Почитувани сограѓани,

Ви се обраќам со искрено чувство на одговорност и почит. Како жител на овој град, родител и активен член на заедницата, ги познавам предизвиците со кои се соочуваме, но и огромниот потенцијал што го имаме. Во досегашното управување со општината покажавме и докажавме дека чесното, транспарентното и домаќинското управување е можно со работа, а не со празни ветувања, со дела, а не со апатија и безидејност.

Изградивме и реконструиравме улици во сите населени места, населените места ги поврзавме со градот, континуирано работиме на подобрување на водоснабдувањето во општината, ги поддржуваме спортот и младите, културните настани, го поставивме Крушево на светската туристичка мапа за параглајдингот. Oпштина Крушево е функционална целина.

Живееме во град со богата историја и со голем потенцијал – туристички, културен и развоен. Тој потенцијал мораме да го искористиме со визија, посветеност и со чесна работа. Ви ветувам транспарентност, отчетност и вистинска грижа за секој граѓанин. Ќе бидам секогаш достапен за вашите потреби, предлози и критики.

Крушево и населените места знаат да ја препознаат вистинската работа. Продолжуваме со одговорност и визија: општината да биде посакувано и безбедно место за живеење со висок квалитет на живот на своите граѓани, со препознатлив историски и културен идентитет, пример за економски одржлива дестинација.

Ве повикувам да ми ја дадете вашата доверба, затоа што ветувам истрајност и одговорност кон секој граѓанин. Ќе работиме заедно Крушево да го добие вистинскиот сјај на модерна, напредна и просперитетна општина.

Со почит и благодарност,

Томе Христоски

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА КРУШЕВО

  • 1. Tрајче Калески
  • 2. Ќакуша Нанеска Николоски
  • 3. Ќемал Абазовски
  • 4. Влатко Златески
  • 5. Исмаил Ахмеди
  • 6. Клеанти Оџаклиеска
  • 7. Ташули Филипоски
  • 8. Елена Пачешкоска
  • 9. Александра Стојческа
  • 10. Марија Јосифоска
  • 11. Цветанчо Стојаноски

Почитувани сограѓани,

Во претходните два мандати, советничката група на СДСМ и коалицијата работеа посветено, транспарентно и одговорно во интерес на сите жители на Општина Крушево. Гласавме проекти што донесоа реални подобрувања: водоснабдување, улици, образование, спорт, култура, туризам...

Вашите проблеми се и наши проблеми. Вашата доверба е наша обврска. Советничката група во наредните четири години ќе биде вашиот глас во општината – јасен, гласен и доследен. Ќе се бориме вашите барања, идеи и потреби да бидат слушнати, прифатени и реализирани.

Заедно градиме општина по мерка на сите!

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

Општина Крушево реализира повеќе инфраструктурни проекти што значително го подобрија квалитетот на живот на граѓаните и условите за развој на општината:

  • Водоснабдување: изградени доводни цевководи, резервоари за питка вода, нови линии и замена на водомери
  • Канализација: изградена фекална и атмосферска мрежа и подготвена документација за 8 села
  • Патишта и улици: реконструкција на патот до Крушевско Езеро, повеќе улици во Крушево и селата, меѓуопштински и регионални патишта, пристапни патишта и поплочување
  • Опремување: набавка на возила, механизација, контејнери и модернизација на ТППЕ
  • Образование и социјала: реновирање на градинка, училишта и поддршка за ранливи категории
  • Спорт: изградени игралишта, фитнес-зона, реконструирана спортска сала и детски игралишта
  • Култура: уредено гробно место на Тоше, монтажна бина, сувенирници и организација на настани
  • Туризам: развиен центар за параглајдинг со полетувалиште, паркинзи и урбана опрема

Дополнително, санирана е браната на езерото, реконструиран е мостот и модернизирано е уличното осветлување.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

Во изминатите години нивните ветувања останаа само празни зборови. Ниту еден од главните приоритети не беше реализиран, а граѓаните останаа разочарани од недомаќинското управување:

