Почитувани сограѓани,

Време е Радовиш да стане град во кој секој ќе се чувствува безбеден, ценет и горд што живее тука. Замислувам улици полни со живот, паркови со насмевки и нови можности за сите генерации. Секој ден ги слушам вашите потреби, предлози и идеи, со цврста намера заедно да го претвориме Радовиш во поубав и побезбеден град, исполнет со перспективи и нови можности. Верувам дека со заедничка работа и искрена посветеност, оваа визија ќе стане наша секојдневна реалност.

Во изминатите години, како член на Советот на Општина Радовиш и преку активната работа со младите, стекнав драгоцено искуство во препознавање на вистинските предизвици и во согледување што е навистина потребно за да се донесат вистински промени. Ова искуство ме научи дека со јасна визија, слушајќи ги граѓаните и чесна работа, секоја замисла може да стане реалност.

Како жител на овој град, родител и активен член на заедницата, знам дека Радовиш може и мора да биде пофункционален, поуреден и поубав за живеење. Мојата визија се темели врз четири цврсти столба:

  • Функционален и безбеден јавен простор со модерна инфраструктура и сигурни паркови;
  • Чиста и здрава животна средина со ефикасно управување со отпадот и заштита на зеленилото;
  • Општина по мерка на граѓаните со транспарентна и одговорна власт;
  • Младите во фокусот, преку нови можности за спорт, образование и претприемништво.

Моите приоритети се јасни – развој на инфраструктурата, заштита на природата, непосредна и постојана соработка со граѓаните и создавање услови младите да останат и да напредуваат тука, во својот дом.

Ве повикувам да ми ја дадете вашата доверба и заедно да го изградиме Радовиш по мерка на сите нас – топол, безбеден и исполнет со можности за секој човек.

Со почит и благодарност,

Ристо Спасов

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА РАДОВИШ

  • 1. Герасим Конзулов
  • 2. Симона Цветаноски
  • 3. Офелија Илиева
  • 4. Сулејман Јашар
  • 5. Татјана Ѓозева
  • 6. Ненад Шукриев
  • 7. Зоран Стоименов
  • 8. Мичо Тодоров
  • 9. Даниела Поцева
  • 10. Мартин Дамјански
  • 11. Надица Хаџи-Василев
  • 12. Мите Митев
  • 13. Габриела Атанасова Митев
  • 14. Васко Василев
  • 15. Ненад Мијалов
  • 16. Драгица Атанасова
  • 17. Илми Османов
  • 18. Борка Јованова

Почитувани сограѓани,

Ние, кандидатите за советници во Општинскиот Совет, сме тука заедно со вас – блиску до секојдневните предизвици и идеи. Вашите проблеми се наша обврска, вашите барања наша сила. Како ваши застапници и гласноговорници, гласот на граѓаните добива место и тежина во Советот. Со доверба од вас и решителност од нас, заедно го движиме Радовиш напред.

Заедно носиме промени за подобар и поразвиен Радовиш!

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

Во периодот 2017–2021 година, Општина Радовиш под водство на градоначалникот Герасим Конзулов од СДСМ, покажа што значи одговорно, транспарентно и визионерско управување. Со чесна работа беа решени долгогодишни проблеми и реализирани проекти со трајна вредност за граѓаните:

  • 2018 – Прочистителна станица за отпадни води: го реши заборавениот еколошки проблем и значително го подобри квалитетот на водите
  • 2019 – Нов резервоар и цевковод: конечно го надмина деценискиот проблем со недостиг на вода и низок притисок
  • 2020 – ЛЕД улично осветлување: обезбеди енергетски ефикасно и современо осветлување во градот и населените места
  • 2021 – Обнова на патот Радовиш – Плачковица (III фаза): го зголеми туристичкиот потенцијал и ја подобри безбедноста во сообраќајот

Овие проекти се доказ дека со визија и посветеност резултатите се видливи. Радовиш може уште повеќе – со нови проекти и силен развој за иднината.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

Во изминатите години ВМРО-ДПМНЕ им вети на граѓаните големи проекти, но многу од нив останаа само на хартија. Општината тоне во хаос, несоодветно менаџирање и преголема прераспределба на работни задачи без јасна стратегија.

