Почитувани сограѓани,
Центар е срцето на градот, симбол на заедништво, солидарност и одговорност. Нашата општина отсекогаш била двигател на промените, место каде што се создаваат нови идеи, каде што се почитува историјата, но истовремено и се гради визија за подобра иднина. Мојот мотив за повторно кандидирање за градоначалник доаѓа од чувството на одговорност, знаење и искуство за извршување на функцијата, како граѓанин и фамилијарен човек, а не од личен интерес или гола политичка амбиција. Оваа функција ја доживувам како натпартиска и исклучиво во служба на граѓаните. Го гледам Центар како општина што се менува, но никогаш на штета на граѓаните. Не дозволувам приватниот интерес да го победи јавниот. Мојата визија е Центар да биде водечки пример како се гради општина за луѓето, а не за профитот. За да биде инспирација за другите општини и гордост за сите скопјани, ќе продолжиме да инвестираме во хуман урбан развој, одржлива мобилност, култура, спорт, социјална заштита и заштита на животната средина. Ќе го чуваме секое дрво, секој метар јавен простор и ќе го развиваме Центар со срце и разум.

Моите клучни приоритети за новиот мандат се следниве проекти:
- Чистотата е стандард, не избор – Вложување во нова механизација, зголемување на капацитетите и поголем тим, со постојана грижа за секој агол. Целта е улиците, тротоарите и јавните простори да бидат уредени, чисти и пријатни за сите граѓани – како дел од секојдневниот стандард, а не како исклучок.
- Ред во сообраќајот – мир во маалото ‒ Со изградба на катна гаража во Буњаковец, продолжување на паркинг-просторот во Капиштец и дополнителни 300 нови паркинг-места кај новата општинска зграда, се создаваат услови за полесно, уредено и достапно паркирање. Се воведува резидентно паркирање, со посебен режим во Дебар Маало – каде што жителите ќе имаат гарантиран пристап, а посетителите ќе плаќаат. Дополнително, се поттикнува користење велосипеди и тротинети, за помал метеж и почист воздух во општината.
- Повеќе природа во урбаниот Центар ‒ Зголемување на инвестициите за одржување и проширување на зеленилото, а новите стандарди за градба ќе значат: дрвја во дворовите, зеленило на покривите, објекти што го почитуваат просторот и придонесуваат за здрава и зелена околина. Секој нов објект ќе носи свежина – не само бетон.

- Центар со стил – почит кон историјата, план за иднината ‒ Центар добива нов изглед, но со задржување на својата автентичност. Ќе се спроведе урбанизам што го почитува просторот и граѓаните, со заштита на старата архитектура и внимателен редизајн на фасадите, што ќе ја нагласат уникатноста на секое маало. Наместо униформност – карактер. Наместо рушење – зачувување и обновување.
- Стаклена општина – отворена, модерна, достапна ‒ На местото на старите бараки ќе изградиме модерна општинска зграда со дигитални услуги и паметна инфраструктура. Со стаклени ѕидови што ја симболизираат целосната транспарентност, Општината ќе биде отворена и достапна за сите граѓани – буквално и во секојдневната работа.
- Најсилни за најслабите ‒ Старските домови не се во формална надлежност на Општината, но ние веруваме дека достоинствената старост е право. Затоа ќе градиме и ќе поддржуваме старски дом во кој корисниците ќе плаќаат симболична цена – само 200 евра месечно – за да го олесниме товарот на семејствата. Дополнително, за родителите што секогаш се во трка со времето – од 16 до 20 часот воведуваме дополнителни смени во градинките со воспитувачки, децата да бидат згрижени додека родителите пазаруваат или завршуваат други обврски.
- Мој Центар ‒ Ги наградуваме жителите на Центар, само тие ќе може да добијат картичка со ексклузивни попусти и поволности за користење на теретаните во Центар, услугите за чување деца, користење велосипеди, тениски игралишта и др. локални услуги.
- Грижа за животните ‒ Општината ќе поддржи програми за чипирање, вакцинација и стерилизација на кучиња во соработка со ветеринари.
Сите за Центар! Обединети во идејата за најсредена и најнапредна општина!

Со почит и благодарност,

Горан Герасимовски

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА И КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОПШТИНА ЦЕНТАР

  • 1. Александар Савески
  • 2. Ана Китановиќ
  • 3. Љубиша Домазетовиќ
  • 4. Звонко Самарџиоски
  • 5. Ненад Матевски
  • 6. Деа Цамовиќ
  • 7. Дарко Гиговски
  • 8. Емилија Цветаноска
  • 9. Теа Спасова Михајловска
  • 10. Илија Аргировски
  • 11. Дане Стојковски
  • 12. Роска Јовановиќ
  • 13. Зорка Мукаетова
  • 14. Газмен Максимовски
  • 15. Маја Серафимовска Борозан
  • 16. Вера Вељановска
  • 17. Нино Шкрињариќ
  • 18. Ана Величковиќ
  • 19. Борислав Јосифов
  • 20. Горан Георгиевски
  • 21. Александра Цавниќ
  • 22. Јуле Климевска Манче
  • 23. Марија Хаџи Накова

Почитувани,
Ние - кандидатите од советничката листа на СДСМ се залагаме Центар да биде модерна, средена и хумана општина, која се грижи за луѓето и здрава животна средина и во која секој граѓанин има пристап до квалитетни јавни услуги, културни, образовни и спортски можности. Наши приоритети се прашањата поврзани со паркинг-места, комунална хигиена, одржување на градското зеленило, справување со кучињата скитници, регулирање на сообраќајниот проток, поддршка за млади, возрасни, семејства и бизниси. Ветуваме чесна и активна работа и застапување на граѓаните од сите урбани заедници на Центар. Ќе продолжиме да го градиме Центар да работи за луѓето, а не за елитите! Ќе им дадеме глас на вредностите што обединуваат!
Поддржете општина што работи еднакво за сите свои граѓани – гласајте за СДСМ!

