Почитувани ѓорчевци, почитувани сограѓани,
Ви се обраќам како кандидат за градоначалник, но пред сѐ ви се обраќам како еден од вас. Како човек што ги чувствува истите разочарувања, тага и револт како и вие, поради тоа какво е Ѓорче денес, и како човек што ги има истите желби, заложби и увереност за тоа какво треба да биде Ѓорче утре.
Подавам рака на сите, заедно да работиме за Ѓорче, но истовремено ве уверувам дека нема да има компромис со никого кога се во прашање интересите на заедницата.
Сите ние добро знаеме што му треба на Ѓорче. Му треба чиста и здрава животна средина, а не улици преплавени со ѓубре и запуштени јавни простори. Ѓорче има потреба од нови модерни градинки и училишта, но и подобрување на условите во постојните. Му требаат паркови, содржини за децата и младите, функционални улици и сообраќајници, и – да, паркинзи, многу паркинзи.
И најосновното – на Ѓорче му треба стабилен притисок на вода. Неприфатливо е, во 21 век, жителите водата да ја добиваат капка по капка.

Ѓорче има потреба од јавен простор што ќе биде безбеден, хуман и достапен за сите. Не му требаат висококатници, туку развој на околината по мерка на човекот. Бетонизирањето и обезличувањето мора да запрe.

Јас не ветувам невозможни чуда – но ветувам искрена, упорна, секојдневна работа и постојана комуникација со вас. Верувам, и ве уверувам: Ѓорче може и мора да биде подобро место за живеење. И ќе биде!
Знам дека секој од вас во својата средина на живеење, на својата улица, се соочува со инфраструктурни проблеми и со проблеми што го нарушуваат нормалното живеење и функционирање, затоа Општината и општинската администрација ќе станат вистински сервис на граѓаните што ќе ги следат потребите на граѓаните и професионално, ефикасно и навремено ќе ги решаваат нивните проблеми.
Ѓорче може и мора подобро!

Со почит и благодарност,

Костадин Ацевски

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

  • 1. Дејан Трајковски - Џонсон
  • 2. Маја Стојковска
  • 3. Иво Скилески
  • 4. Кристиан Јовановски
  • 5. Игор Трајчевски
  • 6. Миа Стојановска
  • 7. Борче Гиноски
  • 8. Магдалена Данева
  • 9. Марта Крстеска
  • 10. Бобан Велјаноски
  • 11. Кристијан Велковиќ
  • 12. Маја Димоска
  • 13. Ана Јордева
  • 14. Никола Гацевски
  • 15. Благица Павловска
  • 16. Златко Србиновски
  • 17. Божо Веселиноски
  • 18. Лилјана Смилеска
  • 19. Влатко Цветковски
  • 20. Верка Перовска
  • 21. Илија Спасовски
  • 22. Снежана Јованоска
  • 23. Александар Симоноски

Почитувани ѓорчепетровци,
Како кандидати за членови на советот во Општина Ѓорче Петров, ви се обраќаме како ваши соседи со кои секојдневно се среќаваме во маало, во локалната продавничка, во автобус, во паркот во Ѓорче или на кејот, и со кои ги делиме истите проблеми од секојдневното живеење, ги газиме истите улици, се соочуваме со истите предизвици и имаме заедничка обрска да ја направиме Општината подобро место за живеење.
Сведоци сме на брутална бетонизација која го нарушува нормалното функционирање и хуманиот развој на Ѓорче, сведоци сме и на мини депонии во секое маало штои ја загрозуваат животната средина и здравјето на нашите деца и на сите нас. Овие проблеми не смеат да останат нерешени.
Нашата цел е да иницираме одговорни и одржливи политики за уредување на просторот, современи системи за управување со отпадот и подобра организација за чиста и уредна општина. Веруваме дека со вашата поддршка можеме да создадеме поздрава, почиста и похумана средина во која сите ќе се чувствуваме горди што живееме во Општина Ѓорче Петров.

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

За само еден мандат локална власт предводена од СДСМ реализиравме:

