
Колку се важни младите за нашата општина?
Младите се срцето и двигателот на секоја заедница. Ако тие си заминат, заминува и иднината. Затоа мораме да им обезбедиме квалитетно образование, можности за работа и активен културен и спортски живот.
Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како можат да се решаваат?
Јас доаѓам од безбедносниот сектор. Но безбедноста не е работа само на полицијата. Таа зависи и од уредениот јавен простор, од осветлените улици, од функционалните комунални служби и од општината што реагира брзо. Ќе работиме на подобро осветлување, видеонадзор на критични локации, изнаоѓање сообраќајни решенија и постојана комуникација со граѓаните за да се чувствуваат заштитени. Преку Локалниот совет за превенција континуирано ќе ја следиме безбедносната состојба во општината.
Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење? Што сметате дека е неопходно да се преземе во следниот период?
Да, и тоа е еден од најважните сегменти. Ќе воведеме современо урбанистичко планирање, што нема да биде хаотично, туку ќе обезбеди ред и развој.
Осудени ли сме сите да живееме во ѓубре и отровен воздух?
Секако дека не сме осудени, но мораме да преземеме одговорност. Ќе ги расчистиме дивите депонии и ќе воведеме селекција и рециклирање на отпадот. Со заменување на дел од системите за греење со поеколошки решенија и со уредување на нови зелени површини, ќе допринесеме воздухот во Кривогаштани да биде почист, а улиците да бидат уредни и чисти секојдневно.