МОЈАТА ВИЗИЈА
Зошто се кандидирате? Што е мотивот?
Мојата кандидатура е резултат на искрена желба и обврска кон граѓаните. Не сум тука заради функцијата, туку заради можноста да направам конкретни промени. Мојата мотивација е љубовта кон мојата општина и вербата дека можеме да ја направиме подобро место за живеење.
Колку е важно да се има визија за општината и за општеството во целина?
Визијата е темелот на секое успешно управување. Ако немаме визија, тогаш само „гаснеме пожари“ и решаваме проблеми од ден за ден. Јас верувам дека развојот на општината не е само во патишта и инфраструктура, туку и во создавање средина каде што луѓето ќе имаат перспектива, младите ќе останат, а бизнисите ќе се развиваат. Тоа е дел од визијата за општината, но и придонес кон визијата за едно понапредно и подобро општество.
Што мора да се направи во следниот мандат? Дали се доволни инфраструктурни проекти?
Инфраструктурата е важна – без патишта, вода и канализација нема основа за живот. Но таа е само почетна точка. Мора да инвестираме и во образование, здрави навики, култура, спорт и економски развој. Она што ќе направи разлика е создавање услови луѓето да останат, да работат и да се гордеат со своето место.
Колку се важни младите за нашата општина?
Младите се иднината на секое место. Ако тие заминат, тогаш општината нема перспектива. Затоа мора да им понудиме можности – образование, спортски и културни активности, но и економски услови за да останат. Нивниот глас и идеи мора да бидат слушнати.