  • Нова детска градинка во Волково.
  • Модернизиран систем за јавно осветлување.
  • Уреден парк во Ѓорче Петров – КОРЗОТО.
  • Доградба на ПООУ Димитар Поп-Георгиев Беровски, ПООУ Тихомир Милошевски, ЈОУГД Росица – објект детелинка.
  • Инсталирање на нов еколошки систем за греење и ладење на принцип на топлински пумпи во спортската сала Христо Бтанџиев.
  • Енергетски ефикасен кров на ООУ Димитар Георгиев Беровски и ООУ Ѓорче Петров.
  • Нова Спортска сала во ООУ Јоаким Крчоски.
  • Изградба на улиците Ѓуро Салај, Андон Кецкаров, ул. 20, 22 и 49 во Волково, ул. 2, 5, 6, 7 во Александрија.
  • Реконструкција на улиците Ѓорче Петров, 4-Јули, Александар Македонски, Кадињача, Мијачка, Островска, Алексо Демниевски, Знеполе, Пробиштипска, Исаија Мажовски, Стево Филиповиќ, Даутица, Јосиф Ковачев, на локалниот пат Кучково кон Грачане месност Чашка, локалниот пат Волково – с. Кучково, локалниот пат од Орман до Магистрала Скопје – Косово, локалните улици во Волково и Пржина 3, 5, 7, 11, 13, 15, 17, 19, 24, 25, 27, 29, 31, 47, 55, 60, 73, 75, 76, 81, 87, 89, 95, 100, локалните улици во Кисела Јабука 2, 2а, 8, 10, 12, 14, 18, 28, 30, 32, 34, 36, 38, 40, 46, 48, 52, 54, 56, 62, 64, 84.
  • Изградба на водоводна мрежа во Волково, Кисела Јабука, Стопански Двор, Никиштани.
  • Реконструкција на спортски игралишта, обнова на подна облога.
  • Паркинг-места на ул. Шидска, Лука Геров, Тиранска, на стадионот „Лавови“, на стадионот „Македонија - Ѓорче Петров“.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

Во последните дваесет години, 16 години локалната власт е предводена од ДПМНЕ. За овој мандат ветија, а не реализираа:

  • Проектот „Ѓорче Петров без кал“ – асфалтирање на нови улици на целата територија од Општина Ѓорче Петров.
  • Подигнување нови зелени површини во Ѓорче Петров - парк во секое маало.
  • Изградба на две нови градинки во УЗ „Ѓорче Петров“ и Стопански Двор – Ново Село, како и започнување проект за изградба на нова детска градинка во Хром.
  • Изградба и обнова на постоечките детски игралишта во секое маало.
  • Проширување на мрежата со ново енергетско ефикасно и штедливо осветлување и реконструкција на постоечкото осветлување во „Ѓорче Петров“ со енергетско ефикасно и штедливо осветлување.
  • Уредување на речното корито на реката Лепенец.
  • Пробивање на кејот од потегот Влае/Нерези до Хром и изградба на пешачка и велосипедска патека по кејот на реката Вардар.
  • Игралиште за кошарка во секое маало со ноќно осветлување, изградба на нови и ревитализација на постоечките игралишта.
  • „Ѓорче без отпад“ - чистење на сите депонии и претворање во зелени површини.
  • Подобрување на снабдувањето со вода во урбаниот дел на Општината.
  • Изградба на два кружни тека.
  • Поврзување со рекреативна патека на Хром од Нерези/Влае со нејзино осветлување.
  • Воведување активна и пасивна сообраќајна безбедност на главната улица „Ѓорче Петров“, од потегот на влезот во градот Скопје до кружниот тек со населбата Влае.
  • Целосна функционалност на индустриската зона – изградба на потребната инфраструктура.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто (повторно) се кандидирате? Што е мотивот?

Мојата одлука да се кандидирам произлегува од длабокото уверување дека и Општината Ѓорче Петров и политичката опција што ја претставувам – СДСМ, имаат потреба од нова енергија и кредибилна трансформација. Во време кога предизвиците се најголеми, не се повлекувам, туку чувствувам обврска да бидам активен чинител на промените. Тоа чувство на одговорност ми е главниот двигател.

Колку е важно да се има визија за општината, за нејзино подобро функционирање и за нејзин развој. Дали во тој контекст е потребно да се има и визија за општеството во целина?

Ѓорче Петров се соочува со сериозни проблеми: еколошка запуштеност, прекумерна и неконтролирана бетонизација и чувството на институционална негрижа. Овие состојби резултираат со нечисти улици, со уништено зеленило и со урбан простор што не им служи на граѓаните. Мојата визија за четири години е модерна општина што дише – чиста, уредена, со многу зеленило и со инфраструктура што ја поддржува благосостојбата на сите жители.

Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат и натаму? Нешто што ќе направи промена. Дали е доволно да се понудат само инфраструктурни проекти?

Ѓорче Петров се соочува со сериозни проблеми: еколошка запуштеност, прекумерна и неконтролирана бетонизација и чувството на институционална негрижа. Овие состојби резултираат со нечисти улици, со уништено зеленило и со урбан простор што не им служи на граѓаните. Мојата визија за четири години е модерна општина што дише – чиста, уредена, со многу зеленило и со инфраструктура што ја поддржува благосостојбата на сите жители.
Најпрво ќе пристапиме кон итно стопирање на неконтролираното градење што ја уништува урбаната логика и го влошува квалитетот на животот во Општината. Истовремено ќе воспоставиме системска грижа за хигиената и зеленилото, што ќе го врати достоинството на јавниот простор и ќе создаде поздрав животен амбиент. Еден од основните приоритети ќе биде и суштинско решавање на проблемот со водоснабдувањето, што е клучно за здравјето и за благосостојбата на сите граѓани.

