Почитувани сограѓани,
Иднината ја креираат оние што дејствуваат со храброст, со визија и со решителност. Се соочувавме со предизвици претходно и ќе се соочиме со нив повторно. Но заедно можеме да го претвориме секој предизвик во дела, во резултати. Резултати сега, резултати во првиот ден, во првата недела, во првиот месец, резултати во првата година во петтиот мандат.
Општина Илинден заслужува повторно да блесне. Илинден заслужува да биде на мапата - како град на напредокот, иновацијата, на учењето, на инвестициите, на културата, град на младите.
Да се биде градоначалник на Општина Илинден е голема чест и вистинска привилегија, но истовремено и голема одговорност и предизвик, но се чувствува тежината на привилегијата и на одговорноста. Да ми биде доверено раководството на нашата општина не значи само администрирање на буџети или потпишување документи - туку да бидам чувар на нашата колективна иднина, слуга на народот и визионер што може да ги претвори денешните можности во утрешен напредок.
Секојдневно сум тука, меѓу вас, одам по истите улици и ги споделувам радостите и фрустрациите на оваа заедница. Но покрај таа лична врска, моето животно дело е посветено на една мисија: растот и позитивната трансформацијата на Општина Илинден.
Се познаваме многу добро, поминувавме заедно низ развојот на општината, растевме заедно, секогаш размислувам за можноста за постигнување ефект во целина и активирање на креативноста и иновативноста со своето целокупно знаење и искуство.
Во текот на изминатиот повеќегодишен период се посветив на работење и служење како ваш градоначалник, но и го трасирав патот на постојан професионален развој.
Нашиот свет се менува со брзо темпо - нови технологии, нови економски модели, нови притисоци врз животната средина, нови форми на управување.

Затоа, во текот на овие години се стремев кон знаење, обука и проучување на локалното управување, глобалните фактори на локален економски раст, ги проучував современите двигатели на одржливите општини и работев неуморно во областа на градење локална самоуправа заснована врз знаење и како најдобрите меѓународни практики можат да се применат токму тука, во Општина Илинден.
Во изминатите 4 години за Општината беа пасивни години - години без напредок, без развој, без визија, години кога нашата општина како да застана и потона.

Сме ја граделе Општината, беше лидер во сѐ, лидер во сите области на работењето, и сега одеднаш тоне. Се прашуваме, како би требало да реагираме? Индиферентно, рамнодушно, незаинтересирано, или со повлекување што би значело поддршка. Кандидатурата ја гледам како можност да се промени постојната ситуација, трендот на опаѓање и уназадување на Општината.
Во такви времиња, ми беше полесно да се повлечам, да се свртам кон приватниот живот, да уживам во почитта што веќе ја стекнав и знаењето дека го направив својот дел. И да, по многу години служба, може да се избере полесниот пат. Кога ќе изградите кариера, ќе ја заработите вашата почит и ќе ја докажете вашата способност, примамливо е тивко да ја напуштите сцената, да влезете во приватниот живот и да гледате отстрана.
Но не можам да се одморам додека Илинден молчи. Зар да молчиме, зар да чекаме, не може да се прифати стагнација кога знаеме дека сме способни за многу повеќе.
И да бидам јасен:
Мојата упорност не доаѓа од амбиција, туку од тој повик. Од вашата доверба, од вашата храброст, од вашето барање за подобра иднина. Ова е она што ме мотивира да служам, да се борам и заедно да ја водиме Општина Илинден.
Мојот телефонски број е ист 25 години, и не го менувам!
Почитувани сограѓани,
Низ моите години служба, ме водеше едно мото:
„Да ги искористиме силните страни на Општина Илинден“, затоа што силните страни на Општината се реални. Тие не се увезени, не се позајмени, не се зависни од други. Тие се наши. Силата на напорната работа на нашите луѓе, силата на нашите можности, локација и ресурси, силата на нашата традиција во комбинација со амбиција.
Силата на нашите училишта, нашето знаење, нашите семејства, нашата младина. Ние знаеме како!
Да продолжиме напред со самодоверба!
Да ставиме стоп на фалсификатот, стоп на сиромаштијата, стоп на корупцијата!
Да ги ставиме на дело нашето знаење, нашите вештини и нашата храброст!