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

  • Нова градинка во Пролет со капацитет за 173 деца, 3.200 м². Изградена без задолжување, целосно финансирана од општината.
  • Нова сала за Работнички. По 50 години целосна реконструкција на салата, современа и енергетски ефикасна, согласно со ФИБА-стандардите.
  • Доградба на 4 нови училници и 2 кабинета во ООУ „Коле Неделковски“.
  • Реконструирани 20 улици.
  • Основано трговско друштво „Енергија Центар“.
  • 595 субвенции за велосипеди.
  • 1 088 нови садници.
  • Инсталирани 4.000 ЛЕД-светилки со автоматско приспособување.
  • Обезбедени униформи за сите ученици од општинските основни училишта, за учебната 2025/2026 во износ од 13 мил. МКД.
  • Обезбедени бесплатни ранци и прибор за сите првачиња во општинските основни училишта, во изминатите 4 години.
  • Настава без телефони и часови за ментално здравје, семејно и врсничко насилство и булинг.
  • Четврта година едноподруго општината обезбедува финансиски средства за обезбедување на училишните објекти, што претходно беа на трошок на граѓаните. Вкупен износ 11 мил. МКД.
  • Нови сензорни соби во 5 основни училишта.
  • Обезбедени 15 мил. МКД финансиска поддршка за 6 387 пензионери во социјален ризик, односно приматели на старосна, семејна, инвалидска пензија или социјална пензија.
  • Бесплатни стоматолошки услуги за пензионерите.
  • Доделување стипендии на талентирани ученици од основните училишта. Вкупно 117 стипендисти, вкупен износ 3 мил. МКД.
  • Парична помош за 1 187 новороденчиња во износ од 7.000,00 МКД. Вкупен износ 8,5 мил. МКД.
  • Обезбедување средства за воведување 25 лични асистенти за деца - ученици со посебни потреби со износ од 10.500.000,00 МКД.
  • Сервис-услуги за стари лица „Центар се грижи за возрасните“/90 корисници добиваат нега во своите домови/физиотерапија, психосоцијална поддршка, помош при пазарење, хигиена и терапија.
  • Отворени 3 нови пензионерски клуба/вложени над 27 мил. МКД.
  • Традиционален музички хепенинг „Нешто што ќе остане“ со македонска музика/буџетот за култура порасна од 3 на 13 мил. МКД.
  • Ставен во употреба ГИС-портал.
  • Ново депо на пајак-службата на ПОЦ.
  • Набавени 75 смарт-табли за сите училишта и опремување на 6 информатички кабинети со 84 компјутери и печатачи во износ од 9 мил. МКД.
  • Центар предложи конфискација на дивоградби - иницијативата е преточена во законска можност за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти во корист на граѓаните.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто (повторно) се кандидирате? Што е мотивот?

Во првиот мандат работев домаќински, чесно, транспарентно и со срце. Секоја одлука ја носев водејќи се од интересот на граѓаните, а не од партиски или лични калкулации. Покажав дека општината може да функционира поинаку – отчетно, блиску до народот, да биде достапна и да носи издржани и фер одлуки. Не ветував невозможни работи – реализирав изводливи проекти. Вложивме во градинки, улици, училишта, паркови и во унапредување на услуги што секојдневно им значат на луѓето. Слушав, комуницирав и бев присутен. Бев со вас кога имаше проблем или критика, кога требаше поддршка. Ја отворив општината кон граѓаните и нема враќање назад. Почнавме вистински промени – и не смееме да ги оставиме на половина пат. Затоа ја барам вашата поддршка уште еднаш, да оствариме нови и повисоки резултати. Имаме уште многу работа: ревизија на урбанистички планови, повеќе зелени зони, подобрување на хигиената, нови решенија за паркирање, поддршка за млади, пензионери и семејства. Ова не е време за експерименти, туку за континуитет. Гласајте за мене затоа што знаете како работам. Затоа што не се плашам да се соочам со проблемот. Затоа што го ставам јавниот интерес, пред сè. Затоа што ве гледам како партнери, а не како гласови. Затоа што имам докажани резултати. Гласајте за работа, не за празни зборови.

Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат и натаму? Нешто што ќе направи промена. Дали е доволно да се понудат само инфраструктурни проекти?