Колку се важни младите за нашата општина?

Младите се клучот за иднината на едно општество. Тие носат енергија, идеи и иницијатива што можат да ја придвижат заедницата напред. Без нивната активна улога, развојот е невозможен, затоа е важно да создадеме услови каде што младите ќе сакаат да живеат, да учат, да спортуваат, да се забавуваат и да се развиваат.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како може да се решаваат?

Општина Ѓорче Петров се соочува со многу проблеми меѓу кои – сообраќајните гужви и неосветлените улици. За решавање на овие проблеми, планираме интегриран пристап: целосно осветлување на улиците и кејот, изградба на нови паркинг-места, имплементирање решенија за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на гужвите, редовно одржување на јавните простори, како и зголемена соработка со полицијата и со комуналните служби за превентивни мерки.

Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниот период?

За Ѓорче е особено важен Градскиот јавен сообраќај – да биде модерен, достапен и еколошки, како неопходен елемент за квалитетен живот.
Пешачките и велосипедските патеки се особено важни за виталноста на здравјето на граѓаните со користење алтернативни начини на транспорт, и нивната безбедност и одржливост. Ѓорче Петров денес нема функционални пешачки и велосипедски патеки, и неопходно е брзо да се започне со изградба и подобрување на оваа инфраструктура.

Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?

Истовремено потребна е строга контрола и спречување на дејствијата што доведуваат до загадување на воздухот и контаминирање на почвата. Преку редовно одржување на јавните површини, со поставување доволен број садови за собирање на отпадот, со контрола и санкции за несовесното однесување, како и со едукативни програми за граѓаните ќе се справиме со постоечките депонии и ќе спречиме го создавањето на нови поголеми и помали депонии.

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?

Транспарентноста во работата на градоначалникот и на општинските служби, и учеството на граѓаните во процесите се клучни за подигнување на довербата на граѓаните во системот, доверба којашто во моментов е на многу ниско ниво, вклучително и во системот и функционирањето на локалната самоуправа.
Јавноста во работата на Советот преку јавни преноси на сите седници, редовните средби со медиумите и отворените денови за граѓаните се само еден дел од чекорите што ќе ги спроведеме веднаш, а коишто ќе придонесат за зголемување на транспарентноста.
Заживувањето на месните и на урбаните заедници како форуми каде што граѓаните активно ќе учествуваат во донесувањето одлуки, ќе придонесе кон зголемено учество на граѓаните во процесите.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Иднината на Општина Ѓорче Петров зависи од луѓето што живеат тука. Иселувањето и опаѓањето на наталитетот се сериозни проблеми на нашето општество и тие единствено можат да се решат со создавање услови за квалитетен, безбеден, достоинствен и перспективен живот. За таа цел потребни се системски решенија, искрен и чесен пристап кон проблемите и предизвиците, и создавање долгорочна, но пред сѐ остварлива стратегија за локален економски развој.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Знам дека голем дел од граѓаните немаат доверба во луѓето што се кандидираат за одредена функција, и знам дека мислат сите се исти и дека ветувањата не се исполнуваат.
Но, јас сум човек што држи до својот збор. Ако ја добијам вашата доверба – ќе направам сѐ, со искрена посветеност и одговорност, за да ја оправдам.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Нашата визија за Ѓорче Петров

Мојата визија за развојот на Општина Ѓорче Петров се темели на политики што директно го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните и што создаваат чувство на припадност и перспектива.

Децата и раниот детски развој ќе бидат еден од клучните приоритети на новата локална власт. Во таа насока особено внимание ќе се посвети на квалитетот на згрижувањето, образованието и воспитувањето на децата во предучилишното и основното образование.
Нашите цели се: предучилишно образование за секое дете, без „листи на чекање“, основно образование што целосно ќе може да одговори на сите предизвици на новото време, инклузивно образование за сите, со современи, енергетски ефикасни објекти, со опремени спортски сали, со зелени и уредени дворови, адаптирани и пристапни за децата со попреченост.

