Со искрено чувство на одговорност и посветеност се обраќам до вас како ваш сограѓанин и кандидат за градоначалник на Општина Демир Хисар. Мојот професионален пат како инспектор по работни односи и безбедност при работа го посветив на почитување на законите, заштита на работниците, но и промовирање праведност во општеството. Тоа, всушност, се и социјалдемократските вредности и принципи по кои се водам, а ќе ги пренесам и во моето раководење со Општина Демир Хисар. За првпат како кандидат за градоначалник ја барам вашата доверба да донесеме нова енергија и нова визија за Демир Хисар. Нашата општина има потенцијал да биде место за развој, солидарност и достоинствен живот. Демир Хисар заслужува чесно управување, а мојата цел е да создадеме место каде што младите ќе ја гледаат својата иднина, граѓаните ќе живеат безбедно, достоинствено, ќе се чувствуваат почитувани, а во општината ќе гледаат вистински партнер и сојузник.

Мојата визија е Демир Хисар да биде современа општина – со уредена инфраструктура, поддршка во образованието, културата и спортот, со чиста животна средина. Општина во која секој граѓанин ќе има пристап до квалитетни услуги, општина со висок економски развој што ќе создава можности да ги задржи младите тука, дома, во Демир Хисар. Заедно можеме да изградиме транспарентна, безбедна и праведна општина во која сите ќе се чувствуваат почитувани. Чесното и отчетно управување е единствениот пат кон вистински напредок. Ве повикувам да ми ја дадете вашата доверба, вашата поддршка и вашиот глас. Демир Хисар заслужува подобро!

Со почит и благодарност,

Златко Кузмановски

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА ДЕМИР ХИСАР

  • 1. Богдан Стојановски
  • 2. Марија Ѓорѓиевска
  • 3. Гоце Јончевски
  • 4. Маја Лозановска
  • 5. Александар Ангелевски
  • 6. Самоил Цветановски
  • 7. Емилија Котевска
  • 8. Давид Ангелевски
  • 9. Емилија Илијовска
  • 10. Николче Лозевски
  • 11. Анета Велевска

Ние, советничката група на СДСМ, веруваме дека општината им припаѓа на сите и дека секој глас мора да се слушне. Нашата сила е во заедништвото, во тоа што проблемите на еден граѓанин се проблеми на сите нас, а ние ќе бидеме ваши застапници, гласноговорници и борци за вашите барања и идеи.

Не ветуваме празни зборови, туку работа, чесност и одговорност. Ќе бидеме ваш јасен и одлучен глас во Советот, ќе се бориме за еднакви можности, солидарност и фер развој на секое село во Демир Хисар. Нашата визија е општина што се темели врз правда, транспарентност и грижа за секој еден.

Со вас и за вас – за општина по мерка на сите граѓани!

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

  • Инфраструктура и патишта: реконструирани и санирани повеќе локални и регионални патишта и улици (Р1305, Р1306, Р29371, улици „Јордан Пиперката“, „Илинденска“, „11 Октомври“, „Гоце Делчев“ и др.), изградени потпорни sидови, мостови и пропусти (Сопотница, Суводол), асфалтирани улици во селата Радово, Света, Базерник, Сопотница.
  • Комунална инфраструктура: изградба и реконструкција на канализациски мрежи, регулација на Стара Река, поставени контејнери за селекција и стакло, набавка на тракторска косилка.
  • Образование и деца: реконструкција и опремување на Детската градинка „Втори септември“, промена на дограма, спортска опрема и пристапни рампи во училиштата „Гоце Делчев“, „Даме Груев“ и „Браќа Миладиновци“.
  • Култура и спорт: подобрени условите во Домот на културата, реконструирани детски игралишта, формиран ФК Демир Хисар.
  • Транспорт и услуги: набавени 4 минибуси за ученици и жители од најоддалечени села, службени и противпожарни возила.
  • Поддршка од централната власт: изградба на водовод со пречистителна станица во Слепче и фекална канализација во Вардино.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

Изборната програма на кандидатот за градоначалник на Општина Демир Хисар во 2021 ветува многу, но речиси ништо не се реализирало оттогаш досега. Градоначалникот ги продолжи веќе воспоставените проекти на градоначалникот од редовите на СДСМ за период 2017-2021 година.

