Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?
Не сме осудени – напротив, можеме и треба да се бориме за поинаква реалност. Иако многу општини се справуваат со сериозни проблеми со загадување, ние во Чучер-Сандево можеме со гордост да кажеме дека живееме во општина со чист воздух и без индустриски загадувачи. Тоа е огромна предност што мораме да ја зачуваме. Во нашиот мандат расчистивме голем број диви депонии, вложивме во опрема за комуналното претпријатие и воведовме ред во одржувањето на јавната хигиена. Но чистотата не е нешто што се одржува само со механизација – туку и со свест, со едукација и со заедничка одговорност. Затоа во следниот период ќе предложиме програми за селектирање отпад, засилена екоедукација и уште поголема заштита на природните ресурси. Чистиот воздух нека ни биде идентитет – а не случајност.
Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво. Дали може да се поврати?
Да, може – со работа, со отчетност и со искрена комуникација. Ние не ветувавме невозможни работи. Ги кажувавме работите директно, со вистина, и тоа луѓето го почитуваат. Го објавувавме буџетот, правевме јавни повици, одговаравме на секоја порака. Тоа е патот – да покажеме дека општината е сервис, не бункер. И секојпат кога граѓанинот ќе добие одговор или помош – тоа е победа против недовербата.
Иселувањето е еден од најголемите проблеми. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме?
Нема иднина без народ. И тоа не е само статистика – тоа се синови, ќерки, внуци, пријатели што веќе ги нема. За да ги задржиме, мора да понудиме реална причина: пристоен живот, работа, грижа. Со новата детска градинка, со игралишта, со уредени улици, со модерни училишта – испраќаме порака: тука вреди да се остане. Ќе продолжиме во таа насока – и ќе бидеме уште поагресивни во барање фондови и инвеститори што ќе донесат економска стабилност.
Зошто граѓаните да гласаат за вас? По што се разликувате?
Затоа што не ги гледам како гласачи – туку како луѓе. Не сум совршен, но сум искрен. Работев домаќински, не се криев, не избегнував одговорност. Јас не сум тука да ги делам луѓето, туку да ги спојувам. Оваа општина за првпат стана општина за сите – и така треба да остане. Тоа е мојата најголема победа досега. Сега барам поддршка да го довршам тоа што го почнавме – заедно.