Младите мораат да ја почувствуваат Општината како место каде што имаат улога и каде што имаат иднина. За таа цел е неопходно нивното учеството во процесот на креирање на младинските политики и во создавањето и носењето на локалната стратегија за млади.
Нашиот коцепт за остварување на овие цели, подразбира: функционален локален младински совет и отворање на младинска канцеларија, финансиска и материјална поддршка од областа на јавните дејности за младите, процент од буџетот за младите во Општината, создавање дата база со образовни и социјални профили на млади на возраст од 18 до 29 години коишто се невработени, овозможување практика и евентуален работен ангажман на младите зависно од потребите на компаниите и од образовниот профил на младите.
Покрај тоа, младите ќе бидат вклучени во креирањето и организација на културни и спортски настани, фестивали, филмски вечери, турнири и волонтерски акции – за да го почувствуваат духот на заедништвото.

Жените, како една од клучните општествени групи, заслужуваат поголема поддршка. Затоа ќе бидат развиени програми за нивно економско јакнење преку обуки, менторство и финансиска поддршка за женското претприемништво. Општината ќе инвестира и во подобрувањето на услугите за згрижување на децата, што директно ќе им помогне на семејствата, а ќе бидат реализирани и кампањи за превенција и за борба против семејното насилство. Жените ќе добијат и поголема улога во јавниот живот преку формирање советодавни групи, форуми кои ќе учествуваат во креирањето локални политики.

Највозрасните наши жители се важен дел од нашата општина. Нивното животно искуство, знаењето и вредностите се богатство што мора да се почитува и да се користи. Затоа, ќе дејствуваме во две насоки – да им обезбедиме грижа, поддршка и достоинствен живот, но и активно да ги вклучиме во секојдневното функционирање на Општината. Само така ќе изградиме заедница која навистина се грижи за сите генерации.
За таа цел, пензионерите и пензионерските здруженија ќе бидат вклучени во јавните дискусии за креирање на буџетот и на програмите на Општината, а ќе се обезбедат соодветни простории за пензионерските клубови и ќе бидат поддржувани за организацијата на спортски, културни и друштвени активности за највозрасните. Исто така ќе обезбедиме помош на социјално ранливите лица, како и финансиска поддршка за дневните центри и други активности за старите лица.

Ќе градиме општина со еднаква грижа за сите, ќе креираме и спроведуваме мерки за спречување и намалување на социјалните ризици, на сиромаштијата и на исклученоста – со посебен фокус на лицата со попреченост и социјално ранливите граѓани.

Во областа на образованието, ќе вложуваме во современото образование, преку опремување на училиштата со неопходните нагледни средства и помагала, со ИКТ-уреди (смарт табли, лап-топ уреди, ЛЦД-проектори и сл.) и со обезбедување на квалитетни интернет-конекции.
Особен акцент ќе се стави на инклузивноста, и на обезбедувањето соодветен пристап до училиштата за сите деца.
Во рамките на концептот за поддршка на образованието ќе обезбедиме и: бесплатна ужинка за сите ученици од прво до петто одделение, стипендии за десетте најдобри ученици од секое основно училиште, награди за учениците со постигнати резултати на натпревари, покривање на трошоците за учество на натпревари, формирање паралелки за продолжен престој и целодневна настава во сите училишта.

Културата ќе биде двигател на заедништвото и важен елемент за промоција на Општината. Активно ќе работиме на поддршка и афирмација на младите таленти, уметници, поети и писатели меѓу кои и млади пејачи како и на поп- и рок-бендови. Како и на поддршката, афирмацијата и негувањето на македонскиот фолклор и традиција, и општо на доближувањето на културата до граѓаните во Општината. Во таа насока, како општина ќе организираме голем број настани од областа на културата и ќе обезбедиме: финансиска и административно-техничка поддршка за здруженија на граѓани, културно-уметнички друштва и физички лица, поддршка на иновативни проекти со кои се унапредува социјалната инклузија на лицата со попреченост и заживување на просторот за кинопроекции во Домот на културата.

Спортот и рекреацијата ќе ги развиваме во две насоки, едната е постигнување поголема мотивираност и вклученост на младите, децата и лицата со попреченост како и на генерациите на сите возрасти во спортско-рекреативни активности. И за таа цел ќе работиме на обезбедување на соодветна инфраструктура, организирање масовни спортски настани – маратони, велосипедски тури и турнири, а ќе обезбедиме и финансиска и материјална поддршка за истакнати и талентирани млади спортисти.
Другата насока е развој на колективните спортови и за таа цел ќе обезбедиме финансиска и материјална поддршка за спортските клубови, спортските школи и сите традиционални турнири, натпревари и трки.

Во однос на транспортот и мобилноста, ќе се спроведуваат едукативни програми за безбедност во сообраќајот, особено за најмладите, а ќе се поттикнува и користењето на велосипед и јавен превоз преку субвенции и со подобрување на условите.

