Почитувани сограѓани, драги поречани,

Јас сум Ивица Стојкоски, дипломиран економист, сопруг и татко на две деца, ваш комшија, ваш другар, ваш искрен пријател и познајник, и како таков ја барам вашата подршка за градоначалник на Општина Македонски Брод на претстојните локални избори.

Како жител на овој град, родител и активен член на заедницата, ги познавам предизвиците со кои се соочуваме, но и огромниот потенцијал што го имаме. Се кандидирам за градоначалник затоа што верувам дека заедно со вас можеме да обезбедиме посигурна и подобра иднина за Македонски Брод.

Според мене, иднината на Македонски Брод на овие локални избори мора да се стави високо на приоритетната скала. За иднината на Македонски Брод и животот на идните генерации, мораме заедно да се бориме и заедно да ја градиме.

Да се бориме заедно да го направиме Македонски Брод туристички, спортски, културно и уметнички препознатлив, урбан и посреќно место за живеење.

Да се биде градоначалник на Македонски Брод, значи да се работи посветено, чесно, транспарентно и да се биде секогаш достапен за граѓаните. Тоа е мојот предизвик и моја идна обврска. Мојата определба и посветеност да бидам општествено ангажиран и корисен во работата на здруженијата на граѓани од нашата општина, ќе придонесат мојата визија да се исполни и со тоа се воспостават нови вредности и квалитетен живот за сите граѓани на Општина Македонски Брод.

Ве повикувам да ми ја дадете вашата доверба, вашата поддршка и вашиот глас, а јас ви ветувам дека нема да ве изневерам, и заедно со сите вас ќе работам на градење на иднината на Македонски Брод.

Со почит и благодарност,

Ивица Стојкоски

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА НА СДСМ И КОАЛИЦИЈАТА – ОПШТИНА МАКЕДОНСКИ БРОД

  • 1. Андреа Сиљаноски
  • 2. Дарко Симески
  • 3. Ирена Крајческа
  • 4. Андреј Лозаноски
  • 5. Јане Станоески
  • 6. Елена Иваноска
  • 7. Зоре Тодороски
  • 8. Оливера Ѓорѓиоска Волческа
  • 9. Дијана Трендафилоска
  • 10. Даниела Грујоска
  • 11. Васе Михајлоски

Драги сограѓани, Ние сме кандидати за општинскиот Совет и се обраќаме директно до вас - нашите соседи, пријатели и соработници. Ги знаеме предизвиците со кои се соочуваме, бидејќи тоа се и наши предизвици. Проблемите на нашата општина се проблеми на сите нас, а заеднички можеме да ги решиме. Нашата мисија е да бидеме ваш глас и ваши застапници во општинскиот Совет. Ќе се бориме вашите барања, идеи и предлози да бидат слушнати и да станат реалност. Не ветуваме невозможни работи – ветуваме посветеност, чесност, транспарентност и јавно пренесување на седниците на Советот со што секој ќе може да ја следи работата на Советот на Општина Македонски Брод. Ќе работиме напорно за да обезбедиме побезбедни улици, нови водоводни системи, да ги поддржиме локалните бизниси и да создадеме почиста и поздрава животна средина за сите. Со вашата поддршка, ќе го донесеме гласот на граѓаните во Советот на општината и ќе работиме заедно за подобра иднина. Заеднички за подобра општина, заеднички за иднината на Македонски Брод!

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ:

  • Во однос на патната инфраструктура:
    • Се изврши рехабилитација на регионалниот пат Македонски Брод − Кичево во должина од 24 км и дел од регионалниот пат Калугерец − с. Растеш во должина од 8,4 км. Се асфалтира и локален пат за село Косово во должина од 3 км.
    • Се реконструира локалниот пат Македонски Брод − село Сланско, во должина од 3 км, и се реконструира локална улица во селото Манастирец, со крак кон ресторанот „Извор“, во должина од 1,2 км.
    • Во Македонски Брод се реконструираа и се постави нов слој на асфалт на улиците „Партизанска“ и „Маршал Тито“ и асфалтирање на улицата „Димитар Влахов“. Комплетно се заврши обиколницата од мостот на реката Треска, кај „Алкалоид“ до градските гробишта, со асфалтирање и сообраќајна сигнализација.
    • Со бехатон се поплочени дел од улиците „Мирче Ацев“ и „Михајло Пупин“. Се изградија улици во селата Брест, Црешнево, Суви Дол и Грешница во вкупна должина од 3 км.
  • Во областа на водоснабдувањето:
    • Изградивме водовод во должина од 24 км, за населените места Инче, Зркле, Сушица, Горни Манастирец, Долни Манастирец, манастирот „Света Богородица“ и Драговдол.
    • Нов водовод за село Белица во должина од 3,5 км, водовод за село Требино и алтернативно водоснабдување на Македонски Брод во должина од 9 км.
    • Изградивме канализациска мрежа и пречистителна станица во Суви Дол и изготвивме проект за изградба на армирано-бетонски плочест канал за одводнување на атмосферските води од каналот Лоштица до реката Треска.
  • Во делот на подобрување на животната средина и хигиената во градот се набавени 75 контејнери, 50 канти за собирање комунален отпад, камион за собирање смет, два трактора со приклучна механизација, штици за чистење снег за зимско одржување, ровокопач и 10 тримери за одржување паркови и зеленило.
  • Започна со реализација проектот реконструкција на парк, покрај мостот на реката Треска, во централното градско подрачје.