Со почит и благодарност,

Жика Стојановски

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА ИЛИНДЕН

  • 1. Мишо Марковски
  • 2. Мирче Симоновски
  • 3. Илина Димитријевска
  • 4. Момчило Најдовски
  • 5. Александар Мирчевски
  • 6. Виолета Печенпетеловска
  • 7. Драгиша Шишковски
  • 8. Ќамиле Бајрами
  • 9. Горица Симоновска
  • 10. Александар Лилиќ
  • 11. Николина Јовановска
  • 12. Ана-Марија Христовска
  • 13. Весна Ѓорѓиевска
  • 14. Ротка Петровска
  • 15. Игор Видиниќ

ПОЧИТУВАНИ СОГРАЃАНИ,
Ние не доаѓаме пред вас со голи ветувања. Доаѓаме како луѓе што живеат овде, со вас, секој ден. Ги делиме истите проблеми, ги живееме истите предизвици и имаме иста желба Илинден да биде општина по мерка на граѓаните.
Затоа, како кандидати за советници предводени од СДСМ, ви порачуваме:
Вашите проблеми се и наши проблеми. Вашиот глас ќе биде наш глас во Советот на Општината. Ние нема да бидеме советници што седат зад маси и носат одлуки без вас. Ќе бидеме со вас, на терен, лице в лице. Ќе слушаме, ќе прашуваме, ќе предлагаме. Ќе бидеме ваши застапници, ваши гласноговорници и борци вашите идеи, потреби и барања да бидат слушнати и реализирани. Ќе се грижиме за секоја улица, секое маало, секоја населба. Ќе бидеме присутни таму каде што другите молчат. Ќе работиме чесно, отворено и заедно со вас – затоа што само така може да се направи вистинска промена.
Ова не е наша лична борба, ова е заедничка борба за подобар Илинден.
Изберете советници што ќе ве слушаат. Изберете луѓе што ќе бидат до вас во секој момент.
Изберете го Илинден што го заслужуваме сите!

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

И покрај сите ветувања, не изградија ниту едно ново училиште, туку се фалат со проекти започнати или завршени од претходната власт, или се сликаат со фасадни обнови и туѓи успеси. Не изградија ниту една нова детска градинка, само доградби и адаптации што ги претставуваат како капитални проекти. Нема нова фекална канализација, иако тоа беше една од најгорливите потреби во повеќе населени места. Не изградија ниту една пречистителна станица, а постојните што со години функционираа беспрекорно, денес се запуштени и нефункционални. Наместо развој и грижа за животната средина, создадоа нови диви депонии и локации претворени во ѓубришта на очиглед на сите и без никаков срам. Ова не е одговорно владеење, ова е занемарување на основните потреби на граѓаните.

Време е за одговорна и чесна локална власт што ќе работи, а не само ќе се слика!

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто (повторно) се кандидирате? Што е мотивот?

Јас и жителите на Општина Илинден имаме директна релација, мене ме знаат како Жика Стојановски, како човек што четири мандати посветено ја вршеше службата на градоначалник еднакво за сите. Секојдневно се среќаваме и комуницираме на мојот број на телефон, кој 25 години е ист и не го менувам. Потребата општината да се врати на патеката на континуитет на раст од пред 4 години не е само потреба, туку и неопходност. Луѓето мене не ме знаат од вчера, туку од заедничка повеќегодишна неуморна работа. Во изминатите четири години општината беше во стагнација, во застој, без напредок, без видливи резултати и назадуваше. Мојот мотив е да се врати сјајот на Општина Илинден, да се активира потенцијалната енергија, да се реализира визијата Општина Илинден повторно да биде лидер во сите области од работењето и живеењето. Кандидатурата ја гледам како можност и предност со која дефинитивно со сигурност ќе се промени постојната ситуација, трендот на опаѓање и уназадување на Општина Илинден како локална заедница. Мојот мотив е да постигнеме ефективни резултати, сите заедно, сплотени за идните генерации, за генерациите што растат, за младите. Мојата посветеност на напредокот на локалната самоуправа се заснова врз идеја, планирање, градење, креирање самоодржлива општина и раст на квалитетот на животот и среќата на луѓето што живеат во неа. Тоа е најдобриот рецепт за следните четири години, за мојот петти мандат заедно со вас, драги сограѓани. Сето ова го имам на ум кога зборувам за нашата успешна заедничка работа и нашите достигнувања. Сите ние го знаеме сето тоа. Но понекогаш е неопходно да се повториме, да се потсетиме и да бидеме уште посвесни за тоа. А предизборното време, времето кога се ближат изборите за нов мандат, е такво време. И затоа го повторувам тоа сега секој ден. Ние сега зборуваме за нашето живеење и благосостојба во следниот период, за следните четири години. И сакам да продолжиме да работиме заедно, тоа е мојата цврста одлука и намера. И тоа можам да го сработам само заедно со вас. Со вашата поддршка, со ваше прифаќање, исто како што работевме во минатите години.