  • Урбанизам и животна средина: ветија урбанистички планови, но не изработија ниту еден, ниту за Крушево, ниту за населените места
  • Транспорт и патна инфраструктура: ветија асфалтирање и поплочување на улици, но патиштата во општината останаа во исклучително лоша состојба
  • Комунални работи и инфраструктура: ниту во едно населено место не изградија нов резервоар за вода за пиење
  • Спорт и млади: не изградија нова спортска сала, дозволија целосно уништување на постојната, оставија руина наместо базен, спортскиот живот речиси замре
  • Образование и наука: вложувањата во реконструкција на училишните објекти беа занемарени, над 90% од ветеното не беше реализирано
  • Економски развој и ЕУ фондови: ветуваа поттик за мали бизниси и повлекување средства од ЕУ и меѓународни институции, но не реализираа мерки и пропуштија можности преку ЕУ, УНДП, Светска банка, ЕБРД, ЕИБ
  • Транспарентност: одлуките ги носеа без јавни дебати, со затвореност и недоволна отчетност

Граѓаните на Крушево заслужуваат вистинско домаќинско управување, а не празни ветувања и нереализирани проекти. Затоа време е за промена!

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто (повторно) се кандидирате? Што е мотивот?

Затоа што верувам во потенцијалот на Крушево и во силата на заедничката работа. Мојот мотив е едноставен – љубовта кон нашиот град и одговорноста што ја чувствувам да придонесам за подобар живот за сите граѓани со вистински, суштински промени.

Колку е важно да се има визија за општината, за нејзино подобро функционирање и за нејзин развој? Дали во тој контекст е потребно да се има и визија за општеството во целина?

Визијата е основата за секој успешен процес, јасна слика каде сакаме да стигнеме, а тоа е Крушево да биде зелено и безбедно место за живеење со висок квалитет за живот, со препознатлив историски и културен идентитет, пример за економски одржлива дестинација.

Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат и натаму? Дали е доволно да се понудат само инфраструктурни проекти?

Инфраструктурата е неопходна, но не е доволна. Она што мораме да го направиме е да создадеме систем што функционира. Тоа значи ефикасна и ефективна администрација, поддршка за младите и семејствата, развој на туризмот, грижа за животната средина, но и вложување во човечкиот капитал.

Колку се важни младите за нашата општина?

Младите се нашата иднина – но и наша сегашност. Фокусирани сме на тоа Крушево да стане место каде што младите ќе сакаат да останат, да основаат семејства, да започнат бизниси. За тоа ни требаат квалитетно образование, рекреативни содржини, можности за работа и културен живот.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како можат да се решаваат?

Безбедноста на граѓаните е основа за нормален и квалитетен живот. Континуирано работиме на зголемување на безбедноста на граѓаните преку подобра сообраќајна регулација, со системско решавање на проблемот со уличните кучиња, засилено полициско присуство, регулирање на пешачките зони и активирање на Советот за превенција.

Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниов период?

Урбанистичкото планирање и организираната мобилност се темел за функционален, безбеден град и за развојот на населените места. Изработката на деталниот урбанистички план за контактната зона во Крушево е во завршна фаза. Претходниот план бил изработен во далечната 1997 година. Во завршна фаза се и урбанистичките планови за селата за нивниот натамошен развој и за регулирано градење.

Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?

Не сме осудени. Проблемот со загадувањето и нечистотијата е прашање на систем, култура и политичка волја. Општина Крушево има дефинирано локален акциски план за управување со отпадот во кој е поставена основата за интегрирано управување со отпадот во Крушево и за основање центар за секундарна селекција на отпадот на парцелата на поранешната кланица и затворање на депонијата во согласност со регионалното управување со отпад.

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали можеме да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?

Да, довербата може и мора да се врати – но тоа се прави со дела, а не со зборови. Во дoсегашното работење покажавме и докажавме целосна транспарентност, отчетност и домаќинско работење.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето да продолжат да живеат во своите места со перспектива за себе и за своите деца?

Иселувањето и нискиот наталитет се аларм кој трае со години, а решението не е едноставно. Воведовме мерки за поддршка на семејствата со новороденче, стипендирање на учениците од општината во средното образование во Крушево, градиме партнерски однос со приватниот сектор со поддршка на дуалното образование, организираме спортски активности и настани. Само така Крушево ќе има иднина со луѓе кои ќе останат, ќе создаваат и ќе градат тука.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Мојот пристап е фокусиран на дела, на реални решенија, одговорно со чесна работа и со континуирана посветеност. Тоа, во текот на двата мандати, го покажавме и докажавме со конкретни резултати.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Нашиот пристап продолжува да се базира на четири клучни столба околу кои гравитираат сите стратегии, политики и проекти на општината:

  • Функционален и безбеден јавен простор Ќе продолжиме да работиме на создавање функционален и безбеден јавен простор, каде што секој граѓанин ќе се чувствува пријатно и сигурно. Особено значење ќе дадеме на сообраќајната безбедност и на подобрувањето на сообраќајната култура. Со нов сообраќаен проект за градската мрежа во Крушево, ќе изградиме паркинг-простори секаде каде што тоа е изводливо, а централното градско подрачје ќе добие регулиран сообраќаен режим за подобра мобилност за пешаците и уреден урбан простор. Ќе обезбедиме јавен простор за сите – чист, уреден и достапен за лицата со попреченост, за постарите лица, младите, жените, децата и семејствата, преку пристапна инфраструктура, осветлување, безбедни пешачки зони, детски игралишта и простори за спорт и дружење. Јавниот простор ќе биде место каде што секој граѓанин се чувствува безбеден, почитуван и вклучен.
  • Чиста и здрава животна средина Најголем приоритет во наредниот мандат ќе биде обезбедување чиста и здрава животна средина за сите граѓани. Ќе работиме на воспоставување беспрекорна комунална хигиена преку ефикасно собирање и управување со отпадот во градот, со редовно одржување на јавните простори, со собирање на отпадот во сите населени места, како и со спроведување на редовни акции за чистење и пошумување. Ќе преземеме конкретни мерки за намалување на загадувањето и за заштита на квалитетот на воздухот. Особено внимание ќе посветиме на трајното решавање на проблемот со дивите депонии, особено депонијата во Крушево, за поздрава и побезбедна околина.
  • Општина по мерка на граѓаните Ќе продолжиме да ја градиме општината транспарентно, отворено и отчетно, каде што гласот на граѓаните се слуша и почитува. „Никој никогаш не е вратен“, така ќе биде и во наредните четири години. Крушево е услужна и ефикасна локална самоуправа, која ќе продолжи да работи во интерес на сите граѓани, со јасни и транспарентни процедури. Нашата визија се темели на нулта толеранција кон корупцијата, а приоритет ни е да градиме општина што е достапна, правична и одговорна кон своите жители.
  • Младите во фокусот - Нова парадигма за здрав и одржлив развој Крушево, како и многу други општини во државата, се соочува со сериозен предизвик – тренд на иселувањето на младите и работоспособните граѓани. Затоа, во основата на нашата програма стои јасна и цврста определба: младите се нашата иднина и надеж и токму затоа се во центарот на секоја развојна стратегија. Наша цел е да градиме здрави, самосвесни и демократски ориентирани индивидуи, преку системски пристап во образованието, пристап до културни и спортски активности, граѓанска едукација и поддршка за младинско учество во донесувањето одлуки, со конкретни мерки:
  • Образование: Континуирана поддршка на истакнати ученици и социјално ранливи категории; финансиска поддршка за секој запишан ученик во СОУ „Наум Наумоски – Борче“; поддршка за дуално образование и соработка со бизнис-секторот за практична настава; едукативни програми и обуки.
  • Култура: Отворање Младински центар како простор за креативно изразување, соработка и менторство; финансирање на локални културни настани, фестивали, изложби во кои ќе се вклучуваат младите; културна размена со други општини и земји, преку проекти и партнерства.
  • Спорт: Реконструкција и модернизација на спортските терени на Гумење и во населените места; финансиска и логистичка поддршка за спортски клубови; организирање и поддршка на спортски турнири и настани за млади; финансиска поддршка за талентирани спортисти за учество на државни и на меѓународни натпревари.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Континуирано водоснабдување на Општина Крушево

Опис на проектот

Проектот се однесува на:

  • Воведување систем за следење на притисокот, протокот и потрошувачката во реално време
  • Реконструкција и доизградба на водоводната мрежа во Крушево – фаза 3, заедно со куќни приклучоци каде што постојната водоводна мрежа е застарена
  • Реконструкција на водоводните шахти по краците како основа за поставување на мерно-регулациони инструменти за следење и контролирање на протокот и притисокот на водата по водоводните краци
  • Реконструкција на каптажите и цевководот од гравитациониот систем за водоснабдување на Крушево и поставување мерни инструменти за контрола за влез на водата во системот од гравитационите извори
  • Реконструкција на водоводната мрежа во с. Борино
  • Зафаќање на извори за вода за пиење на територија на КО Врбоец, КО Св. Митрани и КО Милошево и изградба/доградба на водоводните системи за подобрување на водоснабдувањето на наведените населени места

Влијание на проектот:

Во наредниот мандат ќе ги интензивираме активностите во областа на водоснабдувањето со гаранција за сигурен, квалитетен и непрекинат доток на вода.

