Почитувани сограѓани,
Во рамките на мојот професионален ангажман и како професор во средното општинско училиште и како градоначалник на Општина Богданци, никогаш не сум се плашел од предизвици, напротив, секогаш се трудам да ги претворам во победа. Дали се работи за учество со децата во некој спортски натпревар или за решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, мојот ангажман е секогаш ист: професионален, одговорен и спремен за борба за решавање на сите проблеми. Тоа, секако, не би можел да го постигнам без ваше учество и професионален ангажман од страна на општинската администрација. Во изминатиот период од мојот ангажман како градоначалник решивме многу проблеми што беа присутни во нашата општина, за кои сте сите вие сведоци. Дали успеавме во сѐ? Не. Чувствувам голема тежина што не успеавме да го завршиме процесот на донесување на урбанистичката документација за сите населени места, проблем, кој иако не е целосно по наша вина, јас го сметам за приоритетен и ќе сторам се истиот конечно да се реализира. Сепак, во Богданци и сите населени места ја средивме патната инфраструктура, како услов за натамошен развој на општината. Во рамките на комуналната инфраструктура започнавме со огромен капитален проект за решавање на проблемот со водоснабдување на Богданци. Тоа го подготвуваме и за населеното место Стојаково. Со иста визија работиме и во областа на спортот, културата, образованието и социјалната сфера. Правиме сѐ затоа што Општина Богданци е нашето место за живеење, каде што секојдневно се среќаваме и сосема е природно да се грижиме за неа. Сепак тоа мора да е плански со однапред подготвена стратегија за дејствување и со јасна визија за тоа каде сме и каде сакаме да стигнеме. МОЈАТА ВИЗИЈА ЗА ОПШТИНА БОГДАНЦИ Е ОПШТИНА СО МОДЕРНА УРБАНА И РУРАЛНА ИНФРАСТРУКТУРА, СО ПОДДРШКА НА ИНВЕСТИТОРИТЕ И РАЗВОЈ НА ТУРИСТИЧКА ПОНУДА СО ПОСЕБЕН АКЦЕНТ НА ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА.
Одговорноста за иднината на Општина Богданци е кај сите нас, затоа БАРАМ ОД ВАС ДА МИ ДАДЕТЕ ДОВЕРБА ДА СОЗДАДЕМЕ УСЛОВИ НАШИТЕ НАЈМЛАДИ ТУКА ДА ПУШТАТ КОРЕНИ, ДА СЕ РАДУВАМЕ ЗАЕДНО НА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ СО ЗАЕМНО ПОЧИТУВАЊЕ И АНГАЖМАН ЗА ПОВИСОКИ СТАНДАРДИ.
Тоа и во овој мандат ќе го правиме со голема посветеност и ангажман во служба на граѓаните и решавање на утврдените приоритети во општината, чекор по чекор со наши средства и со финансиска помош од нашите ПАРТНЕРИ И ПРИЈАТЕЛИ, странски и домашни донатори кај кои оставивме силен впечаток во изминатиот период.
Успехот што го остваривме во претходните мандати, за мене преставува обврска и дополнителен мотив да продолжам со исто темпо е дополнителен мотив и обврска за остварување нови вредности и подобар квалитет на живот за сите граѓани во Општина Богданци.
Mоите приоритети се:
• Да започнеме со реконструкција на секундарна водоводна мрежа во Стојаково (замена на азбестни цевки) за што обезбедивме комплетна проектна документација;
• Да изградиме нов потисен цевовод за Селемли;
• Да ја финализираме изработката на урбанистичките планови за сите населени места;
• Да започнеме со реконструкција на улицата „Маршал Тито“ во Богданци;
• Етапно да го решаваме проблемот со атмосферската и фекалната канализација, за што исто така обезбедивме комплетна проектна документација;
Ве повикувам да ми ја дадете вашата доверба, вашата поддршка и вашиот глас!
Со почит и благодарност,
Блаже Ш.