
Колку се важни младите за нашата општина?
Без младите ниту едно општество нема иднина. Затоа дејствувањето на општината и моето работење ќе бидат насочени кон проекти за задржување на младите во општината преку инвестирање во нивното дообразување, преку обуки за нови работни места и инвестирање во спортот и културата. Со оглед на тоа што ова е рурална општина и најголем дел од фамилиите се занимаваат со земјоделство, општината ќе им помага на младите земјоделци во добивањето на додатна вредност на нивните земјоделски производи преку помош, субвенционирање за отворање мали бизниси за преработка на примарните земјоделски производи и со инфраструктурно уредување на парцели за таква дејност.
Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како можат да се решаваат?
Општата безбедност и сигурност не е на задоволително ниво во сите области (социјалната заштита, здравството, сообраќајот и животната средина). Секој жител, без разлика на возраста, треба да има пристап до квалитетни услуги. Ќе ги подобриме условите за постарите и за немоќни лица. Ќе воспоставиме мобилни тимови за домашна нега и посети, патронажни служби за комбинирана здравствена и социјална грижа, прифатни центри за жртви на насилство, за бездомници и самохрани родители, воспоставување на Регистри на ранливите семејства и семејствата во ризик. Ќе спроведеме отворање на амбуланти во населените места, подобрување на комуналните услуги, подобро одржување на јавната чистота и јавниот ред и мир. Ќе целиме кон намалување на загадувањето преку користење обновливи извори на енергија, со инсталирање на фотоволтаични системи на сите јавни општински објекти. Енергетски ефикасно јавно осветлување, субвенции за фотоволтаични панели, ќе се подигне свеста и едукацијата на граѓаните, ќе се уредат улиците, ќе се постави сообраќајна сигнализација, ќе се подобри јавниот превоз и ќе се уредат велосипедските патеки.
Дали можеме да ја повратиме довербата на граѓаните во системот?
Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дигитализацијата на услугите што ги дава општината може многу да придонесе за елиминирање на коруптивноста, преку подобрување на транспарентноста на услугите и на трошењето на материјалните средства во општините, со вклучување на жителите во креирањето на проекти според нивните потреби и нивните барања, со подигнување на интегритетот и професионалноста на општинската администрација.