Целна група:

  • Сите домаќинства во општина Крушево
  • Бизнис-секторот и јавните установи (училишта, здравствени установи, јавни објекти)
  • Туристите и посетителите

Рок на реализација:

2025 – 2029 година

Буџет

60.000.000 денари

Реконструкција на пумпната станица во с. Норово за водоснабување на Крушево

Опис на проектот

Проектот се однесува на целосна реконструкција на пумпната станица во с. Норово за водоснабдување на градот Крушево, со која е планирано да се замени целокупната среднонапонска и нисконапонска опрема со трансформаторите и целокупната електрична инсталација во објектот на пумпната станица, фасонските елементи, арматурите, акумулаторската батерија и да се инсталираат две нови пумпи. Со проектот се предвидува замена на целокупната застарена електроенергетска и механичка опрема, што ќе има значителни позитивни ефекти на повеќе нивоа:

  • Подобрување на сигурноста и континуитетот на водоснабдувањето
  • Енергетска ефикасност и намалување на трошоците
  • Подобрена безбедност и управување
  • Одржливост и заштита на животната средина
  • Долгорочна корист за граѓаните

Влијание на проектот:

Проектот претставува стратешки инфраструктурен зафат од особено значење за сигурно, ефикасно и одржливо водоснабдување на градот Крушево.

Целна група:

  • Сите жители на град Крушево
  • Јавните институции
  • Туристите и посетителите на Крушево
  • Претприемачите и угостителите (хотели, ресторани)
  • ЈКП Комуна Крушево и Општина Крушево

Рок на реализација:

2025 – 2026 година

Буџет

36.649.522 денари

Интегрирано управување со отпадот во Општина Крушево

Опис на проектот

Проектот опфаќа две компоненти:

  • Воведување систем за примарна и за секундарна селекција на отпадот во Крушево преку: воспоставување сеопфатен центар за управување со отпадот во Крушево на парцела од поранешната кланица, набавка на дополнителен број канти за отпад, набавка на камион за собирање на селектирани фракции на отпад (пластика, хартија, картон, ПЕТ-амбалажа), набавка на хидраулична преса за пресување на отпадниот материјал и третирање на депонијата во согласност со регионалниот систем за управување со отпад
  • Воспоставување систем за собирање на отпад во населените места во општината и чистење на дивите депонии за заштита и унапредување на животната средина

Во имплементацијата на проектот посебно внимание ќе се обрне на подигнувањето на јавната свест и на вклучувањето на граѓаните. Значајна компонента на овој проект е формирањето на партнерство со приватниот сектор како и со рециклажни компании и откупни пунктови.

Влијание на проектот:

Целта на овој проект е да се создаде одржлив, ефикасен и еколошки систем што ќе го третира отпадот како ресурс, а не како проблем.

Целна група:

  • Домаќинствата во општината
  • Учениците и младите
  • Комуналното претпријатие
  • Локални бизниси, особено угостителските објекти
  • Туристите

Рок на реализација:

2025 – 2029 година

Буџет

38.413.000 денари

ПРОЕКТИ

Изградба на обиколница на Крушево – фаза 1

Опис на проектот

Фазата 1 од изградбата на обиколницата се однесува на изградба на:

  • Приклучок на регионален пат Крушево – Пуста Река кај чешмата на АРМ – 100 m
  • Дел од обиколница околу Крушево од чешмата на АРМ кон зимско-рекреативниот центар Станич – 761.35 m
  • Дел од обиколница околу Крушево од бензинска станица на Макпетрол кон зимско-рекреативниот центар Станич – 870.31 m
  • Приклучок на регионалниот пат кај бензинска станица на Макпетрол – 250 m

Влијание на проектот:

Проектот ќе овозможи унапредување на инфраструктурата преку зголемување на економскиот раст, развој и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Крушево.