Промената не значи само проекти и асфалт, туку начин на управување, вредности и визија. Еве што е неопходно да се направи во следниот период:
- Ред во урбанизмот - Ќе продолжиме со унапредување на системот за планирање и уредување на просторот, преку целосна ревизија на деталните урбанистички планови со активно учество на граѓаните. Ќе обезбедиме јасен и транспарентен процес за издавање дозволи за градба, со максимална заштита на зелените површини од узурпација. Фокусот останува на зголемување на реалното зеленило – и во сопствените парцели и во јавниот простор. Ќе се уредуваат јавни простори, детски игралишта, мултифункционални зони за дружење и релаксација. Ќе продолжиме со реконструкција на улици, проширување на тротоари и создавање пристапна, безбедна и уредена урбана средина за сите.
- Зелена трансформација на општината - Ќе продолжиме со засадување ново стеблесто зеленило на повеќе локации, ќе се оформуваат микропаркови во сите делови на општината, ќе се поттикне озеленување на фасади и покриви, како и создавање „зелени коридори“ за пешаци и велосипедисти.
- Чисто и уредено - општина за пример - Посветена грижа за хигиената и уредноста на секој дел од општината – со современа механизација, проширен тим и јасен систем за одржување. Ќе се вложува во нова урбана опрема, ќе се чистат улиците и ќе се одржуваат јавните површини, со цел секој агол и секој плочник да бидат пријатни и достапни за граѓаните. Општината ќе продолжи да биде пример за одговорен и уреден јавен простор.
- Грижа што се чувствува – за секој жител, во секој дел од денот - Ќе продолжиме со поддршка за младите преку локални хабови, стипендии, иновациски натпревари и програми за талентирани ученици. Ќе се зајакнат локалните сервиси за пензионерите и ранливите групи, со дополнителна грижа за пристапноста на лицата со попреченост. Предвидена е изградба на старски дом, реконструкција на постоен и изградба на нов затворен базен, како и развој на достапна спортска и рекреативна понуда – со субвенции за базени, теретани, тениски и спа-центри. Ќе се поддржи активната културна сцена со локална продукција и фестивали, а грижата за бездомните кучиња ќе добие уште поголем фокус. Во насока на подобрување на животот на семејствата, ќе се овозможи продолжено работно време во градинките од 16 до 20 часот – во целост покриено од буџетот на Општината, со цел децата да бидат згрижени додека родителите ги завршуваат своите дневни обврски. Градинката „Корчагин“ (објект „Пепелашка“) веќе функционира во втора смена, од 12 до 22 часот – модел што ќе се проширува и на други објекти.
- Безбеден и функционален сообраќај - Регулирање на паркирањето со катни гаражи, нови велосипедски и пешачки патеки, смирување на сообраќајот во централното градско подрачје, безбедни премини и тротоари, особено околу училиштата и градинките.
- Завршување на започнатите проекти - без пауза, без изговори - Континуитет во спроведувањето на инфраструктурните и комуналните проекти, завршување на сите започнати реконструкции и санации, одржување и редовно сервисирање на јавната инфраструктура.

Колку се важни младите за нашата општина?

Младите не се само „иднина“ – тие се сегашноста што носи промена. Тие се носители на енергија, креативност, знаење и дигитална култура што може да ја трансформира нашата општина во вистински модерен и инклузивен урбан простор. Но младите не бараат само забавни содржини – тие бараат можности за вклучување, развој и да бидат слушнати. Затоа, мојата визија е Општина Центар да биде:
- Општина што ги поддржува младите, преку простори за креативност, работа и активизам (coworking, младински центри), зголемени субвенции од 3 000 на 6 000 мкд за велосипед и велоопрема, зголемени субвенции од 7 000 на 12 000 мкд за новороденче, продолжување на субвенциите за полагање возачки испит, зголемен број на локации за изнајмување велосипеди и електрични тротинети, користење картичка за резиденти на Центар со можност за користење попуст на различни услуги (теретани, базени, театри, како и за пазарење), поддршка за стартапи, иновации и претприемаштво, програми за обуки, практики и менторства во реален сектор, културни и спортски настани креирани од млади за млади.
- Општина што ги слуша младите - Младински совет со реална моќ да предлага и да менува политики, дигитални канали за комуникација со општината, анкети, трибини и иницијативи каде што гласот на младите има тежина
- Општина што ги задржува младите - достапно домување преку субвенции за млади семејства, поддршка при вработување и вклучување во локалната економија, програми за ментално здравје, волонтеризам и личен развој
- Младите не бараат само ветувања - бараат партнерство - бараат партнерство, па затоа промена во Центар не е можна без нивна енергија и учество. Ако сакаме современа, европска општина, мораме да инвестираме во младите како столб на таа визија.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Како да ги задржиме луѓето во своите места - е клучно прашање не само за Општина Центар туку и за државата. Ова бара системски пристап што вклучува квалитет на животот, економски можности, искоренување на корупцијата, чувство на припадност и перспектива. Да ги задржиме луѓето во своите места, значи да создадеме услови каде што тие ќе сакаат да останат – не од нужда, туку од избор. Тоа подразбира:
- Достоинствен животен стандард - поддршка за млади семејства со субвенции за домување, енергетска ефикасност и пониски комунални трошоци, локални работни можности преку поддршка на претприемаштвото, пристап до високо ниво на здравство, образование и култура.
- Вработување и економски можности на локално ниво - поддршка за локални бизниси, стартапи и иновативни хабови, поврзување на образованието со реалниот сектор, привлекување инвестиции и отворање нови („зелени“) работни места, развој на социјално претприемаштво за ранливи групи.
- Урбан квалитет – општина што нуди живот, не само простор - уредени јавни простори, паркови, игралишта, пешачки и велосипедски зони, културни и спортски содржини достапни за сите, безбедност, чистота, ред и функционалност во секој дел од општината, простор каде што луѓето чувствуваат припадност, а не отуѓеност.
- Вклучување и слушање на граѓаните - можност граѓаните да бидат консултирани и да учествуваат директно во носење одлуки, поддршка за иницијативи „оддолу“, градење партнерство со граѓански здруженија и урбаните заедници, отворена комуникација, дијалог и максимална отчетност и транспарентност од страна на општината.
- Перспектива и иднина тука, не во странство - Општина што покажува дека не мора да се оди надвор од државата затоа што тука има иднина, креира програми за враќање на иселени млади со знаење и искуство, мотивира таленти да останат преку стипендии, практики и јавна поддршка и афирмација.
Луѓето не се задржуваат само со зборови, туку со услови што будат доверба и надеж.
Кога граѓаните ќе видат дека нивниот труд, глас и идеи се ценети, дека нивната улица, зграда или маало се подобрува – тогаш остануваат.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Центар заслужува долгорочна, храбра и одговорна визија - наместо импровизации и интереси, потребни се професионалност, иновативност, учество на граѓаните и раководење засновано врз вредности и искуство. Центар да биде урбан модел, а не урбан проблем. Општина Центар треба да биде доказ дека и овде може да се живее добро.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Заедно ги менуваме состојбите!