Социјална политика и образование

  • Нема нов градски рекреативен центар со базен, парк и спортски содржини.
  • Не се изградија детските градинки во петтата урбана заедница и с. Злеово.
  • Не се обезбеди бесплатен оброк за секој ученик до IV одделение.

Животна средина

  • Не е дислоцирана градската депонија, ниту има соработка со регионалната депонија.
  • Изостана уредувањето на речниот коридор со патеки, хортикултура и мостови.
  • Не се реализираше субвенционирање на соларни панели за домаќинства.

Локален економски развој

  • Проектот „Горд земјоделец“ за преработувачки капацитети и едукативен центар не заживеа.

Ова е доказ дека без визија и одговорно раководење, општината се губи во застој и неизвесност.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто се кандидирам? Што е мотивот?

Се кандидирам затоа што верувам дека Радовиш заслужува нова енергија, искрен пристап и посветено лидерство. Мојот мотив е јасен – да ја ставам мојата работа, знаење и искуство во служба на сите граѓани. Како човек што секојдневно е меѓу луѓето, знам колку е важно да се слуша гласот на граѓаните, да се препознаат реалните проблеми и да се понудат решенија што навистина ќе се реализираат.

Колку е важно да се има визија за општината и општеството?

Визијата е насоката по која се движи секој успешен град. За општината тоа значи јасен план за подобра инфраструктура, почиста средина, поддршка за младите и економски развој. Но таа визија мора да се вклопува во пошироката слика – општество во кое владеат правдата, еднаквоста и квалитетот на животот и во кое граѓанинот е во центарот на одлуките.

Што мора да се направи во следниот мандат?

Потребни се системски решенија – уредена инфраструктура, функционално управување со отпадот, чисти и безбедни јавни простори, современи училишта, нови спортски и културни содржини. Инфраструктурните проекти се важни, но мора да бидат надополнети со програми за младите, дигитализација на услугите и транспарентно работење.

Колку се важни младите за општината?

Младите се двигател на развојот. Моја цел е да создадеме услови тие да останат овде – преку подобро образование, поддршка за младинското претприемаштво, спорт и култура, како и нови работни места. Без младите, Радовиш нема иднина.

Како гледате на општата безбедност?

Безбедноста е основа за квалитетен живот. Иако веќе имаме современо ЛЕД улично осветлување, остануваат сериозни предизвици. Еден од нив е проблемот со кучињата скитници, кој ја загрозува безбедноста, особено на децата и постарите лица. Потребен е систем за заловување, стерилизација, хумано згрижување и активно следење во соработка со стационар. Паралелно, ќе се работи на подобра координација со полицијата, видеонадзор на критични точки и програми за превенција на насилство и криминал.

Доброто планирање на просторот и мобилноста

Тоа е клуч за развој. Потребни се сообраќајни решенија за намалување на метежот, велосипедски и пешачки патеки, пристапност за сите и урбанистички планови коишто штитат зелени површини, а го поттикнуваат економскиот раст.

Загадување и чистота на градот?

Не смееме да се помириме со фактот дека живееме во загадена средина. Ќе воведам ефикасно управување со отпадот, расчистување на дивите депонии, зголемување на зелените површини и стимули за користење обновливи извори на енергија.

Доверба во системот и борба против корупција?

Довербата се гради со транспарентност и отчетност. Ќе овозможам јавен увид во сите општински трошоци, отворени седници, како и пренос во живо на социјалните медиуми и директна комуникација со граѓаните. Корупцијата ќе ја спречиме со јасни процедури, редовни контроли и одговорност на секое ниво.

Иселување и наталитет?

Ќе создадеме услови за квалитетен живот – пристапно домување, нови работни места, поддршка за младите семејства и стабилна локална економија. Само така ќе ги задржиме луѓето тука и ќе обезбедиме перспектива за иднината.

Зошто граѓаните да гласаат за вас?

Затоа што доаѓам со нова енергија, чесност и јасна визија. Не сум дел од старите матрици, туку носам свеж пристап и желба за вистинска промена. Ќе работам отворено, со сите граѓани, за Радовиш да биде град во кој сакаме да живееме и да ја градиме нашата заедничка иднина.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Нашата визија

Нашата визија е јасна – општина што расте со своите граѓани, создава услови за достоинствен живот и обезбедува еднакви можности за сите.

