Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?
Проблемот со дивите депонии е комплексен бидејќи тие секојдневно се појавуваат и покрај постојните законски регулативи и процедури. Но зависи од сите нас, од нашата заедничка самосвест за правилно управување, користење и депонирање на комуналниот отпад, како и користење енергија од обновливи извори. До решение за чиста и здрава животна средина се стигнува само со системско управување со отпадот, грижа за јавната чистота и инвестирање во праведна, зелена и енергетска ефикасност.
Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?
Свесни за состојбите, за разочараноста на граѓаните и за политичката апатија што владее во општеството, храбро ја преземаме одговорноста да бидеме политички медиум преку кој граѓаните ќе можат да го направат посакуваниот целосен рестарт на системот. Општината ќе биде место каде што граѓаните ќе се чувствуваат свои на своето и ќе биде слушнат нивниот глас.
Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?
Иселувањето го зема својот данок, а последиците се видливи – се намалува работоспособното население, опаѓа економијата и се празнат нашите села. Мораме најитно да преземеме мерки и политики како на централно, така и на локално ниво, со кои ќе создадеме поволни услови за поквалитетно образование, конкурентни плати, фер услови за работа, подобри социоекономски мерки.
Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?
Она што ме прави поразличен од другите е мојата верба дека со работа, визија и искреност можеме да ја изградиме Општина Новаци во едно пристојно место за живеење со просперитетна иднина за сите наши сограѓани. Мојата цел не е само да бидам градоначалник, туку партнер со граѓаните што ќе ги слуша и работи за нивните интереси.