Ветено, а нереализирано:

  • Проекти од комуналната инфраструктура
  • централна пречистителна станица, техничка документација за третман на атмосферски води покрај ул. „11-ти Октомври“, дефинирање и определување зони на смирен сообраќај, регионални планови за управување со отпад
  • не презедоа и не спроведоа активни мерки за развој на туризмот
  • кошаркарско игралиште и фитнес-парк кај Градскиот стадион во Демир Хисар
  • тениско игралиште во рамките на фудбалското игралиште
  • повеќенаменско спортско игралиште во Сопотница
  • не формираа локален иновациски фонд за млади претприемачи, не отворија младински локален центар
  • Индустриска зона Демир Хисар
  • НИШТО во областа на дигитализацијата
  • Општински центар за имплементација на проекти финансирани од ЕУ – грантови и сервиси

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто се кандидирате? Што е мотивот?

Се кандидирам затоа што верувам во Демир Хисар и во потенцијалот на нашата општина. Мојот мотив е јасен и едноставен – сакам младите да ја гледаат својата иднина тука, дома. Сакам чесно и транспарентно управување со општината, без калкулации и без лични интереси.

Колку е важно да се има визија за општината, за нејзино подобро функционирање и за нејзин развој?

Без визија, нема ни развој. Општината мора да има јасен план и стратегија за развој на инфраструктурата, образованието, економијата, културата. Само така Демир Хисар и државата можат да напредуваат.

Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат и натаму?

Инфраструктурата е важна, но не и доволна. Во следниот мандат мора да имплементираме проекти што ќе им даваат поддршка на младите претприемачи, можности за нови работни места, програми од областа на културата, спортот и образованието. Општината треба да живее и да се движи напред.

Колку се важни младите за нашата општина?

Младите не се само иднината, тие се и сегашноста. Без младите, ниту една општина нема перспектива. Мој приоритет ќе биде да се создадат услови со цел младите да останат дома, преку поддршка за вработување, квалитетно образование, културни и спортски содржини што ќе им овозможат достоинствен живот во Демир Хисар, живот каков што впрочем и заслужуваат.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните?

Безбедноста на граѓаните е основа за квалитетен живот и значи мир и заштита на граѓаните. Проблемите се во сообраќајот, уличното осветлување, но и во почитување на јавниот ред и мир. Потребна е подобра координација меѓу институциите. Општината мора да биде партнер со полицијата и со граѓаните во однос на ова прашање.

Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој?

Апсолутно. Доброто планирање на просторот значи уредени улици, пристапни за сите, но и повеќе зелени површини, современи училишта. Мобилноста е повеќе од важна. Поврзаноста на селата со централното подрачје на општината значи и рамномерен развој. Следниот период неопходно е да се фокусираме на сеопфатно урбанистичко планирање.

Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот.

Не сме осудени да живееме во ѓубре и загаден воздух. Загадувањето и депониите се резултат на неодговорност, неорганизираност и недоволна грижа. До решението се стигнува преку системско управување со отпадот, грижа за јавната чистота и инвестирање во праведна енергетска ефикасност. Но секој граѓанин може да придонесува кон почиста и поздрава животна средина.

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво.

Тоа е и моја цел. Довербата се гради со чесно и транспарентно работење. Општината мора да биде отворена за граѓаните. Сѐ што општината ќе работи мора да биде јавно и достапно. Кога граѓаните гледаат отчетност, тогаш знаат дека општината работи за нив, а не за поединци.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми.

Иселувањето е тренд што во континуитет расте, а тоа значи дека ние како општество сме потфрлиле. Не смееме да дозволиме да живееме во општина без луѓе, особено млади. Затоа, мора да обезбедиме економски услови, работни места, поддршка за млади претприемачи, квалитетно образование и здравство. Ако граѓаните почувствуваат перспектива и сигурност тука, тогаш на Демир Хисар ќе гледаат како на свој дом и иднина.

Зошто граѓаните да гласаат за вас?

