Како со загадувањето и јавната чистота? Осудени ли сме да живееме во ѓубре и отровен воздух?
Не сме осудени – ако работиме. Јавното чистење мора да стане приоритет, а не дополнителна обврска. Ќе воведеме системско чистење на јавни површини, ќе отстраниме диви депонии, ќе ги зајакнеме капацитетите на комуналните служби. Ќе продолжиме со проекти за обновлива енергија, како фотоволтаиците што ги поставивме во училиштата. Ќе воведеме и екоедукација од најрана возраст. Чистота не е само задача на општината, туку и вредност која се гради заеднички.
Може ли да ја вратиме довербата на граѓаните?
Да, но тоа бара време, труд и искреност. Ќе ја вратиме довербата ако општината биде отворена, отчетна и достапна. Секоја потрошена јавна пара треба да биде јавно објавена. Секоја одлука треба да биде објаснета. Граѓаните сакаат резултати, но уште повеќе сакаат да бидат вклучени. Ќе формирам граѓански совети и јавни трибини – да се слушне секој.
Иселувањето и наталитетот – имаме ли иднина без луѓе?
Без луѓе ‒ нема иднина. Ако не вложуваме во живот – во услови за младите, во поддршка за семејствата, во економија која задржува, тогаш нема кој да ги користи ниту патиштата ниту проектите. Затоа е неопходна целосна стратегија за останување – од домување, до работа, до социјални услуги.
Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што ве разликува од другите?
Јас не ветувам невозможни работи – јас нудам работа, резултати и одговорност. Не доаѓам со празни зборови, туку со искуство од реализирани над 60 проекти. Знам што значи да се води општина, знам и што значи да се изгуби доверба. Затоа овој пат настапувам со повеќе зрелост и помалку политика. Мојот фокус се луѓето – не интересите, не функциите.