Во духот на социјалдемократските вредности – еднаквост, солидарност и инклузивност – нашата програма е насочена кон подобрување на квалитетот на животот за сите граѓани на Општина Центар, без исклучок.

Гарантираме достапни, висококвалитетни јавни услуги за сите, како и зајакната мрежа за социјална сигурност и безбедност на граѓаните, и грижа за бездомните кучиња, во соработка со надлежните институции и НВО-секторот.

За младите без кои нема здрав и одржлив развој, планираме да ја продолжиме практиката што се покажа исклучително корисна – да ангажираме практиканти во општинската администрација, Јавното комуналното претпријатие „ПОЦ“, Трговското друштво „Енергија Центар“. Ќе воспоставиме и организирана мрежа на млади волонтери да им помагаат на старите лица – самохрани пензионери, лица со ограничена подвижност или без семејна поддршка. Помошта ќе вклучува посети, набавка на продукти, лекови, плаќање сметки, придружба до лекар или институции. Воведуваме систем за наградување на младинските волонтери преку симболични награди – влезници за концерти, спортски и културни настани. На тој начин ќе влијаеме врз зголемување на младинскиот активизам, креирање чувство на припадност и општествена одговорност кај младите, како и развој на нова волонтерска култура во општината.

Ќе креираме политики за вработување на младите, особено преку социјално претприемаштво, а ќе изготвиме и програма за стипендии за млади што се одлучуваат за дефицитарни професионални и занаетчиски занимања. Центар ќе биде општина што ги слуша своите млади. Центар влегува во дијалог со нив и ги интегрира нивните потреби во стратегијата за долгорочен развој.

Постојано ќе инсистираме на демократски, партиципативни и професионални принципи на управување со училиштата и градинките што ги обединуваат сите засегнати страни, вклучително и зајакнување на Ученичкиот и Младинскиот совет. На овој начин, континуирано ќе ги анкетираме сите засегнати страни за нивното задоволство од постојните услови и услуги и, врз основа на резултатите, ќе планираме соодветни промени и подобрувања.

Тесно ќе соработуваме со надлежните институции за да обезбедиме сите деца да имаат пристап до рано, предучилишно и основно образование и да ги изедначиме условите за образование – од инфраструктурата и опремата на градинките и училиштата, училишните учебници и субвенциите до стипендиите и гарантираниот топол оброк. Досега Општината обезбедуваше ранци за сите ученици запишани во прво одделение, а од следната година тие ќе добиваат и униформи.

Ќе ја засилиме соработката со здруженија што ги штитат човековите права и се борат за родова еднаквост и ќе ги поврземе со клучните засегнати страни во Општината. Со граѓанскиот сектор ќе креираме и ќе имплементираме едукација за механизми за спречување насилство. Таквата едукација ќе биде достапна за пошироката јавност, но и за експертите во јавните институции (сите засегнати страни) што се во контакт со жртвите на насилство.

Ќе ги зајакнеме субвенциите за возрасни лица за билети за културни, спортски и други социјални програми.

Ќе го охрабриме отворањето геронтолошки центри и дневни клубови за возрасни лица со културни и рекреативни содржини, наменети за активно и исполнето стареење на сограѓаните надвор од институционалниот систем за грижа. Ќе продолжиме со поддршка во вклучување на повозрасните лица во урбаните заедници. Финансиски ќе поддржуваме програми на здруженија и неформални иницијативи насочени кон подобрување на секојдневниот квалитет на животот на возрасните лица.

Ќе воспоставиме партнерство со здруженијата на граѓани од Центар што работат со ранливи групи и ќе им обезбедиме институционална поддршка. Веќе ги идентификувавме здруженијата што се активни во областа на социјалната заштита, така што општината, со транспарентни и јасни критериуми континуирано финансиски и инфраструктурно ќе ги поддржува. Дополнително, општината ќе обезбеди субвенции за дечиња во градинка за самохрани родители и бесплатни прегледи на дојка за жителките на Центар во соработка со здравствени установи.