А ШТО (НЕ) НАПРАВИЈА ТИЕ?!

  • Проект - урбанизација на рурални средини
  • Проект за осветлена пешачка патека во должина од 1197м. Од мост до градски гробишта
  • Проект поддршка на иновации и претприемаштво
  • Проект локален пат до село Бенче
  • Проект локален пат до село Рамне
  • Проект за доизградба на локален пат Здуње Близанско во должина од 10км
  • Проект за локален пат Томино Село - Сушица
  • Проект „Субвенциониран линиски превоз“
  • Проект за реконструкција на водоводна мрежа во Самоков
  • Проект изградба на фитнес-центар за ученици од социјално ранливи категории
  • Проект за субвенционирање на домаќинства за набавка на клима-уреди во вредност од 1.000.000 ден годишно
  • Проект за реконструкција на трибина на Градскиот стадион
  • Воведување систем на е-наплата за сите јавни и општински претпријатија во општината
  • Пешачка патека до с. Суводол

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто се кандидирате? Што е мотивот?

Местото каде што сум роден, каде што пораснав, каде што оформив семејство и каде што професионално работам сакам да биде посреќно и поубаво гратче. Луѓето да бидат посреќни и повесели. Сакам да создадам услови за напредок на секој наш сограѓанин и да покажам дека со посветена работа може да се постигне многу.

Колку е важно да се има визија за општината, за нејзино подобро функционирање и за нејзин развој?

Верувам дека Општина Македонски Брод има добра перспектива доколку се има плански, долгорочен и стратегиски пристапи кон искористувањето на компаративните предности што ги има како општина. Големата територија, чистите села, преубавата река, богатите планини, и природни убавини со кои располага се голема шанса за развој на нашата Општина. Чистата и еколошки здрава животна средина е предуслов за производство на квалитетни прехранбени продукти. Има добар туристички потенцијал, кој во овој момент не е доволно искористен. Во иднина Македонски Брод ќе биде на туристичката мапа како за домашни, така и за странски посетители.

Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат?

На Македонски Брод му е потребна нова енергија, генерациска смена што ќе може да се носи со новите предизвици на модерното време. Новата генерација со својот ангажман ќе овозможи подобрување на условите за живот на сите полиња. Патната инфраструктура за селата што немаат асфалт, водоводната мрежа и застарените водоводни системи мора да се санираат. Спортот, културата и уметноста мора да добијат многу поголемо внимание.

Нешто што ќе направи промена. Дали е доволно да се понудат само инфраструктурни проекти?

Инфраструктурните проекти и планови за идниот период ќе бидат важен дел од работата на локалната самоуправа, но паралелно со нив високо на приоритетната листа ќе бидат и потребите на здруженијата на граѓани преку кои сметам дека можат во голема мера да се подобрат и условите за живот на нашите сограѓани и да се задоволат голем број потреби од спортскиот, културниот, уметничкиот и социјалниот домен на живеење.

Колку се важни младите за нашата општина?

Младите ќе бидат во фокусот и нивните предлози идеи и потреби ќе се најдат високо на приоритетната листа на Општината. Иднината на нашето место зависи од тоа колку ќе успееме младите луѓе да ги задржиме да останат да живеат и да работат во Македонски Брод.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните? Кои се проблемите и како може да се решаваат?