Колку е важно да се има визија за општината, за нејзино подобро функционирање и за нејзин развој. Дали во тој контекст е потребно да се има и визија за општеството во целина?

Имаме јасна визија, Општина Илинден е препознатлива, потврдена, економски силна, урбана општина со современи услови за живеење и стопанисување, каде што образованието, знаењето и информациско-комуникациската технологија (ИКТ) се императив за растечкиот стандард на човечкиот капитал. Локалната власт без визија реагира само на инцидентни проблеми, секогаш доцни, не е насочена е кон барање решенија и одговори, туку изговори. Со јасна визија и мисија знаеме на што сме посветени, кои се нашите приоритети и како да ги реализираме, знаеме како да управуваме со современите фактори на растот на локално ниво и градење локална самоуправа заснована врз знаење. Значајно е да потенцирам дека при планирањето на нашите секојдневни активности, треба да размислуваме за идните генерации и да им искажеме почит и признание на претходните генерации. Во суштина, одржливиот развој е процес на промени во кој користењето ресурси, насочувањето инвестиции, ориентација на техничкиот и технолошкиот развој и институционалните промени се во хармонија и ги зголемуваат како сегашните, така и идните потенцијали со цел да се задоволат човечките потреби и аспирации. Во тој контекст , потребно е да се има визија за општеството во целина, Македонија како земја во развој треба да ја гради својата визија во функција на подобрување на животот на секој човек, кој низ развојот треба да се потврди како креатор на нови можности, реализатор на различните аспекти на колективното живеење и партнер во глобалните економски и општествени процеси.

Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат и натаму? Нешто што ќе направи промена. Дали е доволно да се понудат само инфраструктурни проекти?

Технолошкиот развој и информациско-комуникациската технологија особено напредува и носи нови можности за развој на работењето, управувањето, безбедноста и давањето општински услуги. Таков експанзивен тренд се очекува и во иднина, а Општина Илинден потребно е и мора да биде една од најнапредните, најактивните и најатрактивни општини во Македонија и во регионот, имаме цел целосно искористување на силните страни и човечкиот капитал, коишто ќе придонесат за подобар квалитет и услови за живеење и работење на своите граѓани. Мојата заложба е:
а) Образование и човечки капитал Нашите деца се нашиот најголем ресурс. Градинките, основните и средните училишта се достигнувања и основа за висококвалитетно образование усогласено со европските стандарди. Ние мораме да се осигуриме дека овие институции обезбедуваат модерно образование. Дигитална писменост, странски јазици, STEM-програми - ова веќе не се луксуз, туку се неопходни потреби вклучени во образованието. Исто така, мора да инвестираме во доживотно учење, давајќи им на возрасните можности за преквалификација и надградба на вештините. Во свет каде што технологијата и индустријата вршат брзи промени, нашите граѓани секогаш треба да бидат во тек.
б) Инфраструктура и животна средина Урбанизацијата мора да биде паметна и одржлива. Мора да се оддалечиме од идејата дека само инфраструктурата е доволна. Патиштата и објектите се важни, но тие се само. Нашата заложба е модернизација на инфраструктурата, патиштата, јавниот превоз и комуналните услуги, со силна посветеност и фокусирање на еколошката одговорност, заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Зелените површини, чистата вода, проектите за обновлива енергија и одржливо интегрирано управувањето со отпадот мора да бидат дел од пакетот. Општина Илинден не само што треба да расте туку и треба да се развива правилно, чисто и здраво.
в) Економија и работни места
Локалните економски зони остануваат една од нашите најсилни страни и можности. Со привлекување инвестиции и проширување на постојните, можеме да создадеме нови работни места, но не какви било работни места – туку сигурни, достоинствени, постојани, безбедни, со поголема додадена вредност, работни места што им даваат на луѓето причина да останат и иднина во која можат да веруваат. Исто така, мора да ги поддржиме напредните мали бизниси, стартап-компаниите со поголема додадена вредност, и младите претприемачи, со гаранции, со сигурност, обезбедувајќи им ја инфраструктурата и регулаторната рамка што им се потребни за да напредуваат.
г) Транспарентност и доверба Секој напредок ќе биде бесмислен без доверба. Граѓаните мора да знаат што работиме, што правиме, како и зошто го правиме тоа. Буџетите, тендерите, проектите - тие мора да бидат отворени, достапни и разбирливи. Транспарентноста не е слоган, таа е основа на кредибилитетот. Со воведување дигитален пристап до општинските услуги, вештачка интелигенција, управување и контрола на постапките за јавни набавки, транспарентност во јавните средства и искоренување на корупцијата, особено во јавната администрација, комуналните претпријатија и јавните набавки, се разбива стравот од предрасуди и ригидноста на администрацијата.
д) Заедница и идентитет
Конечно, мора да запомниме дека локалната самоуправа не е само патишта и буџети. Тоа се луѓе, култура, традиции и обичаи. Мора да го поттикнеме и да го негуваме чувството дека Општината Илинден е заедница на која вреди да се припаѓа, место каде што постарите лица се чувствуваат почитувано, младите се чувствуваат ангажирано, активни, исполнети, а семејствата се чувствуваат сигурно и безбедно.