Ќе ја продолжиме и ќе ја засилиме соработката со „Лајка“ и со здруженијата за заштита на животните. Сакаме да ја подобриме состојбата со уличните/бездомните кучиња во однос на стерилизација и вакцинација, нивно соодветно згрижување и вдомување, а во соработка со ветеринари ќе почнеме со чипирање на бездомните кучиња.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Реконструкција и изградба на затворени училишни базени во Општина Центар

Опис на проектот

Општина Центар ќе спроведе значаен капитален проект за подобрување на спортската инфраструктура преку:

  • Целосна реконструкција на постојниот базен во рамките на ООУ „Димитар Миладинов“
  • Изградба на нов, модерен затворен базен во ООУ „11 Октомври“

Реконструкција на базенот во ООУ „Димитар Миладинов“

  • Замена на целата водоводна, електрична и филтрациска инсталација
  • Обнова на пумпната станица, филтрите и цевководот
  • Бојадисување на ѕидовите, ходниците, влезниот дел, соблекувалните и тоалетите
  • Подобрување на вентилацијата и осветлувањето
  • Поставување видеонадзор за поголема безбедност на децата
  • Неделна контрола на водата ќе се врши од страна на Заводот за здравствена заштита

Изградба на базен во ООУ „11 Октомври“

  • Изградба на базенски објект со топлотна и звучна изолација
  • Простории за соблекувални, санитарни јазли, туш-кабини и административен дел
  • Филтер-станица, современ систем за греење, вентилација и осветлување
  • Инсталација за следење и прочистување на водата

Влијание на проектот:

  • Подобрување на условите за настава по физичко образование
  • Вклучување на пливањето како редовна активност за деца од рана возраст
  • Зголемување на пристапот до спорт и рекреација за жителите на Центар
  • Поттикнување здрави навики, физичка активност и социјална инклузија
  • Отворање нови работни места за спортски едукатори и технички персонал

Целна група:

  • Ученици од ООУ „Димитар Миладинов“ и ООУ„11 Октомври“
  • Млади и спортски клубови од Центар
  • Граѓани што сакаат рекреативно пливање
  • Наставен кадар и професионалци од областа на спортот

Рок на реализација: До крајот на 2028 година

Буџет

  • Реконструкција на базенот во „Димитар Миладинов“: 25 – 30 милиони денари
  • Изградба на нов базен во „11 Октомври“: 50 – 60 милиони денари
  • Вкупно: ~75 – 90 милиони денари

Изградба на пензионерски/старски дом

Опис на проектот

Постојните анализи покажуваат дека е зголемена потребата од сместувачки капацитети за пензионерите и за други немоќни лица, кои не се во можност да живеат самостојно или да добиваат грижа од најблиските. За таа цел, Општината ќе инвестира во изградба на дом според најсовремени стандарди, достапен за сите возрасни лица на кои им е потребно сместување и соодветна грижа, со капацитет од околу 50-60 легла. Цената за сместување ќе биде субвенционирана од Општината и ќе биде во износ од 200 евра, во денарска противвредност. Овој дом ќе се изгради на соодветен простор на кој претходно целосно ќе бидат решени имотноправните односи, а за таа цел, Општината, покрај средства од буџетот, ќе обезбеди средства и од надлежни државни институции, заинтересирани страни/донации и од меѓународни фондови и програми за таква намена.

Влијание на проектот:

Со изградбата на старскиот дом делумно ќе се ублажи потребата од вакви сместувачки капацитети за возрасните сограѓани, со пристапна цена и услови за живот неопходни за достоинствено стареење, а преку современа стручна грижа и медицинска нега за изнемоштените лица – корисници. Со тоа ќе се зајакне хуманиот аспект на локалната власт и ќе се потврди залагањето за вистинска грижа за сите категории граѓани.

Целна група: Пензионери и други возрасни лица на кои им е неопходно сместување и постојана грижа и нега за достоинствен живот, по поволни услови.

Рок на реализација: До крајот на 2028 или почетокот на 2029 година

Буџет

Околу 90.000.000,00 ден.

Изградба на катна гаража кај БУЊАКОВЕЦ и продолжување на веќе постојниот монтажен паркинг во КАПИШТЕЦ

Опис на проектот

Со овој проект ќе се реши проблемот со паркирањето, со достапни 700 - 900 нови паркинг-места на двете посочени локации. Дополнително, ќе има уште 300 паркинг-места во рамките на новата општинска зграда. Центарот на Скопје се соочува со недостиг на паркинг-места, што предизвикува хаос, стрес, намалена безбедност за пешаците, непотребно губење време, кружење на возилата и загадување. На овие две паркинг-места ќе се овозможи централизирано и организирано паркирање на повеќе нивоа со многу поголем капацитет. Тие ќе бидат современо архитектонски дизајнирани со запазени еколошките стандарди, со соларни панели, системи за рециклирање вода, електрични полначи и ќе бидат безбедносно унапредени со видеонадзор и автоматизирани системи. Со проектот е предвидено паркинзите да имаат по 2, односно 4 ката простор за паркирање возила со вкупна површина од околу 2500-3000 м2. Во рамките на катните гаражи ќе се предвиди и деловен простор, што создава нови можности за инвестиции и вработување. Катните гаражи ќе овозможат подобра урбана регулација, со јасна поделба меѓу просторот за паркирање и просторот за живеење. Со двете гаражи ќе управува ПОЦ.