Млади

  • „Гаранција за млади“ – пристап до работа, обука или практика во рок од 4 месеци.
  • Младински социјални центри за менторство и личен развој.
  • Фонд за млади иновации со финансиска поддршка за најдобрите стартап-идеи.
  • Летни програми за практика и локален активизам; платформа „е-млади“ за вработување, образование и волонтерство.

Жени

  • Поддршка за женско претприемаштво преку обуки и грантови.
  • Програми за вклучување на жените во одлучувањето на локално ниво.
  • Мрежи за поддршка на самохрани мајки.

Образование

  • Универзален пристап до предучилишно образование – „отворени градинки“ и мобилни единици во рурални средини.
  • Финансиска поддршка за учество на научни и културни натпревари.
  • Локални фондови за ученици од ранливи категории.
  • Подобрување на условите во училиштата и целосна дигитализација на наставата.

Култура

  • Култура достапна за сите: поддршка за локални фестивали и младинско творештво.
  • Финансирање според јасни критериуми и транспарентни конкурси.

Спорт

  • Инвестиции во спортска инфраструктура.
  • Поддршка за младински и училишни лиги.
  • Бесплатни спортски програми за деца и млади.
  • Поддршка на сите спортски клубови.

Транспорт и мобилност

  • Велосипедски и пешачки патеки; зони со намалена брзина за поголема безбедност.
  • Електрични полначи и стимули за електромобилност.

Животна средина

  • Редовно собирање и селекција на отпад; расчистување диви депонии.
  • Замена на застарени контејнери со полуподземни.
  • Субвенции за садење дрвја пред куќи и згради; поддршка на граѓански озеленувања.
  • Поддршка за еколошки системи за греење; повеќе зелени површини.
  • Урбанистички планови против бетонизација.

Здравствена заштита

  • Локални здравствени совети и транспарентен здравствен буџет.
  • Парична помош за болни и изнемоштени лица.
  • Мобилни тимови за примарна грижа.

Животни

  • Соработка со стационар за згрижување улични кучиња: заловување, стерилизација, вакцинација.
  • Едукација за одговорно сопствеништво.

Рурален развој и земјоделство

  • Тампонирање на полски патишта.
  • Локални агробрендови и пазари за директна продажба.
  • Советодавни центри и заштита од климатски промени.

Со овие политики и активности, нашата општина ќе стане пример за функционалност, одржливост и солидарност. Заедно ќе ја изградиме иднината по мерка на граѓаните – чиста, безбедна и полна со можности.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Изградба на базен – спорт и здравје за сите

Опис на проектот

Со покривањето со песок на стариот олимписки базен, кој беше изграден на приватна парцела и никогаш не беше достапен за јавноста, граѓаните останаа без значаен објект за спорт и рекреација. Затоа, со решителност и јасна цел, ќе изградиме модерен базен – функционален спортски центар достапен за сите: ученици, спортисти, рекреативци, пливачки клубови и љубители на спортот. Базенот ќе работи во текот на целата година, со највисоки хигиенски и безбедносни стандарди, современи соблекувални, трибини и специјализиран простор за обука и рехабилитација. Овој проект ќе го заживее пливачкиот спорт, ќе поттикне здрави навики кај младите и ќе ја збогати туристичката понуда на нашата општина претворајќи ја во место со вистински спортски дух.

Влијание на проектот

Ги враќа спортските навики, го подобрува здравјето, нуди услови за тренинг, забава и натпревари, достапен преку цела година.

Целна група

Млади, ученици, спортисти, рекреативци, лица со потреба од терапија, сите граѓани.

Рок на реализација

2027 г.

Буџет

500.000 €

Градска депонија – трајно решение за отпадот

Опис на проектот

Општината веќе подолго време се соочува со сериозен проблем поврзан со управувањето со отпадот. Постои неформална и несоодветно лоцирана депонија, која претставува закана за здравјето на граѓаните, загадување на почвата, водата и воздухот, како и потенцијална опасност од пожари. Со овој проект се предвидува трајна дислокација на постојната дива депонија и иницирање постапка за формирање регионална депонија што ќе биде изградена согласно со сите еколошки стандарди. Дополнително, ќе се воспостави и систем за селекција и рециклажа на отпад, со кампања за едукација на граѓаните и подобрување на јавната чистота. Ова е долгорочно и одржливо решение што ќе значи почист и побезбеден град за сите генерации.