Колку се важни младите за нашата општина?

Општината не ја наследивме од нашите татковци, туку ја позајмивме од нашите деца. Сè што правиме денес, секој пат што го градиме, секоја тула поставена, секоја фабрика што ја отвораме, секое дрво што го садиме, го правиме за идните генерации, за младите, за децата што растат. Тие имаат право на чист воздух, здрав живот, безбедност во сообраќајот, квалитетно образование, култура и заедница во која ќе се чувствуваат среќни да живеат. Светот останува на младите, во младите е иднината. Во младите е силата. Затоа велиме да ги искористиме силните страни на Општина Илинден. Една од силните страни на општината се младите. Новата локална власт во целост дава поддршка на проектите со кои се поттикнуваат младите и дава поддршка, почнувајќи од образованието, на воспитно-образовниот процес, поддршка на младите како академски граѓани, поттик и поддршка да започнат сопствен бизнис, и посебна поддршка даваме на секоја идеја на младите, која ќе биде од особено значење и интерес за подобрување на животот во Општина Илинден. Во четиригодишниот период што следува, се обврзуваме целосно да ги реализираме проектите што се однесуваат на младите.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како може да се решаваат?

Сообраќајната безбедност и чистиот воздух се клучни за квалитетот на животот во Илинден. Безбедност во сообраќајот, безбедни улици со добро обележани пешачки премини, јасна сигнализација и контрола на брзината се основа за секојдневната сигурност на граѓаните. Во исто време, зачувувањето на воздухот од загадување, спречувањето на депонијата што се создаде во изминативе 4 години и спречување нови диви депонии и локации со ѓубришта, потенцијални за запалување и пожари, со тешки последици за здравјето на сите нас.

Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниот период?

Кога корупцијата владее, просторното планирање се занемарува и настанува хаос што го загрозува квалитетот на животот. За нас, просторното планирање и мобилноста се императив за функционирање и нема простор за импровизација. Ние изработуваме детални урбанистички планови, каде што јасно се дефинираат зоните. Зони за домување со чиста и безбедна околина, доволно зелени површини и пристапни улици. Зони за индустрија и бизнис-зони издвоени од станбените делови, со добра патна мрежа и услови за инвестиции. Јавни содржини, училишта, градинки, во секоја населба. Организирани паркинг-простори, велосипедски патеки и јасни пешачки зони. Зелени појаси и паркови како заштитен појас околу урбаните средини.

Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?