Влијание на проектот:

Овој проект ќе го намали сообраќајниот хаос и загадувањето, овозможувајќи побрз и полесен проток на возила, особено во критичните делови на градот (Дебар Маало, Капиштец и Буњаковец). Катната гаража во Буњаковец и проширениот паркинг-простор во Капиштец ќе го вратат јавниот простор на граѓаните – тротоарите, а парковите и улиците ќе бидат ослободени од импровизирани паркинзи. Полесниот пристап до паркинг-места ќе донесе подобар сообраќаен проток и ќе ја зајакне локалната економија.

Целна група: Сите граѓани на Општина Центар.

Рок на реализација: Се планира катната гаража во Буњаковец и проширениот паркинг-простор во Капиштец да бидат завршени во првата половина од 2027 година.

Буџет

Околу 80.000.000,00 мкд

Нова општинска административна зграда

Опис на проектот

Новата општинска зграда ќе се изгради на местото на сегашната администрација и ќе понуди современ, функционален простор со канцеларии за службите, градоначалникот и советниците, како и сали за состаноци, обуки и јавни настани. Старите бараки се нефункционални, просторно и технички застарени, што создава метеж и неефикасни услуги. Новата зграда ќе донесе дигитализација и ефикасност – ќе биде опремена со дигитални шалтери, е-протоколи и паметна инфраструктура, за побрзи и поквалитетни услуги за граѓаните. Работата на администрацијата ќе биде поорганизирана, со подобра координација и транспарентност. Со цел да се симболизира отвореноста, објектот ќе биде „стаклена општина“ со фасада од стакло. За потребите на паркирањето ќе се изгради подземен паркинг на повеќе нивоа со капацитет од околу 300 возила.

Влијание на проектот:

Новата општинска зграда ќе овозможи многу подобар пристап за граѓаните, со целосна пристапност за лица со попреченост, јасно обележани служби, едношалтерски систем и обучен персонал. Ќе се обезбедат брзи, квалитетни и транспарентни услуги, со пријатен простор за чекање. Современата и енергетски ефикасна зграда ќе ги намали трошоците за струја, греење и одржување, а ќе биде пример за еколошка архитектура со соларни панели, природна светлина, зелен покрив и модерна изолација. Дел од просторот ќе биде наменет за градска сала, изложби и јавни настани, овозможувајќи директно учество на граѓаните. Со новиот објект и дигитализирана администрација ќе се зголеми ефикасноста, транспарентноста и довербата во локалната власт. Зградата нема да биде само канцеларија, туку симбол на отворена, современа и европска Општина Центар.

Целна група: Сите граѓани на Општина Центар

Рок на реализација: Во првата половина на 2029 година

Буџет

91.519.950,00 мкд

ПРОЕКТИ

Градинка во близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Опис на проектот

Општина Центар ќе гради нова, современа градинка со околу 300 м² простор/корисна површина и двор од околу 200 м² со модерни реквизити. Таа ќе згрижи околу 80-100 деца и ќе отвори околу 25 работни места за воспитувачки и персонал. Проектот одговара на растечките потреби на младите семејства што сакаат да ги згрижат своите најмали во близина.

Влијание на проектот:

Новата градинка носи квалитетна грижа за децата, нови работни места и подобра инфраструктура за целата заедница.

Целна група:

  • Млади семејства со деца од предучилишна возраст во УЗ „Мито Хаџи-Василев Јасмин“
  • Родители што бараат квалитетна и блиска грижа за своите деца
  • Воспитувачи и стручен персонал во предучилишно образование
  • Заедницата воопшто, која ќе има корист од подобрена локална инфраструктура и услуги

Рок на реализација: До крајот на 2029 година

Буџет

Буџетот за реализација на овој проект ќе зависи од архитектонското решение што ќе го прифати Општината на конкурс во првата половина од 2026, а ќе се предвиди како ставка во буџетот на Општината за 2027 година.

Ограничување на движењето на возилата во Дебар Маало за време на викендите од страна на нерезидентните жители

Опис на проектот

Овој проект има цел да создаде побезбедна и поквалитетна животна средина за жителите на Дебар Маало. Предвидено е затворање на сообраќајот од петок 18:00 до понеделник 6:00 часот, со поставување рампи на четири клучни локации. Влез ќе биде дозволен само за граѓаните што се жители/резиденти со специјални дозволи, додека другите ќе имаат ограничен пристап и можност за задржување од 15 минути. За да се имплементира, овој проект претходно ќе се достави до Град Скопје и до СВР Скопје за одобрување.

Влијание на проектот:

Отстранување на хаосот од возила преку викенд во Дебар Маало и обезбедување мирна, побезбедна и почиста средина со повеќе простор за пешаците.

Целна група:

Жителите на Дебар Маало што добиваат специјални дозволи за непречено движење, и другите граѓани за време на викенд што ќе можат само привремено – до 15 минути да имаат пристап со возила.

Рок на реализација: До крајот на 2027 година

Буџет

Од 615.000 до 1.230.000 денари

Аквариум на културата

Опис на проектот

Општина Центар планира модерен изложбен павилјон – стаклена коцка (6 м x 6 м) во Паркот на новинарите или близу Цветниот пазар. Овој простор ќе служи за културни програми, промоции, презентации на урбанистички планови, прес-конференции и разни активности. Стаклениот дизајн ќе ја симболизира визијата за отворена, транспарентна и достапна општина.

Влијание на проектот:

Проектот ќе биде нов културен и информативен центар, овозможувајќи транспарентност, јавни настани и подобра комуникација со граѓаните.