Влијание на проектот

Овој проект ќе овозможи чиста околина, системско управување со отпадот и трајно решавање на еколошкиот проблем.

Целна група

Сите граѓани на општината.

Рок на реализација

2028 г.

Буџет

600.000 €

Детска градинка и повеќенаменско игралиште во Петтата урбана заедница

Опис на проектот

Петтата урбана заедница, како една од најбрзорастечките населби, нема соодветна градинка и модерно игралиште за децата. Поради тоа, родителите се принудени да ги носат децата на поголеми оддалечености, а децата немаат безбеден простор за игра и социјализација. Овој проект предвидува изградба на современа детска градинка со капацитет за прием на деца во неколку групи, вклучувајќи модерни простории, кујна, безбедносни стандарди и едукативен кадар. Покрај градинката, ќе се изгради и повеќенаменско игралиште со терени за кошарка, фудбал, детски реквизити и места за родителите. Проектот ќе ги зближи семејствата, ќе ја зголеми безбедноста на децата и ќе внесе нов живот во оваа урбана целина.

Влијание на проектот

Овозможува квалитетна грижа за децата, безбеден простор за игра и социјализација и помага на младите семејства.

Целна група

Деца, родители, наставен кадар, млади од Петтата урбана заедница.

Рок на реализација

2028 г.

Буџет

450.000 €

ПРОЕКТИ

Изградба на велосипедски патеки

Опис на проектот

Велосипедизмот е сè попопуларен и значаен за здравјето и животната средина. Ќе изградиме мрежа од безбедни велосипедски патеки што ќе ги поврзат главните улици со парковите и природните зони. Ќе обезбедиме паркинг и сервиси за велосипеди, поттикнувајќи еколошки транспорт и активен живот.

Влијание на проектот

Овозможува еколошки транспорт, помалку сообраќаен метеж, подобрување на физичката активност и намалување на загадувањето.

Целна група

Млади, возрасни, рекреативци, граѓани што користат велосипед.

Рок на реализација

2026, 2027, 2028, 2029 (етапна реализација)

Буџет

600.000 €

Заштита на централното градско подрачје од поројни поплави (изработена техничка документацијa)

Опис на проектот

Проектот предвидува реализација на мерки за заштита на централното градско подрачје од поројни поплави, врз основа на веќе изработената техничка документација. Се планира изградба и реконструкција на атмосферска канализација, зајакнување на критични точки за одвод и воведување современи системи за управување со атмосферските води.

Влијание на проектот

Со реализација на овој проект ќе се обезбеди трајна заштита на центарот на Радовиш од поплави, со што директно се штитат граѓаните, деловните субјекти и јавната инфраструктура. Проектот значи повисока безбедност, сигурност на имотите и подобрување на квалитетот на живот во централното градско подрачје.

Целна група

Сите жители и деловни субјекти во централното градско подрачје на Општина Радовиш, како и сите посетители кои секојдневно се движат во овој дел на градот.

Рок на реализација

2028 г.

Буџет

900.000 €

Дигитален центар за јавна администрација

Опис на проектот

Ќе изградиме современ дигитален центар што ќе ги обедини сите општински услуги во еден е-портал. Наместо сегашниот прекомплициран и неефикасен систем, ќе обезбедиме брзо и едноставно добивање дозволи, пријави и комуникација со службите – со поголема транспарентност и ефикасност.

Влијание на проектот

Намалување на административната комплексност, зголемување на транспарентноста и достапност на услугите за сите граѓани.

Целна група

Сите граѓани, со посебен фокус на млади, технички ориентирани и претприемачи.

Рок на реализација

2026 г.

Буџет

50.000 €

Реконструкција на стари паркови и зелени површини

Опис на проектот

Реконструкцијата на постојните паркови и уредувањето на новите зелени површини ќе ги подобри животните услови во општината. Ова ќе ги направи парковите и другите јавни простори поатрактивни за рекреација и одмор, ќе се создадат места за социјализација и активен одмор. Новите зелени површини ќе понудат подобра чистота, осенчување и место за организирање јавни настани и културни манифестации.

Влијание на проектот

Подобрување на животната средина, создавање простори за рекреација и социјализација, подобрување на здравјето.

Целна група

Сите граѓани, особено млади семејства и лица што сакаат рекреација.

