Колку се важни младите за нашата општина?
Младите се движечка сила на секое општество. Тие се носители на нови идеи, иницијативи и промени. Нашата иднина зависи од тоа колку ќе успееме да ги задржиме младите, да ги мотивираме за да придонесуваат во својата заедница. Согласно со законот за младински политики, ќе отвориме младински центар со поддршка на општината, каде што ќе се остави простор на младите од нашата општина да се изборат за свое место каде што ќе можат да се дружат, да споделуваат искуства, да се образоваат и, пред сè, да дадат свој придонес за подобрување и одговорност за реализација на политиките за млади.
Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како може да се решаваат?
Безбедноста на граѓаните е најважна алка од системот на функционирање на општината. Во Општина Карбинци можеме да нотираме неколку проблеми од вакво значење што можат да се решат со инвестирање и вложување во превенција за поголема безбедност. - ООУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци, се наоѓа на регионалниот пат Штип - Плачковица, потребно е да се подигне безбедноста на децата во ова општинско училиште, бидејќи овие деца патуваат од другите населени места и, додека го чекаат превозот, изложени се на опасност од голем број возила што минуваат по регионалниот пат. Решение е да се изгради заштита од регионалниот пат за децата да не се директно изложени и загрозени во сообраќајот. - Пречистителната станица за вода не е под постојано обезбедување резервоарите за вода не се заштитени и обезбедени. Решение е да се изнајде начин за физичко обезбедување на објектот пречистителна станица и да се оградат резервоарите за вода во населените места. - Проблемот со кучиња скитници особено во руралните општини е голем. Постојат голем број кучиња делумно на селаните, а делумно и донесени оставени од соседни општини, кои се оставени без грижа и се по улиците и јавните места и претставуваат опасност. Решение е редовно заловување на овие кучиња кои немаат сопственици и да бидат чувани во стационар што може да биде изграден. - Посебен акцент би ставила на безбедноста на граѓаните и затоа ќе изградиме општина каде што секој граѓанин ќе се чувствува заштитен секаде, на улица, на работа и во својот дом преку зголемени едукации за сообраќајните правила, зголемена соработка со МВР за превентивни патроли, поставување видеонадзор на јавни површини, опремување и поддршка на противпожарни единици за територијална заштита и превентивни активности за поплави, земјотреси и слично. - Во таа насока ќе се основа Противпожарна единица за територијална заштита со која ќе се зголеми безбедноста на граѓаните на Општина Карбинци. - Во делот на безбедноста, неопходно е отворање подрачно одделение на Меѓуопштински центар за социјална работа во кој ќе се овозможи поддршка за ранливите категории, но и отворање СОС-линии за пријавување семејно насилство и злоупотреба, односно булинг меѓу најмладите, и ќе се овозможи заштита на стари лица, лица со попреченост и сл.
Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниот период?
Доброто планирање на просторот и мобилноста се клучни фактори за брз развој. Кога просторот се планира паметно и функционално, се создаваат услови за балансиран економски, социјален и еколошки развој. Планирањето и добро планирана мобилност не се само технички решенија туку и социјални и економски алатки што директно влијаат врз тоа колку едно општество е развиено и колку неговите граѓани живеат квалитетно, односно кога постои добро планирана мобилност секој граѓанин, без разлика на приход или локација, има пристап до основните услуги и можности за развој.