Општина Илинден беше препознатлива токму по јавната чистота и хигиена, по навремено и беспрекорно собирање, селектирање и изнесување на комуналниот отпад и негово депонирање надвор од територијата на општината во санитарната депонија Дрисла, определена за фрлање на отпадот за Скопскиот Регион. За жал, во Општина Илинден во последните 4 години се создадоа толку многу големи диви депонии и локации со ѓубришта што едноставно сме присилени, приморани да живееме на ѓубриште, живееме и се труеме од загаден воздух и почва. Што може да се очекува од актуелната неодговорна и несовесна општинска власт?!
За овој проблем имаме решение, резултатот го постигнуваме веднаш и сега!
- Силни контроли, вложување и транспарентност во справувањето со отпадот.
- Интегрирано и одржливо управување и третман на комуналниот отпад.
- Рекултивација и ревитализација на деградиран простор (диви депонии, ѓубришта и нефункционални загадени локации);
- Уредување на паркови и нови зелени површини, пошумување на околината.
Овој пакет на проекти и активности директно влијаат врз подобрувањето и заштитата на животната средина, за долгорочен период, ТРАЈНО!

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?

Граѓаните сè повеќе критички ја посматраат локалната самоуправа и нејзините аспирации за подобри образовни и здравствени услуги, како и програмите за подобрување на економските можности. Значајно обележје на современиот процес на економска и политичка демократизација претставува јакнењето на улогата на граѓанинот. Реториката и теоријата на децентрализацијата ветуваат подобро управување и подлабока демократија бидејќи јавните функционери сега се директно одговорни за своите постапки, а граѓаните се повеќе вклучени во решавање на локалните проблеми. Притоа, најважни причини за постигнување поповолни крајни резултати на локалната власт е враќање на довербата преку подобрување на општинските услуги, поголема транспарентност, поголема информираност на граѓанинот и поцелисходен пристап од страна на локалната власт кон прашањата за идниот развој на заедницата.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Преку интегриран пристап што ќе овозможи економски, социјален и културен развој може да се задржат луѓето. Иднината не се гради со празни простори – иднината се гради со луѓе, со заедници и со визија за траен, одржлив развој. Создавање на сите услови што го подигнуваат критериумот за генерален раст и развој на квалитетниот живот на граѓаните и раст на нивната среќа. За да останат младите и семејствата во своите места, потребно е да им се понуди перспектива за достоинствен живот, работа и развој, како што се економска сигурност, квалитет на живеење, поддршка за младите и семејствата.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Делата се огледало за успешноста на еден градоначалник, жителите на Општина Илинден гласаат за дела и резултати. Затоа што ги отворам перспективите во критични моменти, отворен сум и флексибилен, ве уверувам дека ова е вистински избор. Затоа што сум стратегиски ориентиран и имам креирано план за акција. Тука сум да иницирам фокус на визијата и исполнување на целите, со задржување на вниманието кон значајни теми и активности. Можам да овозможам жителите на општината да ја постигнат својата цел, придонесувајќи со идеи и стручност, да ги соопштуваат соодветните проблеми, да преземаат иницијативи, да соработуваат меѓусебно и да работиме заедно. Можам да придонесам да се достигне повисоко ниво на реализација и задоволство. Да поттикнам постојано унапредување на организациските системи и да го промовирам значењето на победничките решенија. Во текот на овие години се стремев кон знаење, обука и проучување на локалното управување, глобалните фактори на локален економски раст, ги проучував современите двигатели на одржливите општини и работев неуморно во областа на градење на локална самоуправа заснована врз знаење и на тоа како најдобрите меѓународни практики можат да се применат токму тука, во Општина Илинден. И на крајот, знам како да го споделиме, да го прославиме и да се радуваме на заедничкиот успех.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Нашата визија за Илинден

Млади

  • Формирање младински клубови и иницијативи во соработка со средните училишта и невладините организации.
  • Финансиска поддршка за младинско претприемаштво (мали грантови, обуки, co-working простор).
  • Организирање локални младински форуми – гласот на младите во креирање локални политики.
  • Бесплатни спортски, културни и образовни програми во општинските установи.

Жени

  • Поддршка за жени претприемачи – обуки, менторство и финансиска помош.
  • Воспоставување локален центар за родова еднаквост и заштита од семејно насилство.
  • Кампањи и настани за јавно учество на жените во политиката и локалното одлучување.

Пензионери

  • Отворање дневни центри за стари лица со здравствени и рекреативни содржини.
  • Програма за домашна нега и поддршка за самечки и неподвижни пензионери.
  • Организирани меѓугенерациски настани (пензионери и млади) за размена на знаење и искуства.