Животната средина ќе биде централна тема. Ќе се пристапи кон замена на конвенционалните системи за греење во јавните објекти со нови еколошки системи на принцип на топлински пумпи. Ќе се воведат едукативни програми за рециклирање во училиштата, ќе се организираат акции за садење дрвја и чистење на просторот во кои ќе учествуваат граѓаните, како и поддршка на локални здруженија што работат во областа на екологијата.

Конечно, довербата на граѓаните ќе се зајакне со вистинска транспарентност. Ќе има отворени денови на градоначалникот, електронски систем за предлози и поплаки, како и буџетски форуми каде што граѓаните директно ќе учествуваат во определување на приоритетите на Општината.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Стопирање на бетонизацијата на Ѓорче Петров

Опис на проектот

Како иден градоначалник, ќе ставам крај на неконтролираната изградба на висококатници и бетонизацијата на Ѓорче Петров, а со тоа и на континуираното загрозување на квалитетот на животот и нормалното функционирање на граѓаните. Со изградба на предвидените 4.000 станови само на просторот опфатен со ДУП СЗ 16, ќе се зголеми притисокот врз водоводната мрежа, дополнително ќе се зголемат веќе огромните проблеми со притисокот на водата, а веќе загушениот сообраќај кој и сега е преоптоварен дополнително ќе биде оптоварен и ќе створи тесни грла со долги редици, особено наутро и попладне. Место да дозволиме Ѓорче Петров да стане бетонска џунгла, веднаш ќе го стопираме издавањето одобренија за градба на објекти со категоризација А2 (згради). Во меѓувреме ќе работиме на анализа на просторот и ревизија на донесените ДУП-ови и ДУП-овите во постапка. Урбанизацијата на Ѓорче ќе се темели на принципите на хуман развој, центар на урбаната политика ќе биде човекот. Градењето не смее да биде насочено само кон профит, туку кон создавање услови за квалитетен живот.

  • Планирање што обезбедува зеленило, детски игралишта и јавен простор;
  • Инфраструктура што ги следи градежните развои – училишта, градинки, здравствени и социјални услуги;
  • Пристапни и функционални објекти за сите, вклучувајќи ги и лицата со попреченост;
  • Вклучување на граѓаните во процесот на урбанистичко планирање;
  • Рамномерен и правичен развој на сите делови од општината.

Ќе го запреме неконтролираното и непланско градење што го нарушува животниот стандард и што создава урбан хаос. Урбанизацијата мора да биде во функција на луѓето – не на сметка на нивниот мир, здравје и безбедност.

Влијание на проектот:

Овој проект ќе влијае директно на квалитетот на живот во Ѓорче Петров бидејќи ќе спречи дополнителен притисок врз водоводната и канализациска мрежа, и нема да има дополнителни проблеми со недостиг на вода и паркинг-простор. Со ограничување на неконтролираната бетонизација ќе се намали и загушувањето на сообраќајот, загадувањето и загрозувањето на животната средина како и узурпацијата на јавните површини.

Целна група:

Сите граѓани на Општина Ѓорче Петров

Рок на реализација:

2025 година

Буџет

10.000.000 денари

Чисто и зелено Ѓорче

Опис на проектот

„Чисто и зелено Ѓорче“ подразбира создавање уредена и здрава средина преку сеопфатен план за зголемување на јавната чистота во Ѓорче Петров. Редовно чистење и миење на улиците, особено на фреквентните сообраќајници и во близина на пазарите и училиштата. Веднаш ќе се исчистат огромната депонија на западниот влез во Ѓорче како и постојните мини депонии во секое маало. Ќе се воведе редовно чистење и дезинфекција на садовите за собирање на отпад, како и зголемување на нивниот број по улици.

Паралелно, ќе се организираат едукативни кампањи во училиштата и маалските заедници за правилно управување со отпад и рециклирање, како и акции за чистење со волонтерско учество. Со засилен инспекциски надзор и строги санкции за прекршителите, ќе се обезбеди трајна промена на навиките. Ќе се обноват сите постојни зелени површини и редовно ќе се одржуваат. Истовремено ќе се работи на подигнување на нови зелени површини во секоја урбана и месна заедница. Со овој проект Ѓорче Петров ќе стане пример за чиста и еколошки одговорна општина.

Влијание на проектот:

Проектот ќе влијае директно на сите жители на Ѓорче Петров, обезбедувајќи почиста и поздрава средина, помалку загадување и повисок квалитет на живот. Децата ќе растат во побезбедна околина, семејствата ќе добијат уредни маала, а заедницата ќе биде помотивирана за еколошко однесување.