Целна група:

  • Жителите на Крушево, особено оние што живеат покрај „главната улица“ и се изложени на зголемен сообраќаен метеж, бучава и загадување
  • Туристи и посетители

Рок на реализација:

2025 – 2026 година

Буџет

62.231.135 денари

Изградба на ново полетувалиште за параглајдинг „ЦРН ВРВ“ во близина на Крушево

Опис на проектот

Проектот се однесува на формирање градежна парцела со намена Д3 – Спорт и рекреација на зелени површини на околу 1320–1430 m надморска височина, каде што ќе се изградат два терени за полетување со површини од 1.018,21 m² и 989,87 m² со завршна обработка од висококвалитетна вештачка трева. Терените ќе овозможат полетување при ветер од повеќе правци.

Влијание на проектот:

Новото полетувалиште за параглајдинг во Крушево директно ќе придонесе за зголемување на туристичката понуда, за привлекување нови посетители и продолжување на туристичката сезона во градот.

Целна група:

  • Туристи љубители на адреналинот
  • Спортски екипи
  • Рекреативци
  • Издавачи на приватно сместување
  • Ресторани и хотели

Рок на реализација:

2025 – 2026 година

Буџет

8.652.160 денари

Изградба, дограба и реконструкција на општински патишта и улици во Општина Крушево

Опис на проектот

Изградба, доградба или реконструкција на улици и пешачки патеки како во Крушево така и во населените места, како и уредување на јавни површини ќе биде врвен приоритет на општината во наредниот период. До секој дом – уреден пат, улица или патека!

Ќе продолжиме со изградба на пат до манастир Св. Ѓорѓи во с. Бучин, улици низ с. Врбоец, Св. Митрани, Пресил, Алданци, Норово, Саждево, Борино.

Влијание на проектот:

Секој граѓанин заслужува безбеден, квалитетен и пристоен пристап до својот дом.

Целна група:

  • Сите жители на Општина Крушево
  • Ученици и наставен кадар кои секојдневно патуваат до училиштата
  • Земјоделци и бизнисмени, кои имаат потреба од квалитетна патна инфраструктура за транспорт на стоки и производи
  • Туристи и посетители
  • Возачи и пешаци

Рок на реализација:

2025 – 2029 година

Буџет

60.000.000 денари

Уредување на дел од спортско-рекреативниот центар Гумење

Опис на проектот

  • Изградба на детски рекреативен парк во близина на повеќенаменските игралишта на Гумење
  • Изградба на пешачки патеки, заштита на постојните игралишта од обрушување на косините
  • Хортикултурно уредување
  • Уредување на простор за отворени тренинзи, организирање спортско-рекреативни настани и манифестации
  • Поставување на „smart led“ осветлување на просторот околу игралиштата и Крушевското Езеро

Влијание на проектот:

„Гумење“ да прерасне во атрактивна локација за посетителите од земјата и од странство, која ќе создаде нова вредност за локалната економија.

Целна група:

  • Локалното население, особено младите, семејствата со деца и повозрасните граѓани
  • Домашните и странските туристи, љубителите на активниот туризам и здравиот начин на живот
  • Спортските клубови и училиштата
  • Организаторите на настани, коишто ќе имаат можност да ја користат инфраструктурата за рекреативни, културни и спортски собири
  • Мали локални бизниси и угостители

Рок на реализација:

2025 – 2026 година

Буџет

5.690.000 денари

Реконструкција на Домот на културата „Наум Наумоски - Борче“ во Крушево

Опис на проектот

Со проектот се предвидува зачувување на недвижното културно добро во својот автентичен габарит. Во приземјето се предвидува мултифункционален простор, сувенирница и отворени читални. Дел од проектот е целосно обновување на фасадата, со почитување на елементите на традиционалната крушевска староградска архитектура.

Влијание на проектот:

Ќе се придонесе кон развој на културниот туризам и ќе се зголеми капацитетот за институционално поврзување и соработка со институциите од регионот од областа на културата.

Целна група:

  • Локалното население, особено младите, учениците и културните работници
  • Училиштата и здруженијата на граѓани кои ќе го користат објектот за организирање на настани, изложби, работилници и едукативни активности
  • Посетителите и туристите
  • Општината и јавните институции

Рок на реализација:

2026 – 2027 година

Буџет

29.050.000 денари

Реконструкција на Градскиот пазар во Крушево

Опис на проектот

Проектот се однесува на имплементација на подобрено техничко решение за кровната конструкција со енергетска ефикасност, замена на оштетена столарија и браварија, поправка на оштетените фасадни делови и поставување огноотпорна фасадна изолација, изолација на водоводната и канализациска инфраструктура.

