посетители со соблекувални и со помошни простории.

Влијание на проектот:

Со изградбата на летна сцена ќе се зголеми бројот на културни манифестации што е во прилог на сите возрасни категории граѓани на Општина Дојран.

Целна група

Сите граѓани и гости/туристи.

Рок на реализација

2027

Буџет

120.000 €

Градски стадион

Опис на проектот

Овој капитален проект предвидува трансформација, модернизација и реконструкција на сегашниот Градски стадион, негово оградување, изградба на нови соблекувални со службени простории, мини фитнес клуб (теретана) како и канцеларии за здружението на пензионери и здружението на жени од општина Дојран. Опфаќа изведба на дупнатина за техничка вода што би се користела за полевање на Градскиот стадион во текот на летните месеци со што би се намалила потрошувачката на вода од водоснабдителниот систем за питка вода. Потоа, поставување пластични столчиња (седишта), конструкција за покривање на единствената трибина и поставување рефлектори за да може да се користи стадионот и во ноќни услови. Со тоа се подобруваат условите за локалните спортисти како и за младинските репрезентации на Македонија кои се чести гости на нашиот стадион. Реконструираниот Градски стадион ќе може да го користат сите спортски здруженија од Општина Дојран. Ќе се овозможи повеќе фудбалски екипи од земјата и странство да присуствуваат на подготовки во Дојран со што ќе се зголеми искористеноста на објектот, како и зголемувањето на приходите надвор од сезоната.

Влијание на проектот:

Со реализацијата на овој проект ќе се подобри квалитетот на организацијата на спортските настани. Истиот ќе може да го користат ФК Беласица – Николиќ, ФК Борец – Фурка, ФК Дојранско Езеро – Нов Дојран, ФК Младост – Црничани, ФК Полин – Стар Дојран, ФК Џокер – Фурка, ЖФК Истатов.

Целна група

Сите граѓани на Општина Дојран.

Рок на реализација

2026

Буџет

155.000 €

ПРОЕКТИ

Пристапен пат – населено место Николиќ

Опис на проектот

Тампонирање и асфалтирање на пристапниот пат од населеното место Николиќ до плажата Nikolich Beach што би придонело за развој на туризмот во Николиќ, населено место што има голем потенцијал. Изградбата на фабриката за челични производи и плодното земјиште кое овозможува добар принос на градинарски производи придонесе значително да се подобри квалитетот на животниот стандард на населението од тоа населено место. Изградени се и значителен број викенд-куќи кои се во непосредна близина на езерото што условува потреба од изградба на пристапниот пат.

Влијание на проектот:

Развој на самото населено место и на туризмот како рентабилна гранка, олеснет пристап до самата плажа и ставање во функција на една од најубавите плажи на брегот на Дојранското Езеро.

Целна група

Сите граѓани и посетители

Рок на реализација

2028

Буџет

110.000 €

Реконструкција и проширување на локалниот пат до влезот на с. Фурка

Опис на проектот

Реконструкција и проширување на локалниот пат кој води од раскрсницата Валандово – Дојран кај населеното место Фурка, па до самиот влез на селото. Имајќи предвид дека најголемиот број транспортни компании во општина Дојран доаѓаат од Фурка, неопходна е реконструкцијата и проширувањето на оваа делница. Истиот пат го користи и АРМ којашто тука има стратешки објект, еден од ретките коишто АРМ го користи во овој регион.

Влијание на проектот:

Овој проект овозможува подобрени услови како за патничкиот така и за товарниот сообраќај.

Целна група

Сите граѓани

Рок на реализација

2029

Буџет

175.000 €

Уредување на гробиштата и на помошните простории

Опис на проектот

Уредување и оградување на гробиштата во населено место Црничани, како и приспособување на просторијата за парастоси и приклучување на истата на електрична енергија, опремување со електрични апарати и со уреди за ладење и греење. Изградбата на црквата е во завршна фаза преку донации најчесто од месното население и од локални фирми. Пристапот до самата црква е отежнат и воопшто не е уреден. Бидејќи се наоѓа во центарот на селото, значајно ќе биде овој простор да се поплочи, односно да се облагороди и уреди.