Целна група:

Сите граѓани на Општина Ѓорче Петров

Рок на реализација:

Континуирано

Буџет

60.000.000 денари

„Оризарски Рид“ – Подобрено водоснабдување на урбаниот дел од Ѓорче

Опис на проектот

Проектот предвидува:

  • директен убод во главната водоводна линија со профил Фи 1600,
  • изградба на пумпна станица и резервоар,
  • поставување на потисен и повратен цевковод.

Ова е сериозен технички зафат што еднаш засекогаш ќе го реши проблемот со слабиот притисок на вода во нашата општина.

Влијание на проектот:

Проектот директно ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните, ќе го намали стравот од недостиг на вода, ќе создаде поволни услови за економски развој, ќе се минимизира изгубената вода и ќе се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.

Целна група:

УЗ Хром, УЗ Ѓорче Петров, УЗ Мирче Ацев, УЗ Дексион

Рок на реализација:

2028 година

Буџет

180.000.000 денари – Буџет на Град Скопје

Изградба на објекти за детски градинки

Опис на проектот

Проектот предвидува:

  • Изградба на нов објект на детска градинка за Александрија, лоциран на просторот што го опфаќа ДУП СЗ 16;
  • Изградба на нов објект на детска градинка лоциран во урбаната заедница Дексион;
  • Изградба на нов објект на детска градинка, лоциран во просторот што го опфаќа ДУП СЗ 03;
  • Изнаоѓање соодветна локација, проектирање и изградба на нов објект на детска градинка лоциран во урбаната заедница Хром.

Влијание на проектот:

Зголемување на сместувачките капацитети на градинките, елиминирање на листите на чекање за упис на децата во градинките и подобрување на квалитетот на животот.

Целна група:

Цела Општина Ѓорче Петров

Рок на реализација:

2028 година

Буџет

287.000.000 денари

ПРОЕКТИ

Изградба на објект за детска градинка во с. Ново Село

Опис на проектот

Довршување на изградбата на започнатата градинка во Стопански двор и нејзино опремување.

Влијание на проектот:

Зголемување на сместувачките капацитети на градинките и намалување на листите на чекање за прием на децата во градинките.

Целна група:

Сите жители на Општина Ѓорче Петров

Рок на реализација:

2026 година

Буџет

12.000.000 денари

Реконструкција на локални патишта и улици

Опис на проектот

Асфалтирање на неасфалтираните улици и реконструкција, модернизација и проширување на локалните патишта и улици во урбаните и руралните делови на Општината. Веднаш ќе се започне со следниве улици: Улица Воин Драшковиќ, краци на улица 51 во Стопански Двор, краци на улица 52 во Стопански Двор, улица 95, краци на ул. 95, краци на улица 60 во Волково, улица 35, улица 37, улица 39, улица 41, улица 102, улица 103 и краци во Волково, краци на улица 33 во Волково, улица 31 во Волково, краци на улица 81 во Волково, краци на улица 1 во Ново Село, улица 20, улица 84 и улица 44 со крак во Кисела Јабука, улица 49, краци на улица 100 во Волково, улица 5 со краци и улица 7 во Волково (кон с. Орман) и крак 3 (десно) на ул. 70 во Волково, пат од Волково до Кучково, крак на улица 1 во Ново Село, изградба на улици во ДУП СЗ 03, улици и краци на улици во с. Орман, пат од с. Орман до с. Никиштане, пат до манастир Мала Богородица во Стопански Двор, сервисни и станбени улици во Општината.

Влијание на проектот:

Со реализација на овој проект ќе се олесни движењето и животот на жителите на Општина Ѓорче Петров и ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот.

Целна група:

Сите жители на Општина Ѓорче Петров

Рок на реализација:

2028 година

Буџет

407.000.000 денари

Изградба и доградба на објекти – основни училишта

Опис на проектот

Проектот предвидува:

  • Изградба на основно училиште за населба Александрија;
  • Доградба на 8 училници со сите фази на градба во Основното училиште Димитар Беровски – населба Хром;
  • Доградба на 8 училници и санитарни јазли со сите фази на градба во Основното училиште Јоаким Крчовски – с. Волково.

Влијание на проектот:

Обезбедување доволно соодветен простор за одржување настава во основно образование и обезбедување услови за изведување на едносменска настава.

Целна група:

Урбана заедница Хром, Месна заедница Волково

Рок на реализација:

2028 година

Буџет

325.000.000 денари

Чиста и здрава вода за пиење до секој дом

Опис на проектот

Изградба и проширување на водоводната мрежа во населените места што не се покриени со водоводна мрежа.

Влијание на проектот:

Обезбедување здрава и чиста вода за пиење во населените места кои не се опфатени со сегашната водоводна мрежа.