Влијание на проектот:

Реконструкција на Градскиот пазар во Крушево е неопходна за да создадеме уреден, функционален и хигиенски безбеден јавен простор, што ќе биде во служба на граѓаните, на производителите на храна и на трговците.

Целна група:

  • Локалните земјоделци, производителите и продавачите на свежи земјоделски производи и на млечни производи
  • Жителите на Крушево
  • Туристите и посетителите

Рок на реализација:

2026 – 2027 година

Буџет

6.845.880 денари

Уредување на спортските игралишта и на детските и рекреативни паркови во Општина Крушево

Опис на проектот

Проектот опфаќа уредување на детско-рекреативни паркови и тоа:

  • Градскиот парк во Крушево
  • Обнова на детскиот парк до Спомен-куќата на Тоше Проески со поставување нови реквизити и видео надзор
  • Детски рекреативен парк на Гумење во близина на повеќенаменските игралишта
  • Детски рекреативни паркови во населените места

Влијание на проектот:

Со уредени и функционални детски и рекреативни паркови, Крушево ќе стане општина по мерка на децата, која се грижи за својата иднина и вложува во вредностите на здравото и активно општество.

Целна група:

  • Децата, младите и учениците
  • Спортските клубови и неформалните групи
  • Љубителите на спортот и рекреацијата
  • Родителите што ги придружуваат децата и ги користат парковите како безбедни места за дружење и релаксација
  • Воспитно-образовниот кадар
  • Туристите и посетителите на Крушево, каде што парковите се дел од понудата за семеен туризам

Рок на реализација:

2026 – 2029 година

Буџет

15.000.000 денари

Изградба на пат Крушево – манастир Св. Спас – манастир Св. Василие

Опис на проектот

Основниот проект за изградба на патот Крушево – манастир Св. Спас – манастир Св. Василие опфаќа две фази:

  • Локален пат од приклучокот со регионален пат Р1306 (Крушево), во близина на градските гробишта во Крушево, до манастирот Св. Спас (L≈3,1 km)
  • Локален пат од манастирот Св. Спас до манастирот Св. Василиј (L≈1,7 km), пробиена траса со променлива ширина од 2,5 m до 3,5 m

Влијание на проектот:

Ќе изградиме безбеден пристапен пат, кој ќе обезбеди лесен и безбеден пристап за верниците, туристите и локалните жители.

Целна група:

  • Локалното население на општина Крушево, особено жителите од руралните населби во близина на манастирите
  • Планинарите и рекреативците
  • Домашните и странските туристи, љубителите на духовен и културен туризам, кои сакаат да ја истражат духовната и природната понуда на Крушево

Рок на реализација:

2027 – 2028 година

Буџет

78.000.000 денари (фаза 1)

Изградба на пат до м.в Ручало (пристап до ново полетувалиште за параглајдинг)

Опис на проектот

Во рамките на овој проект, предвидена е изградба на нов пат од манастирот Св. Преображение до локалитетот Ручало и ново полетувалиште за параглејдеристи, со приближна должина од 3.500 m. Патот ќе вклучува и паркинг за максимум 50 возила, со посебни места за паркирање на автобуси и кружно вртење на крајот од патот.

Влијание на проектот:

Диверзификација на туристичката понуда и поттикнување на развојот на авантуристичкиот туризам во Крушево со нови можности за економски раст.

Целна група:

  • Параглајдеристите од земјата и од странство
  • Спортските клубови и параглајдинг федерациите
  • Локалното население
  • Младите и рекреативците
  • Општина Крушево
  • Инвеститорите и поддржувачите на спортскиот туризам

Рок на реализација:

2027 – 2028 година

Буџет

73.535.712 денари

Воспоставување нови планински, велосипедски и пешачки патеки

Опис на проектот

  • Трасирање на нови планински патеки за рекреација, спорт или семејни прошетки
  • Обележување и поставување на информативни табли и патокази
  • Интеграција со постојната туристичка мрежа, поврзување со културно-историски споменици и природни знаменитости
  • Изработка на дигитална мапа и мобилна апликација
  • Промотивни активности за привлекување на љубителите на авантуристичкиот и еко-туризмот

Влијание на проектот:

Го користиме потенцијалот Крушево да стане водечка дестинација за планински велосипедизам во Северна Македонија и пошироко.