Влијание на проектот:

Подобрени услови за основните потреби на жителите на населено место Црничани.

Целна група

Жителите на населено место Црничани

Рок на реализација

2026

Буџет

32.000 €

Друмски пат до с. Ѓопчели

Опис на проектот

Пробивање на алтернативен друмски пат до село Ѓопчели што ќе се користи за прибирање на стоката до атарот на самото село и ќе биде од голема помош како за сточарите така и за луѓето што се бават со земјоделие во Ѓопчели, како и тампонирање на патот што води до селските штали.

Влијание на проектот:

Подобрување на основните услови за живот на жителите во с. Ѓопчели

Целна група

Жители на с. Ѓопчели

Рок на реализација

2026

Буџет

30.000 €

Реконструкција на Градскиот пазар и зголемување на капацитетот на паркингот

Опис на проектот

Проектот вклучува реконструкција на градскиот пазар во Стар Дојран, што се наоѓа во централното градско подрачје. Со реконструкцијата ќе се постигне и зголемување на капацитетот за паркирање во централното градско подрачје како и во периферните делови.

Влијание на проектот:

Проектот ќе овозможи подобрени услови за развој на трговијата и туризмот.

Целна група

Сите граѓани на општина Дојран.

Рок на реализација

2027

Буџет

45.000 €

МЕСНИ ПРОЕКТИ

Стар Дојран

  • Носење на урбанистички план за Стар Дојран, отворање на повластени градежни парцели за млади брачни парови во Стар Дојран
  • Нова дупнатина за питка вода во Стар Дојран и поставување на секундарна канализациона мрежа
  • Санација и асфалтирање на три улици во Стар Дојран, уредување и проширување на капацитетот за гробни места и изградба на просторија за погребални услуги во Стар Дојран, поставување на светлечки крст во подрачјето над црквата „Св. Илија“
  • Уредување и оплеменување на плажите во Стар Дојран
  • Дупнатина за питка вода и ново улично расветлување во Куртамзали

Нов Дојран

  • Нова дупнатина за питка вода во Нов Дојран
  • Реконструкција на салата за погребални услуги и парастоси во Нов Дојран
  • Асфалтирање на дел од ул. „Кочо Рацин“ кој се спојува со хидросистемот Топлец
  • Отворање повластени градежни парцели за млади брачни парови, поставување јарболи со државните и општинските обележја (знамиња) во Нов Дојран
  • Изградба на пешачка патека од поранешното рибарско претпријатие до градската плажа Калдрма во Нов Дојран и нејзино облагородуање

Фурка

  • Оградување, уредување и проширување на капацитетот на гробиштата во Фурка чиј капацитет е речиси исполнет
  • Поставување јарболи со државните и општинските обележја (знамиња) во Фурка
  • Подобрување на водоснабдувањето во Ѓопчели, како и проширување на уличното расветлување
  • Доградба на пречистителна станица за отпадни води во Фурка
  • Изградба на просторија за потребите на месната заедница и здружението на пензионери во склоп на поранешниот Дом на културата

Николиќ

  • Пуштање на крак за поврзување на Николиќ со колекторскиот систем во Нов Дојран
  • Изградба на летниковци во близина на светиот крст над Николиќ
  • Бетонирање на улицата која води до селските гробишта во Николиќ
  • Поставување јарболи со државните и општинските обележја (знамиња) во Николиќ
  • Уредување и поставување на спортски реквизити во склоп на училишниот двор во Николиќ
  • Изградба на мини плоштад за културни манифестации

Црничани

  • Нова дупнатина за питка вода во Црничани
  • Поставување јарболи со државните и општинските обележја (знамиња) во Црничани
  • Ставање во функција на индустриската зона Душановац
  • Доградба на пречистителната станица за отпадни води во Црничани
  • Изградба на летниковци во близина на Светиот крст над Црничани