Целна група:

  • Сите жители
  • Уметници
  • Медиуми
  • Посетители

Рок на реализација: Втора половина на 2026

Буџет: 3.000.000,00 ден

Партерно уредување на ул. „Коле Неделковски“

Опис на проектот

Партерното уредување на улицата „Коле Неделковски“ опфаќа поставување урбана опрема, обновување на пешачките патеки, вградување современи клупи, ново осветлување и засадување зеленило. Целта е да се трансформира оваа улица во функционален и пријатен јавен простор.

Влијание на проектот:

Проектот ќе го подобри квалитетот на секојдневното движење за пешаците и жителите во околината, особено за семејства со деца, постари лица и велосипедисти. Ќе придонесе за зголемена безбедност и за создавање урбан простор што наликува на европските градови.

Целна група:

  • Граѓаните – жителите што ќе го користат јавниот простор (пешаци, деца, семејства, постари лица, лица со попреченост)
  • Локалната заедница – сопственици на имоти, жители на зградите или куќите во близина
  • Бизнис-заедницата – кафулиња, ресторани, продавници и други деловни субјекти што добиваат поголема пристапност и атрактивна средина
  • Туристи и посетители – дел од просторот е во туристичка зона
  • Општината и институциите – што ќе имаат полесно управување со јавните површини и урбаниот ред
  • Велосипедисти и рекреативци – бидејќи партерното уредување вклучува велосипедски патеки, зелени зони и рекреативни содржини

Рок на реализација: 2028 година

Буџет

4.300.000,00 денари

Конституирање и заживување на урбаните заедници во општината како правни ентитети

Опис на проектот

Проектот има цел обезбедување поддршка за конституирање и активно функционирање на урбаните заедници во рамките на Општина Центар, согласно со одредбите предвидени во Законот за локална самоуправа. Поддршката вклучува: простор за работа, техничка опрема (мебел, компјутери, интернет), како и стручна помош за изработка на статут, деловник и годишни програми/стратегии за работа, но и одредени финансиски средства за програмските активности на урбаните заедници обезбедени во буџетот. Урбаните заедници ќе функционираат како важен демократски механизам за граѓанско учество и децентрализација на одлучувањето на локално ниво.

Влијание на проектот:

  • Јакнење на локалната демократија и граѓанското учество во донесувањето одлуки
  • Подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните и општинската администрација
  • Поголема ефикасност во решавањето на проблеми на ниво на маало/населба
  • Поттикнување заедништво и солидарност меѓу граѓаните

Целна група:

  • Граѓаните на Општина Центар, особено жителите на различните урбани заедници
  • Активисти и претставници на локални заедници, кои ќе бидат дел од управните тела на урбаните заедници
  • Општинската администрација, како партнер и поддржувач на овие процеси

Рок на реализација: Прв квартал од 2027

Буџет

1.800.000 мкд

Дигитална писменост за активни пензионери

Опис на проектот

Проектот има цел да овозможи едукација на пензионерите во Општина Центар за користење дигитални алатки и платформи за комуникација со општината и други институции. Обуките ќе се спроведуваат во пензионерските клубови, со поддршка од граѓански организации и експерти во областа на ИКТ. Фокусот е на практично користење алатки, како што се е-mail, Viber, WhatsApp, електронски услуги на општината и социјални мрежи, со цел зголемување на нивната дигитална инклузија.

Влијание на проектот:

  • Зголемување на дигиталната писменост кај пензионерите
  • Подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните и локалната самоуправа
  • Поттикнување активно учество на постарите лица во општествениот живот преку дигитални канали
  • Намалување на социјалната изолација на пензионерите преку користење современи технологии

Целна група:

  • Пензионери од Општина Центар што сакаат да научат или да ги унапредат своите дигитални вештини
  • Граѓански организации и ИКТ-експерти, како партнери за едукација и поддршка
  • Општината, преку подобрување на е-услугите и нивната достапност

Рок на реализација: 2027

Буџет

Буџетот ќе зависи од бројот на заинтересирани пензионери што ќе се јават на конкурсот за едукација во март 2026, а ќе биде предвиден во буџетот на Општината за 2027 година.

Пензионерите за децата - бесплатна помош од пензионирани професори за децата/учениците

Опис на проектот

Проектот „Пензионерите за децата“ има цел да обезбеди бесплатна едукативна поддршка за учениците од 7, 8 и 9 одделение во основните училишта во Општината. Преку ангажирање пензионирани професори и експерти, ќе се организираат дополнителни часови по математика, физика, информатика и странски јазици за учениците со тешкотии во совладување на наставната програма. Дополнително, талентираните ученици ќе добијат континуирана менторска поддршка од универзитетски професори и експерти, со цел развој на нивните вештини и подготовка за натпревари.

Влијание на проектот:

  • Подобрување на знаењата и резултатите кај учениците со тешкотии
  • Јакнење на талентите кај учениците и подготовка за натпревари и повисоко образование
  • Активирање и вклучување на пензионираните професори во општествено корисни активности
  • Поттикнување меѓугенерациска солидарност и трансфер на знаења
  • Зголемување на квалитетот на образованието во општината

Целна група:

  • Ученици во 7, 8 и 9 одделение од основните училишта во Општината (и оние со тешкотии во учењето и оние што се талентирани)
  • Пензионирани наставници и професори, кои ќе се вклучат како волонтери или со симболичен надоместок
  • Универзитетски професори, студенти и експерти, кои ќе бидат ментори за талентирани ученици
  • Родители (индиректно), преку поддршка на образовниот напредок на децата

Рок на реализација: Септ. 2026 − јуни 2027

Буџет: 700.000 мкд

Партерно уредување на ул. „Христо Смирненски“

Опис на проектот

Улицата „Христо Смирненски“ добива нов лик преку обновување на јавниот простор – нови тротоари, уредени зелени површини, декоративно осветлување и поставување урбана опрема.