Еден од најгорливите проблеми во нашата општина е проблемот со кучињата скитници, кои предизвикуваат големи незгоди за нашите сограѓани. За жал, овој проблем во минатото не е решен. Исто така, безбедните улици и ограничувањето на брзината на движење на моторите и моторните возила на фреквентните улици ќе мора да се регулира.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Најголемото богатство за секоја општина се нејзините жители, за жал, нашата општина во моментот брои под 6 000 жители регистрирани на последниот попис. Трендот на иселување мора да се запре. Доколку условите за живот се подобрат, ќе се намали и тој тренд. Условите за младите, за спорт, за култура и рекреација мора да ги промениме и да ги подобриме. Моментално се на многу лошо и ниско ниво.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Јас верувам во силата на сегашните и идните генерации и верувам во потенцијалот на нашата Општина. Верувам дека можеме заедно да го направиме Македонски Брод препознатлив, поубав, повесел и посреќен град.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Програми и Иницијативи

  • Ќе се предвиди значително зголемување на средства за поддршка на НВО во буџетот на Општина Македонски Брод од сегашните 300.000 на 1.000.000 денари годишно до 2029 година. Оваа сума може да биде и поголема во зависност од потребите и обемот на работа на друштвата. Општината секоја година ќе ги зголемува предвидените средства за поддршка на невладиниот сектор и здруженијата на граѓани од Општина Македонски Брод. Секоја година ќе се распишува конкурс за доделување средства за кофинансирање и поддршка на проекти што ќе бидат од интерес за жителите на Општина Македонски Брод.
  • Поддршка за Ловното друштво „Песјак“, Риболовното друштво „КЛЕН“, Еколошкото друштво „Треска“, спортските друштва на територијата на Општина Македонски Брод, пчеларските здруженија и други невладини организации.
  • Манифестацијата „Велигденски кули“ ќе добие посебен третман и внимание како еден од најзначајните културни настани, за која ќе има континуирано залагање да биде дел од Националната програма за настани од национално значење во Министерството за култура.
  • Промоција на туристичкиот потенцијал на Општина Македонски Брод, со зголемување на понудата на нови настани што ќе се организираат, како што е „Регата на реката Треска“. Поставување летниковци и други придружни реквизити на места/пикник зони што се најчесто посетувани од туристи и рекреативци, риболовци и планинари. На локалитетот Пешна ќе се изгради воденица што ќе работи на принцип на водено тркало од отворен тип, која ќе биде атрактивно место за посета на туристи во пештерата Пешна.
  • Покривање и реконструкција на трибината на Градскиот стадион со поставување столчиња за седење. Ќе се укине надоместокот за користење спортски сали за спортски друштва.
  • Изградба на мини летно кино со мала трибина со седишта и мултифункционален простор за организирање културни настани во летниот период. Ќе се стимулира купување книги издадени од автори што живеат во Македонски Брод.
  • Со одлука на Советот, секој млад жител на Општина Македонски Брод што ќе запише часови за полагање возачки испит ќе има право на финансиска поддршка од Општината во висина од 5.000 денари.
  • Еднократен надоместок од 15.000 денари за секој склучен брак на територијата на Општина Македонски Брод.
  • Субвенционирање трошоци за превоз на пензионери за нивни екскурзии во други градови.
  • Засадување на најмалку 300 медоносни дрвја годишно на различни локации низ нашата општина.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Модерен кеј и каскада на реката Треска во централно градско подрачје

Опис на проектот

Кејот ќе претставува препознатлив симбол на градот и ќе ја намали можноста за излевање на реката Треска во централното градско подрачје. Со проектот жителите на Македонски Брод ќе добијат атрактивна пешачка зона за спорт, рекреација и дружење, опремена со урбана опрема (клупи, жардиниери, канти за отпадоци), современо јавно осветлување и уредено зеленило. Каскадата ќе ја збогати естетската вредност на просторот и ќе придонесе за туристичка атрактивност, а дополнително ќе помогне во контрола на водниот проток. Со ова, проектот ќе обезбеди функционален, безбеден и модерен јавен простор, кој ќе ја зајакне културната и социјалната динамика на градот.

Влијание на проектот:

Со овој проект ќе се овозможи уредување на кејот во централното градско подрачје и заживување на реката Треска под мостот во должина од 200 метри. Ќе се обезбеди од поплави и високи води централното градско подрачје.