Рок на реализација

2027 г.

Буџет

600.000 €

Систем за наводнување со паметна технологија

Опис на проектот

Ќе воспоставиме современ автоматизиран систем за наводнување со сензори за влага и временска прогноза, кој ќе овозможи оптимално користење на водата, повисок принос и заштита на земјоделските култури. Системот ќе биде достапен преку субвенции и обуки за земјоделците.

Влијание на проектот

Поголем принос, помала потрошувачка на вода и заштита на посевите од климатски ризици.

Целна група

Земјоделци, земјоделски здруженија, млади земјоделци, рурални домаќинства.

Рок на реализација

2028 г.

Буџет

100.000 €

Реализација на изработениот проект за дупчење на топла вода во нас. место Раклиш

Опис на проектот

Општина Радовиш ќе ја спроведе реализацијата на веќе изработената техничка документација за дупчење на термална топла вода во населеното место Раклиш. Проектот предвидува изведба на бушотини, проверка на капацитетите и изградба на систем за користење на топлата вода за греење на јавни објекти, домаќинства и развој на дополнителни рекреативни и туристички содржини.

Влијание на проектот

Со имплементација на проектот се обезбедува одржлив и економичен извор на топлинска енергија за жителите на Раклиш и пошироката околина. Тоа ќе доведе до намалени трошоци за греење, подобрена енергетска ефикасност, како и нови можности за локален економски и туристички развој.

Целна група

Жителите на населеното место Раклиш, јавните институции и потенцијални инвеститори во спортот и туризмот.

Рок на реализација

2027 г.

Буџет

200.000 €

Уредување на градскиот рид – нова еколошка зона

Опис на проектот

Еден од приоритетите на Општина Радовиш е создавање зелени и безбедни простори за рекреација на децата и младите. Со овој проект, запуштениот и недоволно искористен градски рид ќе се трансформира во модерна еколошка зона, отворена за сите генерации. Ќе бидат уредени пешачки и велосипедски патеки со еколошки материјали, поставени детски игралишта од природни и безбедни елементи, озеленување со автохтони видови дрвја и растенија, како и клупи, видиковци и едукативни еко-табли.

Влијание на проектот

Проектот ќе создаде здраво и инспиративно место за раст и развој на младите, ќе ја подигне еколошката свест кај граѓаните и значително ќе го подобри квалитетот на живот во градот. Градскиот рид ќе стане зелена оаза и ново обележје на Радовиш, симбол на развој, грижа за природата и инвестиција во иднината на нашите деца.

Целна група

Деца, млади, семејства и сите граѓани на Радовиш кои сакаат безбеден простор за рекреација и одмор.

Рок на реализација

2027 г.

Буџет

250.000 €

МЕСНИ ПРОЕКТИ

УЗ Јавор

  • Изградба на велосипедски патеки на главните улици за да се поттикне здрав живот и да се намали сообраќајниот метеж
  • Уредување и реконструкција на детски парк „Липа“
  • Уредување на тротоарските површини
  • Асфалтирање и ревитализација на оштетените улици во централното градско подрачје
  • Реновирање на зградата на поранешниот Електротехнички факултет, претворање во Startup Hub

УЗ Комуна

  • Реконструкција на старите водоводни и канализациски мрежи
  • Изградба на современи игралишта за деца со посебни потреби
  • Изградба на нови фитнес-зони на отворено
  • Развивање мрежа на велосипедски патеки и велопаркинзи
  • Јавни станици за полнење електрични велосипеди и скутери

УЗ Куклевица

  • Проект за рециклирање отпад (вклучително и за цела општина)
  • Поплочување на тротоарите
  • Изградба на детски катчиња за играње и фитнес-зони на отворено
  • Развивање мрежа на велосипедски патеки и велопаркинзи

УЗ Мирче Ацев

  • Изградба на нова училишна спортска сала во склоп на ООУ „Никола Карев“
  • Изградба на велосипедски патеки и велопаркинзи
  • Решавање на проблемот со улично осветлување
  • Асфалтирање и ревитализација на оштетените улици
  • Уредување на тротоарските површини

УЗ Бел Камен

  • Превенција од поплави и уредување на речното корито
  • Изградба на нова Детска градинка
  • Изградба на ново повеќенаменско игралиште
  • Реконструкција на старите водоводни и канализациски мрежи