Лица со попреченост

  • Обезбедување пристап до јавни простори, училишта и установи.
  • Вклучување во работни програми и општински совети.
  • Поддршка за родители и старатели преку психосоцијални и логистички сервиси.

Образование

  • Унапредување на условите во училиштата: греење, тоалети, безбедност, ИТ-опрема.
  • Програма за бесплатен јавен превоз за ученици и студенти.
  • Едукација за екологија, граѓански вредности и дигитална писменост.

Култура

  • Поддршка на локални културни уметници, музички и театарски групи.
  • Организирање локален фестивал на културата, изложби и креативни работилници.
  • Реконструкција и активација на запуштени културни објекти.

Спорт

  • Бесплатни спортски школи за деца и млади.
  • Инвестиции во спортски терени и игралишта во секое населено место.
  • Поддршка за женски спортски клубови и лица со попреченост.

Транспорт

  • Воведување еколошки автобуси и подобрување на линиите низ целата општина.
  • Инсталирање велосипедски патеки и паркинг-зони за велосипеди.
  • Поддршка за споделен превоз и мобилни апликации за следење јавниот превоз.

Животна средина

  • Чистење на дивите депонии и воведување санкции за загадување.
  • Акции за масовно пошумување и уредување на парковите во секоја урбана заедница.
  • Образовни кампањи и училишни екоклубови.
  • Воспоставување рециклажни пунктови и екоконтејнери во сите населени места.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Изградба на ново училиште

Опис на проектот

Изградба на ново училиште - енергетски ефикасен објект, смарт-објект.
Со проектот, воспитно-образовниот процес ќе се одвива во нов објект со висок критериум на селекција на материјали и квалитет на внатрешна околина.
Подобри услови за одвивање и следење на наставата, подигнување на нормите, вредностите и стандардите во образованието.
Образованието претставува една од најзначајните области за развој и фактор на современиот раст, а инвестирањето во осовременувањето и унапредувањето на квалитетот на образовниот процес е главен двигател за одржлив економски и социјален развој на локалната заедница.

Влијание на проектот:

Подобрување на условите во образование, како и обезбедување квалитетна образовна инфраструктура со просторни услови за одвивање на современа наставна програма. Инвестициите во областа на образованието, се трајна определба во насока на подобрување на условите за живеење, квалитетот на животот и животниот стандард на жителите. Целта е на учениците да се обезбедат квалитетни услови за покажување на нивните способности и постигнување високи резултати во образовниот процес.

Целна група: Ученици, родители, наставници, сите граѓани

Рок на реализација: 2027 година

Изградба на затворен универзален базен

Опис на проектот

Изградба на енергетско-ефикасен објект за затворен универзален базен спремен за рекреативно и професионално пливање, согласно со стандардите за одржување меѓународни натпревари во пливање. Предвидени се услови за деца од училишна возраст, младинци и професионални пливачи.

Влијание на проектот:

Вложувањето во универзален базен е од особено значење за развој на дисциплината и одржување на здравјето кај децата и младите и развој на спортски натпреварувачки дух. Базенот ќе отвори поголеми можности за спортување на младите во Општина Илинден, како и за рекреативно пливање во текот на сите четири годишни периоди.

Целна група: Деца, младинци, професионални пливачи и рекреативци

Рок на реализација: 2027 година

Изградба на две нови спортски сали

Опис на проектот

- Изградба на нова спортска сала во дворот на подрачното Основно општинско училиште „Гоце Делчев“ Илинден, со капацитет од 1 200 седишта, со простор за реквизити и гардероби.
Целосно опремена за организирање училишни спортски активности за потребите на образовно-воспитниот процес, за одржување општински спортски натпревари и државни спортски натпревари.

- Изградба на нова спортска сала во дворот на Основното општинско училиште „Браќа Миладиновци“ во Миладиновци, со простор за реквизити и гардероби, со капацитет од 1 200 седишта.
Целосно опремена за организирање училишни спортски активности за потребите на образовно-воспитниот процес, за одржување општински спортски натпревари и државни спортски натпревари.