Влијание на проектот:

Ќе се подобри пристапноста и комфорот за жителите, учениците од блиските училишта, како и за постарите граѓани. Улицата ќе стане безбедно и пријатно место за движење, со што се зајакнува локалната заедница и ќе се подобрува визуелниот идентитет на Центар.

Целна група:

  • Жителите на улицата и околните објекти
  • Станарите што директно ќе го користат уредениот простор
  • Пешаци и посетители, минувачи, туристи
  • Деловни субјекти на улицата, сопствениците на продавници, угостителски објекти и канцеларии во близина

Рок на реализација: 2028 година

Буџет: 9.300.000,00 денари

Партерно уредување на ул. „Коста Веселинов“

Опис на проектот

Овој проект вклучува реконструкција на пешачки зони, зголемување на зеленилото, засадување нови дрвја и уредување на просторот околу станбените објекти.

Влијание на проектот:

Ќе се создаде покомпактен и поуреден простор за жителите, со особен фокус на родителите со мали деца, пензионерите и лицата со попреченост. Просторот ќе добие функција на „мал плоштад“ – зона за социјализација, одмор и заедничко дружење.

Целна група:

  • Жителите
  • Станарите
  • Пешаци
  • Посетители
  • Туристи
  • Деловни субјекти на и околу улицата

Рок на реализација: 2028 година

Буџет: 1.950.000,00 денари

Партерно и хортикултурно уредување на Градски ѕид од Зелено пазарче до ул. „Македонија“

Опис на проектот

Овој дел од Градски ѕид ќе биде темелно трансформиран со ново хортикултурно уредување, поставување клупи, светилки и уредени пешачки патеки. Просторот добива функција на мини урбан парк.

Влијание на проектот:

Овој потег е исклучително фреквентен и уредувањето ќе има директно позитивно влијание врз секојдневието на илјадници граѓани. Ќе се добие пријатна зелена зона што го поврзува пазарот со деловниот и станбен дел на општината.

Целна група:

  • Локални жители
  • Туристи
  • Минувачи
  • Деловни корисници

Рок на реализација: 2028 година

Буџет: 65.500.000,00 ден.

МЕСНИ ПРОЕКТИ

УЗ „ДАНЕ КРАПЧЕВ“

  • Зголемување на капацитетите на КСП ЦЕНТАР ЈАДРО
  • Уредување на паркинг-просторот околу урбаната заедница
  • Поставување нова урбана опрема
  • Хортукултурно уредување

УЗ „НАУМ НАУМОВСКИ-БОРЧЕ“

  • Повторно ќе побараме од Архитектонскиот и од Градежниот факултет, дворот и паркинг-просторот да го уредиме
  • Реконструкција на ул. „Мирослав Крлежа“, уредување и реконструкција на тротоарите, поставување нова урбана опрема и резидентен паркинг за жителите
  • Партерно уредување на ул. „Коста Веселинов“

УЗ „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

  • Реконструкција на улици
  • Уредување на парковите со ново зеленило
  • Ново детско игралиште

УЗ „РАДЕ ЈОВЧЕВСКИ-КОРЧАГИН“

  • Реконструкција на неколку улици

УЗ „СЛАВЕ ГЕОРГИЕВСКИ-ШНАЈДЕР“

  • Носење нов ДУП
  • Реконструкција на фасадите на зградите во населба Пролет
  • Нов базен во дворот на ООУ „11 Октомври“

УЗ „РОБЕРТ ГАЈДИК“

  • Партерно и хортикултурно уредување на Градски ѕид од Зелено пазарче до ул. „Македонија“

УЗ „БЛАГОЈ ШОВЕЉ“

  • Уредување на паркингот кај Дом на градежници
  • Реконструкција на постојното детско игралиште
  • Ново спортско игралиште
  • Поставување урбана опрема
  • Ревизија на издадени картички за паркирање

УЗ „ВАСИЛ АНТЕВСКИ-ДРЕН“

  • Нова катна гаража во Буњаковец
  • Партерно уредување на ул. „Коле Неделковски“

УЗ „МИЛЕ АРСОВСКИ“

  • Целосна реконструкција на детското игралиште
  • Партерно уредување на ул. „Христо Смирненски“

УЗ „НЕВЕНА ГОРГИЕВА-ДУЊА“

  • Аквариум на културата – модерен изложбен павиљон кај Цветен пазар

УЗ „КОЧО РАЦИН“

  • Ново детско игралиште кај Француска резиденција
  • Поставување урбана опрема

УЗ „МИТО ХАЏИВАСИЛЕВ-ЈАСМИН“

  • Реконструкција на спортското игралиште
  • Поставување на ново детско игралиште
  • Резидентен паркинг за жителите

УЗ „МИРЧЕ АЦЕВ“

  • Одржување културни настани

УЗ „БОТЕ БОЦЕВСКИ“

  • Нов урбан парк

УЗ „КРЊЕВО“

  • Реконструкција на улици