Целна група:

Жителите на Општината кои немаат водоводна мрежа до своите домови

Рок на реализација:

2028 година

Буџет

11.000.000 денари

Паркинг за сите

Опис на проектот

Изградба на монтажни катни гаражи на клучни локации во Општината, што се поставуваат брзо и што обезбедуваат голем број нови паркинг-места. Истовремено, ќе се работи на проширување на постојните паркинзи во сите маала, со осветлување и со јасна сигнализација. Со овие мерки ќе се намали непрописното паркирање и ќе се овозможи слободен пристап до улиците, тротоарите и до зелените површини.

Влијание на проектот:

Проектот ќе влијае на сите жители на Ѓорче Петров – возачите ќе имаат повеќе паркинг, пешаците безбедни тротоари, сообраќајот ќе биде растеретен, а урбаниот простор поуреден.

Целна група:

Сите жители на Општина Ѓорче Петров

Рок на реализација:

2029 година

Буџет

60.000.000 денари

Детски и спортски игралишта

Опис на проектот

Изградба на нови детски и спортски игралишта во сите урбани и месни заедници, како и реконструкција на постојните детски и спортски игралишта со безбедна и современа опрема, а спортските терени ќе бидат достапни за сите генерации.

Влијание на проектот:

Создавање безбедни и современи места за игра и развој, децата ќе добијат безбедни и интересни места за игра, младите ќе имаат можност за спорт и дружење, а возрасните – уредени простори за рекреација и за спортски активности.

Целна група:

Сите граѓани на Општина Ѓорче Петров

Рок на реализација:

2029 година

Буџет

56.000.000 денари

Екогреење и ладење за училишта и градинки

Опис на проектот

Замена на конвенционалните системи за греење на фосилни горива во јавните образовни установи – училишта и градинки – со енергетски ефикасни и еколошки системи за греење и ладење, како што се топлинските пумпи. Ова ќе овозможи почист воздух, намалени трошоци за енергија и подобри услови за учење и работа, со посебен акцент на здравјето и удобноста на децата и вработените.

Влијание на проектот:

Намалување на емисиите на штетни гасови и загадувањето на воздухот во образовните установи, како и намалување на трошоците за енергија, што ќе овозможи финансиски средства да се насочат кон други потреби.

Целна група:

• Децата и вработените во градинките
• Учениците и наставниот кадар во основните училишта
• Родителите и локалната заедница што ги користат овие јавни установи

Рок на реализација:

2029 година

Буџет

42.000.000 денари

Енергетски ефикасни домови

Опис на проектот

Општината ќе обезбеди финансиска поддршка за обнова на старите и дотраени фасади на станбените згради со енергетско ефикасни решенија, замена на старите прозорци со современи ПВЦ-прозорци и реконструкција и замена на старите азбестни покриви со енергетски ефикасни материјали.

Влијание на проектот:

Обезбедување поудобни и енергетски ефикасни домови, уредени фасади и покриви, намалени трошоци за греење и поздрава и побезбедна средина.

Целна група:

УЗ Хром, УЗ Ѓорче Петров, УЗ Мирче Ацев

Рок на реализација:

2029 година

Буџет

60.000.000 денари

Паркови наместо згради

Опис на проектот

Изградба на два нови целосно уредени паркови, еден во Волково и еден на просторот што го опфаќа ДУП СЗ 20.

Влијание на проектот:

  • Зголемување на зелените површини и подобрување на воздухот
  • Креирање безбедни простори за рекреација и одмор
  • Поттикнување здрав и активен живот
  • Јакнење на заедницата и на социјалната поврзаност

Целна група:

Сите граѓани на Општина Ѓорче Петров

Рок на реализација:

2028 година

Буџет

30.000.000 денари

Безбедни улици

Опис на проектот

Изградба на јавно осветлување на сите улици во Општина Ѓорче Петров, на кои нема линии за јавно осветлување, изградба на пешачки патеки, обнова и поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација.

Влијание на проектот:

Подобрување на безбедноста и намалување на ризикот од сообраќајни несреќи.

Целна група:

Сите граѓани на Општина Ѓорче Петров

Рок на реализација:

2026 година

Буџет

68.000.000 денари

МЕСНИ ПРОЕКТИ

УЗ Ѓорче Петров

  • Изградба на монтажна катна гаража кај Зелениот пазар и Месната заедница во Ѓорче
  • Изградба на шеталиште и урбан плоштад на калдрмата на ул. „Радушка“ (пред старата полициска станица), како и спроти ресторанот Камин Кама
  • Уредување и ревитализација на блоковското зеленило на ул. Шидска
  • Реконструкција на улици во Урбана заедница Ѓорче Петров
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова
  • Обнова и изградба на фонтани за вода за пиење на детските и на спортските игралишта, и на јавните простори со поголема фреквенција на минувачи