Влијание на проектот:

Вложувањето во спортот е вложување во психофизичкото здравје на граѓаните на една општина. Поттикнувањето на спортскиот дух е инвестиција во иднината на нашите сограѓани. Оваа сала ќе овозможи подобри услови за сите млади љубители на спортот, со подобри резултати и поголеми успеси, правилен развој на младите и здрав дух.

Целна група: Ученици, младинци, спортисти, сите жители.

Рок на реализација: 2028 година

Спортско-рекреативен парк „Илинден“

Опис на проектот

Проектот е во насока на збогатување на спортско-рекреативната содржина во општината.
Со активностите ќе се реализира:
- Доградба на скејт-паркот
- Поставување на спортски и фитнес-реквизити
- Уредување на површина од 18.000 м2
- Парк за миленици
- Детски реквизити за деца од предучилишна возраст
- Болдер-карпа

Влијание на проектот:

Збогатување на спортско- рекреативниот живот на граѓаните, подобрување на квалитетот на живеење, подобри услови за рекреација и социјализација.

Целна група: Сите граѓани

ПРОЕКТИ

Изградба на нова детска градинка во населба Илинден

Опис на проектот

Проектот има цел изградба на нов објект за детска градинка и зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст и јасли.
Енергетско-ефикасен објект со капацитет за згрижување на 400 деца, со просторна површина од 2000 м2, со 17 занимални, современа кујна, сала за приредби и манифестации.

Влијание на проектот:

Градинката ќе обезбеди дополнителен и безбеден простор за згрижување и развој на најмалите, поквалитетен и спокоен живот на родителите, повеќе време за извршување на професионалните и семејните обврски во текот на работната недела.

Целна група: Деца од предучилишна возраст и родители

Рок на реализација: Крај на 2028 година

Заштита на животната средина

Опис на проектот

- Водоснабдителни и канализациски системи – модернизирање и проширување.
- Систем за прифаќање, третман и одведување на отпадните фекални води од домаќинствата и стопанските објекти.
- Интегрирано и одржливо управување и третман на комуналниот отпад.
- Рекултивација и ревитализација на деградиран простор (диви депонии, ѓубришта и нефункционални загадени локации).
- Уредување на паркови и нови зелени површини, пошумување на околината.
Овој пакет на проекти и активности директно влијаат врз подобрувањето и заштитата на животната средина, за долгорочен период, ТРАЈНО!

Влијание на проектот:

Континуирана изградба на фекална канализација со пречистителни станици.
Воспоставувањето систем за прифаќање, третман и одведување на отпадните фекални води од домаќинствата и стопанските објекти, значи подобрување во областа на заштита на животната средина и поквалитетни услови за живеење.
Целосно автоматизирани пречистителни станици претставуваат модуларни системи што зафаќаат мал простор, имаат мала потрошувачка на електрична енергија и може да се надградуваат во согласност со зголемувањето на нивниот капацитет.
Ова е проверен концепт што ќе биде спроведен, со примена на мали пречистителни станици за прифаќање и третман на отпадните води.
По третирање на отпадните отпадни води во пречистителните станици, тие како чиста вода се испуштаат во отворените одводни канали.
- Во насока на обезбедување квалитетни и ефикасни комунални услуги за потребите на граѓаните и стопанството и изнесување на целокупниот отпад од територијата на општината, веднаш, итно, воведуваме Интегрирано и одржливо управување и третман на комуналниот отпад. Целта е справување и надминување на создавање на диви депонии и ѓубришта , најголемите загадувачи на просторот, воздухот, почвата и водите.
- Проектот обезбедува набавка на комунална опрема и возила како и опрема за примарна селекција на комунален отпад.
- Три канти за смет, за селектирање и рециклирање на смет и комунален отпад ќе биде доделена на секое домаќинство, во рамките на проектот.

Целна група: Цело население, сите жители

Рок на реализација: Веднаш, континуирано.

Туризам - Изградба на аутлет мол

Опис на проектот

Овој проект содржи изградба на современ и модерен аутлет мол со вотерленд (воден парк), хотелски капацитети, простор за кампинг возила трејлери(автокамп), трговски дуќани и ресторани, простори за рекреација, детски содржини и други пропратни активности.

Влијание на проектот:

 Општина Илинден со изградба на комплексот Аутлет Мол ќе зачекори во европската туристичка мапа на побарувани дестинации. Особено со изградба на нови хотелски капацитети, Општина Илинден ќе се позиционира на пазарот на конгресен, спортски, транзитен, рекреативен и културен туризам.