Целна група:

  • Велосипедистите и спортистите од земјата и странство
  • Туристите и љубителите на активен одмор
  • Велосипедските клубови и здруженија
  • Туристичките работници и угостители
  • Младите луѓе и рекреативците
  • Локалното население

Рок на реализација:

2026 – 2029 година

Буџет

6.000.000 денари

Изградба, реконструкција и санација на подрачни училишта во Општина Крушево

Опис на проектот

  • Реконструкција на подрачното училиште во с. Пресил
  • Реконструкција и доградба на подрачното училиште во с. Норово
  • Реконструкција на подрачното училиште во с. Алданци
  • Реконструкција на подрачното училиште во с. Врбоец

Влијание на проектот:

Обновата и подобрувањето на условите во подрачните училишта на територијата на Општина Крушево претставува стратешка инвестиција кон еднаквост, пристапност и квалитетно образование за сите ученици, без разлика на нивното место на живеење.

Целна група:

  • Учениците од руралните населби во Општина Крушево
  • Наставниот кадар и вработените во подрачните училишта
  • Родителите и семејствата во руралните заедници
  • Локалните заедници

Рок на реализација:

2026 – 2029 година

Буџет

60.000.000 денари

Изградба на канализациски системи во населените места во Општина Крушево

Опис на проектот

Проектот се однесува на изградба на канализациски системи во населените места Алданци, Пресил, Св. Митрани, Врбоец, како и изградба на нови краци во с. Норово.

Со изградбата на канализациските системи во населените места значително ќе ја подобриме комуналната инфраструктура, а со тоа и условите за живеење на населението.

Влијание на проектот:

Изградбата на канализациски системи во населените места е наш приоритет во насока на подобрување на животниот стандард, на заштитата на јавното здравје и зачувување на животната средина во населените места.

Целна група:

  • Жителите на населените места во општина Крушево без постоечка канализациска мрежа

Рок на реализација:

2026 – 2029 година

Буџет

60.000.000 денари

Воспоставување на младински центар во Крушево

Опис на проектот

Во „Горната училишна зграда“ ќе се опреми простор за младински центар што ќе има бројни придобивки за младите во општината:

  • Квалитетно искористување на слободното време
  • Понуда за младите за забава и учење
  • Заеднички простор за вмрежување
  • Креирање и отпочнување заеднички иницијативи
  • Поддршка за маргинализираните млади
  • Општествено вклучување, односно учество во локалните процеси

Влијание на проектот:

Отворањето на Младински центар во Крушево ќе овозможи подобрување на благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот.

Целна група:

  • Младите лица на возраст од 15 до 29 години
  • Средношколците и студентите
  • Невработените млади
  • Младинските организации и неформалните групи

Рок на реализација:

2027 – 2028 година

Буџет

4.000.000 денари

МЕСНИ ПРОЕКТИ

Урбани и месни заедници

  • Урбанистичко проширување на Индустриската зона „Опаленик“
  • Создавање на поволно деловно опкружување и поддршка на малите и средни претпријатија
  • Изградба на систем за водоснабдување на населба „Трстеник“
  • Планирање на населба за домување во близина на поранешната фабрика Илинденка
  • Финансиска поддршка за секое новороденче во Општина Крушево, за поддршка на младите семејства
  • Континуирано субвенционирање за сите средношколци од општината што ќе учат во СОУ „Наум Наумовски – Борче“ во Крушево, во текот на сите учебни години од средното образование за поддршка на младите и олеснување на трошоците за образованието
  • Поддршка на развојот на дуалното образование во Крушево преку партнерства со локалните бизниси и склучување договори помеѓу средното училиште и компаниите за квалитетна практична обука на учениците
  • Еднократна финансиска поддршка на социјално ранливите категории граѓани, со фокус на најзагрозените семејства и поединци
  • Имплементација на проектот за Општинска корисна работа за обезбедување помош и поддршка на старите и изнемоштените лица во нивните домови
  • Зголемен буџет за третирање на кучињата скитници
  • Поостри инспекции и казнени мерки за сопствениците на домашни животни кои несовесно ги пуштаат на јавни површини
  • Поддршка на спортските клубови, здруженијата и иницијативите за рекреативни спортски активности
  • Поддршка на меѓународните и светските првенства во параглајдинг, како и на културните манифестации
  • Набавка на теренско противпожарно возило
  • Промоција на Крушево како дестинација за четири сезони