Јас сум човек на народот и човек со вредности и принципи. Јас сум чесен, посветен и подготвен да работам за доброто на нашата општина. Не ветувам невозможни чуда, туку чесна работа, партнерство и сојузништво со граѓаните. Ветувам дека вашиот глас ќе се слуша, а вашите потреби и идеи ќе бидат во суштината на секоја моја одлука. Ветувам многу работа и истрајност.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Нашата визија за Демир Хисар

  • Функционален и безбеден јавен простор Ќе продолжиме да работиме на создавање уреден и достапен јавен простор, каде што сите граѓани ќе се чувствуваат безбедно и рамноправно. Ќе ја подобриме сообраќајната безбедност преку обележување нови пешачки премини. Посебен акцент ќе ставиме на зоните кај централното основно училиште во Демир Хисар и ќе поставиме 3Д-пешачки премини. Ќе обезбедиме ново паметно осветлување на јавните простори и улици за поголема сигурност на граѓаните, особено во селата. Ќе изградиме и ќе обновиме детски игралишта, спортски терени и паркови каде што младите и семејствата ќе можат активно и квалитетно да го поминуваат своето време. Ќе се вложува во чисти и зелени јавни простори, уредени пешачки патеки, клупи, зелени површини за да добиеме град во кој сите ќе уживаме да живееме.
  • Чиста и здрава животна средина Најголем приоритет ќе биде обезбедување чиста и здрава животна средина за сите граѓани на Демир Хисар. Ќе работиме на воспоставување систем за правилно управување со отпадот, преку редовно и ефикасно собирање во градот и сите населени рурални места, селекција и рециклирање на отпадот, како и трајно решавање на проблемот со дивите депонии. Особено внимание ќе посветиме на енергетската ефикасност на општината, преку поставување фотоволтаици на општинските згради. Со тоа ќе обезбедиме помали трошоци, почиста околина и современа општина. Ќе продолжиме со редовно одржување и уредување на јавните простори, организирање акции за чистење и пошумување со вклучување на младите, училиштата и локалните организации. Со овие мерки Демир Хисар ќе стане поздраво, побезбедно и поодржливо место за живеење.
  • Општина по мерка на граѓаните Ќе ја градиме општината транспарентна, отворена и отчетна, каде што гласот на граѓаните ќе се слуша и ќе се почитува. Демир Хисар ќе прерасне во ефикасна локална самоуправа, која работи во интерес на сите граѓани. Граѓаните ќе имаат увид во сите трошоци и договори на општината и ќе знаат како и каде се трошат јавните пари. Ќе воведеме електронски систем за пријавување проблем од сите населени места. Ќе организираме јавни расправи за сите поголеми одлуки и проекти, како и редовни месечни средби по месните заедници, за да ја вклучиме заедницата уште во фазата на планирање. Граѓаните ќе ги добиваат назад парите што ги плаќаат како данок на имот на општината за проекти за кои тие сметаат дека се приоритетни за нивното населено место. Нашата визија се темели врз нулта толеранција кон корупцијата и градење општина што е правична, одговорна и блиска до секој граѓанин.
  • Младите во фокусот – Нова парадигма за здрав и одржлив развој Во основата на нашата програма стои јасна и цврста определба - младите се нашата иднина и двигател на промените и токму затоа се во центарот на секоја развојна стратегија. Нашата цел е да градиме образовани и активни млади луѓе, преку системски пристап во образованието, пристап до културни и спортски активности, граѓанска едукација и поддршка за младинско учество во донесувањето одлуки.
  • Субвенции и поддршка за младинско претприемаштво;
  • Подобрување на спортската инфраструктура – терени, сали и опрема за активен и здрав живот;
  • Пристап до култура преку поддршка на младински фестивали, работилници и програми за креативен израз;
  • Младинско учество во Советот на Општината преку Локалниот младински совет, кој ќе биде гласот на младите во сите значајни одлуки;
  • Континуирана поддршка на истакнати ученици и социјално ранливи категории;
  • Финансиска поддршка за секој запишан ученик во СОУ „Крсте Петков Мисирков“;
  • Поддршка за дуално образование и соработка со бизнис-секторот за практична настава; Платено практикантство во Општина Демир Хисар; Бесплатно згрижување во градинка за деца од семејства во социјален ризик.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Енергетска ефикасност на Општина Демир Хисар