Целна група: Туристи, спортисти, бизнис-сектор, културни работници и уметници, рекреативци, деца и младинци, сите граѓани.

Рок на реализација: 2028 година

Безбедност во сообраќајот и патна инфраструктура ‒ изградба на патна обиколница

Опис на проектот

Изградба на заобиколна улица, сообраќајница за одвивање на сообраќајот на тешки товарни возила, пат што поминува околу населените места во рамките на една од значајните области на работење, безбедност во сообраќајот и патна инфраструктура. Со проектот се предвидува изградба на патна обиколница во јужниот дел на Општината, во локалните економски зони на потегот Автопат А2 ‒ Илинден ‒ Марино ‒ Кадино‒ Автопат А2, А4.

Влијание на проектот:

 Проектот ќе има големо влијание врз растоварување на сообраќајот од централните сообраќајници, со пренасочување и прифаќање на движење на возилата, особено тешките товарни возила, камиони, шлепери.
Подобрување на безбедноста на сообраќајот, заштита на улиците во централниот дел, како и локалните улици и патишта, подобрување на условите за живеење и квалитет на животот.

Целна група: Транспортери, сите жители

Рок на реализација: 2026 година

Развој на културата

Опис на проектот

- Враќање и заживување на традиционалните манифестации: „Подари книга за велигденско јајце – симбол на Христовото Воскресение“ и Меѓународната литературна манифестација „Илинден“.
- Заживување на општинските библиотеки.
- Галерија „Илинден“ со трајна поставка на уметнички дела од уметници.
- Поддршка, промоција и афирмација на уметници аматери со живеалиште во Општина Илинден.
- Силна поддршка на академски и афирмирани уметници.
- Заживување на киносалата со филмска програма и театарски претстави.

Влијание на проектот:

Поттикнување на културно-уметничкото богатство на општината и мотивирање на граѓаните да ја негуваат културата и уметноста како значаен симбол за македонското постоење, критичкото размислување и културниот идентитет на секој народ.

Целна група: Сите жители

Рок на реализација: Веднаш

Локален економски развој

Опис на проектот

- Нови инвестиции во гасификација.
- Модернизација на улично осветлување.
- Форум за локален економски развој.
- Имплементирање на меѓународни стандарди.
- Промоција на општината пред домашни и меѓународни институции.

Влијание на проектот:

Новите инвестиции во гасификацијата значат воспоставување гасификациски систем во општината, изградба и поставување гасификациска инфраструктура за стопанските објекти во локалните економски зони и стопанските комплекси, како и во областите на домување за домаќинствата, со цел да се овозможи користење на гасот како енергетски ресурс, кој влијае врз намалувањето на загадувањето на воздухот.

Модернизација на улично осветлување, подобрување и модернизација на јавното осветлување на подрачјето на целата општина со поставување ЛЕД-светилки и нови локациски правилно поставени канделабри. Проектот опфаќа целосна реконструкција, модернизација и проширување на мрежата за јавно улично осветлување.

Целна група: Бизнис-сектор, сите жители

Рок на реализација: Kонтинуирано

Статус на град – Општина со седиште во град

Опис на проектот

Целта е да преминеме од општина со седиште во село, во општина со седиште во град. Стекнување статус на град како општина со повеќе од 20 000 жители, изградена урбана физиономија со зони за домување, стопанство, рекреација и јавно зеленило, изграден систем на улици, комунални служби и претставува функционално средиште на населените места во опкружувањето.

Влијание на проектот:

Придобивките ќе значат децентрализација на централни институции:
- Здравствен дом.
- Ординации за здравствена заштита во трета смена, недели и празници.
- Итна медицинска помош со домашно лекување.
- Противпожарна станица.
- Полициска станица од прва категорија.
- Управни служби за издавање лични карти, пасоши, сообраќајни дозволи.
- Катастар.
- Агенција за вработување.
- Подрачна единица на Министерство за труд и социјална политика, земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерство за правда.
- Графички регистар за улици и куќни броеви, поставување таблички со куќни броеви и обележување на улици.
- Автомобилски регистарски таблички со код на Илинден - IL.

Целна група: Сите жители

Рок на реализација: 2026 година

МЕСНИ ПРОЕКТИ