УЗ Хром

  • Спроведување на проектот за воведување на еднонасочен сообраќај
  • Изградба на монтажна катна гаража и нови паркинг-места
  • Обновување на блоковското зеленило на ул. Стево Филиповиќ
  • Реконструкција на улиците Александар Мартулков, Веле Марков, Крсте Гермов-Шакир, Лихнида, Зејнел Ајдини
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова
  • Обнова и изградба на фонтани за вода за пиење на детските и спортските игралишта и на јавните простори со поголема фреквенција на минувачи

УЗ Мирче Ацев

  • Довршување на базенот од затворен тип
  • Реконструкција улиците: Ѓуро Салај, Штросмаерова, Христо Бтанџиев (Социјалистичка зора), Дубровничка, Апостол Петков, Македонска преродба со пробивање, Изведба на атмосферска канализација на ул. Ѓурчин Кокале со поврзување на ул. 4. Јули и целосна реконструкција на коловозот
  • Обезбедување кружно движење на водата во водоводниот систем на ул. Георги Казепов
  • Пробивање и поврзување на улицата Алексо Демниевски со улицата Македонска Војска
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова
  • Изградба и обнова на фонтани за вода за пиење на детските и спортските игралишта и на јавните простори со поголема фреквенција на минувачи

УЗ Дексион

  • Урбан плоштад кај Очната болница и улицата Андреја Зограф
  • Водоводна мрежа на ул. Црногорска 2, месност Стрелиште
  • Реконструкција на улиците Андреј Зограф и Жеденска
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова
  • Изградба на фонтани за вода за пиење на детските и спортските игралишта и на јавните простори со поголема фреквенција на минувачи

УЗ Даме Груев

  • Реконструкција на ул. Шар Планина со рекреативна пешачка зона
  • Изведба на ул. Борис Бојаџиски со пробивање
  • Реконструкција на улиците Волче Наумчевски, Торонто, Арсо Мицков, Тиранска 2
  • Пробивање на ул. Лука Геров кон Стопански Двор со премин преку пругата, со што граѓаните од овој дел на Ѓорче Петров ќе добијат дополнителна сообраќајна артерија
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова
  • Изградба на фонтани за вода за пиење на детските и спортските игралишта и на јавните простори со поголема фреквенција на минувачи

МЗ Волково

  • Довршување фекалната канализација
  • Реконструкција, асфалтирање или поплочување со павер елементи на улици во МЗ Волково
  • Изградба на потпорен ѕид кај Месната заедница Волково
  • Проширување на ул. 101 со изведба на тротоари, почнувајќи од кружниот тек, па сѐ до последната автобуска постројка на автобусот со бр. 22
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова
  • Изградба на фонтани за вода за пиење на детските и спортските игралишта и на јавните простори со поголема фреквенција на минувачи

МЗ Ново Село

  • Спроведување на водоводна мрежа и асфалтирање или поплочување со павер елементи на улици во МЗ Ново Село
  • Изградба на пешачка патека со осветлување од месната заедница Ново Село до прочистителната станица
  • Асфалтирање или поплочување со павер елементи на улици во Стопански Двор
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова
  • Изградба на фонтани за вода за пиење на детските и спортските игралишта и на јавните простори со поголема фреквенција на минувачи

МЗ Кисела Јабука

  • Затворање на каналот во Кисела Јабука и изградба на пешачка патека по каналот до школото „Тихомир Милошевски“
  • Реконструкција, асфалтирање или поплочување со павер елементи на улици во МЗ Кисела Јабука
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова
  • Изградба на фонтани за вода за пиење на детските и спортските игралишта и на јавните простори со поголема фреквенција на минувачи

МЗ Орман

  • Ставање во функција на фекалната канализација
  • Асфалтирање или поплочување со павер елементи на улици во МЗ Орман
  • Ставање во функција на каналот за наводнување
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова
  • Изградба на фонтани на јавни простори со поголема фреквенција на минувачи

МЗ Волково - Пржина

  • Спроведување на водоводна мрежа
  • Асфалтирање или поплочување со павер елементи на улици во МЗ Пржина
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова
  • Изградба на фонтани на јавни простори со поголема фреквенција на минувачи

МЗ Кучково

  • Трајно решавање на проблемот со водоснабдувањето
  • Асфалтирање на патот до црквите Света Петка и Света Недела
  • Асфалтирање или поплочување со павер елементи на улици и на пешачки патеки во МЗ Кучково
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова

МЗ Никиштани

  • Изведба на фекална канализација што ќе биде приклучена во пречистителната станица Никиштани
  • Асфалтирање на улици или поплочување со павер елементи во МЗ Никиштани
  • Обновување на постојната урбана опрема и поставување нова