Опис на проектот

Проектот предвидува поставување фотоволтаични системи на општинската зграда, детската градинка и основното и средното училиште во Демир Хисар. Со ова ќе се овозможи користење обновливи извори на енергија, намалување на трошоците за електрична енергија и зголемување на енергетската независност на јавните институции. Покрај тоа, проектот ќе придонесе за промоција на енергетската транзиција и зајакнување на свеста за важноста на одржливите енергетски решенија. Како битен чекор кон енергетската транзиција, ќе поставиме паметно ЛЕД улично осветлување во централното подрачје на Демир Хисар, но и во поголемите села.

Влијание на проектот:

Со реализација на проектот ќе се намалат годишните трошоци за електрична енергија во јавните институции, ќе се намали емисијата на стакленички гасови во општината и ќе се стимулира развој на еколошка и енергетски одржлива заедница. Истовремено, училиштата и градинките ќе служат како едукативен пример за младите за придобивките од обновливите извори на енергија.

Целна група:

• Ученици и наставници во училиштата
• Деца и вработени во градинката
• Вработени во општинската администрација
• Сите жители на општина Демир Хисар

Рок на реализација:

2029 година

Отворање подружница на ЈКП „Комуналец“ во Сопотница

Опис на проектот

Проектот предвидува отворање подружница на ЈКП „Комуналец“ во просториите на Домот на културата во с. Сопотница. Подружницата ќе обезбеди локално управување со комуналните услуги за горниот дел на Демир Хисар, вклучително редовно одржување улици, собирање отпад, јавна хигиена и одржување на зелените површини. Дополнително, проектот предвидува отворени работни места за локалното население, со што ќе се зголеми вработеноста и ќе се поттикне локална економија. Истовремено, се предвидува и набавување нови возила за собирање на отпадот од контејнерите.

Влијание на проектот:

Со реализација на проектот ќе се подобри квалитетот на комуналните услуги, брзината и ефикасноста на одржувањето, како и јавната хигиена во горниот дел на Демир Хисар. Вработувањата ќе овозможат економско зајакнување на локалната заедница, а подружницата ќе биде близу до граѓаните, што ќе го зголеми нивниот глас и учество во одржувањето на јавниот простор.

Целна група:

• Жителите на горен дел на Демир Хисар
• Вработените во ЈКП „Комуналец“
• Локалната заедница

Рок на реализација:

2027 година

Младински центар во Демир Хисар

Опис на проектот

Согласно со Законот за младинско учество и младински политики, општините се обврзани да обезбедат простор што ќе биде наменет за младите во соодветната општина. Проектот предвидува опремување на младински центар во Демир Хисар во просториите на Домот на културата „Илинден“, кој ќе служи како место за образование, културни активности, спорт и социјални иницијативи за младите. Центарот ќе обезбеди простории за работилници, библиотека, мултимедијален простор и простор за спорт и рекреација. Дополнително, проектот ќе вклучува програми за граѓанска едукација, менторство и волонтерство, како и поддршка на младинско претприемаштво.

Влијание на проектот:

Со реализација на проектот ќе се создаде безбеден и инспиративен простор за младите, ќе се зајакне нивното учество во локалната заедница и ќе се намали трендот на иселување преку креирање можности за развој, едукација и активен социјален живот.

Целна група:

• Млади лица од Демир Хисар и околните населени места (ученици, студенти и невработени млади)
• Локални организации и граѓански иницијативи
• Наставен и стручен кадар што ќе реализира едукативни и културни програми

Рок на реализација:

Крај на 2026 година

ПРОЕКТИ

План за управување со отпад во Општина Демир Хисар

Опис на проектот

Проектот предвидува воспоставување ефикасен систем за селекција, собирање и депонирање на отпадот во сите населени места на општината, вклучително и руралните подрачја. Ќе се постават контејнери за селекција на пластика, хартија и стакло на мапирани критични локации во градот и селата. ЈКП „Комуналец“ ќе биде опремено со дополнителни возила за собирање и транспорт на отпад, кое ќе овозможи редовно и правилно депонирање на собраниот отпад од сите пристапни и непристапни локации.

