Млади
Младите се иднината на нашата општина. Ќе воведеме програми за младински активности, креативни работилници и обуки за дигитални вештини. Во училиштата ќе создадеме подобри услови за учење – современи кабинети, лаборатории и библиотечни простории. Ќе поддржуваме спортски клубови и клубови за уметност, како и локални стартап-иницијативи за млади претприемачи. Планираме и летни кампови, конкурси и натпревари што ќе ги стимулираат иновациите, културата и волонтерството меѓу младите. Ќе се востанови фонд за млади уметници со цел развој на културата и уметноста во општината, да се промовира културата и да се создадат можности за кариерен и професионален развој на младите уметници. Оваа мерка би опфатила финансирање уметнички проекти од областа на музиката, сликарството, прозата и поезијата, театарот. Поддршка при организации на изложби, концерти и културни настани - организирани од страна на млади и доделување годишни награди за најдобри млади уметници. Понатаму општината ќе изработи програма за ментално здравје во соработка со НВО и со локални психолози со цел да се намалат психолошките предизвици со кои се соочуваат младите, а воедно да се зголеми нивната емоционална стабилност. Со таа цел редовно ќе се организираат работилници за справување со стрес, анксиозност, работилници за личен и кариерен развој. Ќе воведеме субвенционирање на млади за возачки испит за Б-категорија на млади лица од 18 до 25 години коишто се невработени, а се лица од социјално загрозени семејства, еднородителски семејства и самохрани семејства, студенти. Ќе ги наградуваме со еднократна парична награда и учениците на генерација во основните училишта.
Жени
Жените се клучни за развојот на семејството и заедницата. Ќе воведеме програми за поддршка на жени во бизнисот и самовработувањето, едукации за финансиска и дигитална писменост, како и бесплатни советувалишта за кариера, здравјето на жената и ментално здравје. Во соработка со локалните организации, ќе создадеме клубови и простори за социјални активности, спорт и култура, со цел жените да имаат еднакви можности за учество во општествениот и економскиот живот. Во рамките на тенденцијата да се збогати социјалниот живот на сите возрасти жени во нашата општина ќе организираме базари, саеми коишто ги промовираат локалните традиции, како што гастрономски, етно, ракотворби и сл.
Пензионери
Пензионерите заслужуваат достоен и активен живот. Ќе воведеме дневни центри за пензионери со организирани културни, образовни и спортски активности. Ќе обезбедиме достапни превозни услуги и редовни здравствени проверки. Специјални социјални програми ќе се фокусираат на намалување на изолацијата и поттикнување волонтерски активности, како и учество во локалните иницијативи.
Образование
Образованието е темел на развојот. Планираме реконструкции и модернизација на училиштата и градинките, воведување современа информатичка и дигитална инфраструктура, како и дополнителни едукативни програми за наука, уметност и спорт. Ќе се создадат можности за едукативни патувања, натпревари и проекти со локални и национални институции.
Култура и спорт
Ќе развиваме локални културни центри и библиотеки во рамките на културниот дом, ќе ја збогатиме културната програма, ќе воспоставиме нови културни политики, субвенционирање на професионалниот кадар за работа со музички, фолклорни и други креативни групи, промовирање на традицијата, локалните уметници и за првпат ќе востановиме фестивал со називот ПЕТРОФЕСТ како покровител на настани, како што се фестивал на храната, фестивал на медот, фестивал на етничките заедници, музички фестивали и сл. Во спортот ќе инвестираме во реконструкција на спортските сали, терени и отворени спортски површини, со програми за сите возрасни групи. Ќе се стимулира учество во спортски активности, турнири и здруженија за здрав и активен живот. Преку создавање услови за развој на спортот преку изградба и менаџирање на спортски објекти, изградба на систем за соларно затоплување на спортски сали, изградба и монтажа на статични маси за пинг-понг, изградба и уредување на јавни плажи на реката Пчиња, поддршка на спортот и спортските клубови во општината, изградба на фитнес-зона со справи за рекреација на простор од 50 м2 со околу 10 справи за различен тип вежбање, изградба на мултифункционален спортски терен според европски стандарди за рекреација и спортување на повеќе спортови: фудбал, ракомет, кошарка, одбојка и др.