Влијание на проектот:

Реализацијата на проектот ќе доведе до значително подобрување на јавната хигиена, ќе се намали појавата на диви депонии и ќе се подобри квалитетот на животната средина во општината. Граѓаните ќе имаат полесен и редовен пристап до систем за селекција на отпад, а општината ќе добие ефикасен механизам за правилно депонирање.

Целна група:

• Сите жители на Општина Демир Хисар, вклучително и руралните подрачја
• Општинската администрација и ЈКП „Комуналец“
• Туристи во руралните средини

Рок на реализација:

Континуирано

Изградба на полетувалиште за параглајдинг „ЕВРЕЈКА“

Опис на проектот

Проектот предвидува формирање градежна парцела со намена Д3 – Спорт и рекреација на зелени површини за полетувалиште за параглајдери на локалитетот „Еврејка“ во Демир Хисар, на надморска височина од околу 1320-1430 м. Во рамките на полетувалиштето ќе се изгради терен за полетување со површина од околу 1.000 м² од висококвалитетна вештачка трева. Терените ќе овозможат полетување при ветар од повеќе правци, што ќе овозможи Демир Хисар да стане атрактивна дестинација за параглајдинг во државата.

Влијание на проектот:

Проектот ќе придонесе за развој на руралниот туризам, зголемување на бројот на посетители, создавање нови работни места и промоција на Демир Хисар како дестинација за авантуристички спортови.

Целна група:

• Параглајдеристи и авантуристички туристи
• Локални туристички оператори и водичи
• Млади и спортски ентузијасти

Рок на реализација:

2027 година

Off-Road авантуристички патеки на „Рудина“ – Демир Хисар

Опис на проектот

Проектот предвидува изградба и уредување на off-road патеки за џипови и мотори на локалитетот „Рудина“ во Демир Хисар. Патеките ќе бидат дизајнирани со различни нивоа на сложеност за рекреативни возачи и авантуристички ентузијасти. Ќе се обезбедат обележани маршрути, контрола на безбедноста, знаци и места за одмор, со цел да се развие авантуристички туризам и да се промовира регионалната природна убавина.

Влијание на проектот:

Проектот ќе придонесе за развој на руралниот и авантуристички туризам, ќе привлече домашни и странски туристи, ќе создаде нови работни места во туристичкиот сектор и ќе ги зајакне локалните економски активности. Ќе се промовира Демир Хисар како дестинација за спорт и рекреација во природа.

Целна група:

• Авантуристички туристи (џипери, моторџии, велосипедисти)
• Локални туристички оператори
• Млади и спортски ентузијасти

Рок на реализација:

2028 година

Спомен-куќа на Јордан Пиперката во Велмевци

Опис на проектот

Проектот предвидува изградба и опремување на спомен-куќата посветена на Јордан Пиперката, како историска и културна атракција во село Велмевци. Куќата ќе содржи изложбен простор со мултимедијални содржини, архивски материјали, интерактивни панели за образование и промоција на локалната историја, како и мал амфитеатар за културни настани и предавања.

Влијание на проектот:

Проектот ќе ја зачува и ќе ја промовира културната и историската традиција, ќе ја поттикне локалната заедница и младите на учење и гордост за локалната историја и ќе придонесе за развој на културен и рурален туризам во Демир Хисар.

Целна група:

• Локални жители и училишта
• Туристи и историски ентузијасти
• Културни и образовни институции

Рок на реализација:

2029 година

МЕСНИ ПРОЕКТИ

Демир Хисар

  • Решавање на долгогодишниот проблем со атмосферските води по ул. „11 Октомври“
  • Реконструкција на Домот на културата
  • Изградба на велосипедска патека по ул. „Битолска“
  • Поставување на жардиниери по ул. „Битолска“
  • Промена на оградата на ОУ „Гоце Делчев“
  • Носење на нов ГУП и ДУП
  • Изградба на пречистителна станица

Сопотница

  • Санација, чистење, доизградба и уредување на речното корито
  • Изградба на повеќенаменско спортско игралиште
  • Реконструкција на селски Дом
  • Реконструкција на подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во Сопотница
  • Осветлување на манастир „Св. Атанасиј“
  • Соработка со локални инвеститори и бизниси за поставување фотоволтаични електрани кај манастирот „Св. Атанасиј“
  • Чистење и реконструкција на базен
  • Санација на водоводна мрежа
  • Пуштање во употреба на пречистителна станица
  • Чистење диви депонии
  • Чистење канал за наводнување

Слепче

  • Реконструкција на улица Слепче ‒ Демир Хисар
  • Реконструкција на селска улица покрај река
  • Обнова на стара водоводна мрежа на места каде што е непроменета
  • Тампонирање на патот до училиштето

Суводол

  • Реконструкција на селска чешма и просторот околу неа
  • Реконструкција на селски Дом

Кутретино

  • Изградба на тротоар покрај регионалниот пат (од Демир Хисар до крстосницата за Кутретино)
  • Реконструкција на мостот на влезот од селото
  • Реконструкција на улици

Жван

  • Изградба на фекална канализациска мрежа
  • Реконструкција на улици
  • Реконструкција на патот од селото до поврзување со регионален пат Битола ‒ Кичево
  • Чистење на двата канала за наводнување (канал „Манастирски воденици“ и канал од Мреноштица)
  • Тампонирање на патот до манастирот „Св. Архангел Михаил“

Журче

  • Изградба на мост кај стариот влез во селото

Белче

  • Изградба на тротоар покрај регионалниот пат (од Демир Хисар до Белче)

Вардино

  • Реконструкција на улици

Света

  • Тампонирање на земјоделски патишта
  • Изградба на обиколница што ги поврзува сретселото со Турско Маало

Единаковци

  • Реконструкција на селски Дом
  • Асфалтирање улица до железничката пруга
  • Чистење и санација на речно корито
  • Чистење и проширување на патот до црквата
  • Изградба на канализациска мрежа

Слоештица

  • Санирање на каптажите и резервоарите од водоводот
  • Реконструкција на улици
  • Изградба на пречистителна станица
  • Изградба на собирно место и пренасочување на водниот тек на селската река

Доленци

  • Реконструкција на селска чешма
  • Чистење канал за атмосферска вода
  • Реконструкција на двата базена за вода

Смилево

  • Реконструкција на улици
  • Реконструкција на селски водовод
  • Уредување на сретселото со потпорни ѕидови од камен
  • Реконструкција на спомен-паркот „Даме Груев“ и поставување клупи
  • Осветлување на костурницата на Даме Груев

Стругово

  • Реконструкција на улици
  • Изградба на канализациска мрежа

Обедник

  • Асфалтирање селски улици
  • Доизградба на канализација за отпадни и атмосферски води
  • Реконструкција на подрачно училиште „Даме Груев“ во Обедник, вклучувајќи реконструкција на малото спортско игралиште и санитарните јазли
  • Изградба на детски парк

Граиште

  • Изградба на пешачка патека до селската црква
  • Изградба на тротоар покрај регионален пат (Демир Хисар - раскрсница до с. Граиште)
  • Чистење на селска плажа покрај Црна Река

Загориче, Удово

  • Реконструкција на улици
  • Реконструкција на водовод

Вирово

  • Изградба на потпорен ѕид на влезот во селото
  • Асфалтирање на патот до Црква „Св. Петка“
  • Тампонирање делови од патот до Еврејка
  • Асфалтирање селски улици

Мренога

  • Реконструкција на улица
  • Санација на резервоарот од водоводот

Боишта

  • Партерно уредување на сретсело, за одржување на манифестацијата „Боишки средби“

Церово

  • Реконструкција и тампонирање на патот до селото
  • Санирање на потпорен ѕид кај селската црква

Велмевци

  • Реставрација на споменикот на Јордан Пиперката
  • Тампонирање на патот до споменикот

Радово

  • Реконструкција на патот до селото

Растојца

  • Доизградба на водовод

Кочишта

  • Изградба на улици

Ново Село

  • Изградба на улици