Транспорт и инфраструктура
Ќе се обезбеди редовно и безбедно функционирање на јавниот транспорт и сообраќајната инфраструктура, со акцент на подобрување на локалните патишта и пешачките патеки. Планираме развој на велосипедски патеки и одржливи сообраќајни решенија коишто ќе гo намалат метежот и загадувањето. Ќе ги задоволиме барањата на граѓаните за воспоставување на стариот возен ред на сообраќајните линии на автобусите 52, 53, 62, 68,6 9, за да може да се избегнат енормните метежи на кој секојдневно се изложени граѓаните особено во периодот кога одат и се враќаат на училиште учениците. Граѓаните заслужуваат достоинствен и често достапен превоз. На регионалниот пат ќе се постави вертикална и хоризонтална сигнализација, предупредувачи за брзина, радари, светлосни сигнали за пешачките премини, флуоросцентни пешачки премини, ребрести предупредувачки легнати полицајци пред и по основното училиште „Кочо Рацин“ и знаци за ограничување на брзината на 30 км на час.
Хумана урбанизација е планско градење со заштита на јавниот интерес согласно со уставните принципи за хумано живеење и почитување на сечија сопственост. Нема да може да има нова градба без соодветно сообраќајно решение и доволно паркинг простор
Животна средина и чистота
Чистата животна средина е основно право. Ќе се справиме со дивите депонии, ќе воведеме систем за селекција на отпадот и редовно одржување на јавните простори. Озеленувањето, поставувањето урбана опрема и контрола на емисиите од индустријата и домаќинствата ќе бидат приоритети. Ќе промовираме еколошки програми и волонтерски акции за подигање на свеста за одржлив живот со повисоко ниво на комунален ред и комунални услуги, расчистување на дивите депонии и утврдување одговорност за нивно создавање, обезбедување соодветна комунална опрема за селектирање отпад и нејзино редовно празнење, замена на постојните дотраени контејнери и канти и, воведување нови услуги, како подигање кабаст и инертен отпад, воведување обврска на јавните институции, правните и физичките лица да се грижат за јавната чистота во периметар од најмалку 5 метри околу својот простор. Животната средина ќе ја заштитиме и со превенција на експлоатација на реките, шумите и минералните богатства.
Социјални услуги и вклучување на граѓаните
Директната граѓанска вклученост ќе биде синоним за демократијата во Општина Петровец, а една од мерките е воведување онлајн платформа за реално влијание преку која граѓаните ќе одлучуваат за конкретни проекти, на пример, на која улица да ѝ се даде приоритет за реконструкција. Вклученоста на граѓаните ќе се обезбеди и со обезбедување телефонска линија за брзи интервенции или онлајн формулар каде што граѓаните ќе можат да пријават ситни проблеми, дупка на улица, прегорена светилка, искршена клупа, дива депонија, неиспразнет контејнер, а општинската администрација ќе има рок за дејствување 48-72 часа. Сите проекти и активности ќе бидат транспарентни и отворени за учество на граѓаните. Ќе организираме јавни консултации, форумите на граѓани и советодавни групи за млади, жени и пензионери. Општината ќе биде сервис на граѓаните – брза, отчетна и достапна.Со овие активности и проекти, Општина Петровец ќе стане место со висок квалитет на животот, еднакви можности за сите граѓани и услови за иднината на нашите деца и млади. Чесно, одговорно и со визија ќе го изградиме Петровец, кој сите ќе го почувствуваме како наш дом.
Земјоделство
Нашата визија е земјоделството да стане гордост а не борба, а за да се оствари тоа, треба да се воспостави современо, одржливо и исплатливо земјоделство и сточарство, кое, пак, ќе го поттикне локалниот економски развој, земјоделците да имаат стабилни приходи, а младите да се мотивираат да останат во селата. Локалната самоуправа ќе биде активен фактор за оваа визија преку локални програми за развој на земјоделството и сточарството, поддршка за руралниот туризам, вклученост на младите земјоделци, жени земјоделци и мали земјоделски производства, со таа цел ќе ја модернизираме патната структура за пристап до нивите, ќе се вклучи тампонирање на полските патишта, што, пак, ќе овозможи помали загуби при транспорт на производите. Руралниот развој и унапредувањето на земјоделството, сточарството и градинарството, како приоритет континуирано ќе ги унапредување преку отворање можности за доделување државно земјоделско земјиште, како и изнаоѓање начини за подобра информираност на граѓаните за подобро искористување на мерките од ИПАРД-фондовите.