Целна група:

Сите граѓани на Општина Македонски Брод

Рок на реализација:

2029 година

Нула пластика во Македонски Брод

Опис на проектот

За таа цел и за реализирање на проектот „НУЛА ПЛАСТИКА ВО ПРИРОДАТА“ ќе се реализираат следниве помали проекти:

  • ЛОЦИРАЊЕ НА СИТЕ ДИВИ ДЕПОНИИ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ОПШТИНА МАКЕДОНСКИ БРОД И НИВНА ДИСЛОКАЦИЈА. Оваа мерка ќе се реализира во соработка со еколошкото друштво „Треска“, Македонски Брод и ЈП „Комунална хигиена“ – Македонски Брод;
  • ПОСТАВУВАЊЕ ПЛУТАНИ БРАНИ НА РЕКАТА ТРЕСКА ЗА СОБИРАЊЕ ПЛАСТИЧЕН ОТПАД. Оваа мерка ќе се реализира во соработка со Еколошкото друштво „Треска“ и концесионерот на риболовен ревир „Треска 2 Бродски“, СРК „Клен“ - Македонски Брод;
  • ЧИСТЕЊЕ НА РЕЧНОТО КОРИТО НА РЕКАТА ТРЕСКА ОД ПЛАСТИЧЕН ОТПАД ВО ДОЛЖИНА ОД 30 КМ. Оваа мерка ќе се реализира во соработка со еколошкото друштво „Треска“ и концесионерот на риболовен ревир „Треска 2 Бродски“, СРК „Клен“ Македонски Брод. Со овој проект ќе биде исчистено целото речно корито на реката Треска, кое се простира на територијата на Општина Македонски Брод;
  • ЧИСТЕЊЕ НА БРЕГОТ НА ЕЗЕРОТО КОЗЈАК ОД ПЛАСТИЧЕН ОТПАД. Оваа мерка ќе се реализира во соработка со еколошкото друштво „Треска“ и концесионерот на риболовен ревир „Треска 2 Бродски“, СРК „Клен“ Македонски Брод и Националниот парк „ЈАСЕН“. Со овој проект брегот на езерото Козјак ќе биде исчистен од пластика и друг вид отпад;
  • ОРГАНИЗИРАЊЕ НА МАНИФЕСТАЦИЈА „РЕГАТА НА РЕКАТА ТРЕСКА“;

Влијание на проектот:

Заштитата на животната средина ќе биде приоритет и обврска на идната локална власт. Природниот потенцијал и природните убавини со кои располага Општина Македонски Брод можат да се искористат за развој на туризмот само доколку животната средина биде еколошки чиста и без пластичен отпад. Еколошки чистата природна средина треба да претставува компаративна предност на Општина Македонски Брод, која треба да се искористи за промоција на Поречкиот Регион, како место за производство на здрава и еколошка храна и потенцијална дестинација за развој на речниот, езерскиот, ловниот и планинарскиот, како и за велосипедскиот и руралниот туризам.

Целна група:

Сите жители на Општина Македонски Брод и сите туристи и љубители на природата.

Рок на реализација:

2028 година

Нова водоводна мрежа и колекторски систем во с. Самоков

Опис на проектот

Селото Самоков моментално се соочува со застарена и делумно нефункционална водоводна инфраструктура, како и со недоволен или целосно немање колекторски систем за отпадни води. Ова предизвикува често недостиг на квалитетна вода за пиење, губење вода поради дефекти и истекувања, како и загадување на почвата и подземните води.

  • Поставување нова водоводна мрежа со современи цевки од висококвалитетни материјали, со цел обезбедување постојан и квалитетен доток на вода за сите домаќинства и јавни објекти во населеното место.
  • Изградба на колекторски систем за отпадни води со приклучување на сите домаќинства, со што ќе се овозможи ефикасно собирање и одведување на фекалните и атмосферските води кон соодветен пречистителен капацитет.
  • Инсталирање шахти, вентили и мерни уреди за контрола на протокот и брза интервенција при евентуални дефекти.
  • Рехабилитација на постојните приклучоци и нивно усогласување со новата мрежа.

Влијание на проектот:

  • Подобрување на квалитетот на живот преку обезбедување сигурен и чист водоснабдителен систем.
  • Намалување на ризикот од заразни болести предизвикани од нечиста вода или неконтролирано истекување на отпадни води.
  • Заштита на реките, подземните води и земјоделските површини од загадување.
  • Поголема еколошка одржливост на населеното место, усогласена со националните и европските стандарди за заштита на животната средина.
  • Зголемување на атрактивноста на селото за живеење и инвестирање, што индиректно придонесува за задржување на населението и економски развој.

Целна група:

Сите жители на с. Самоков и околните села по текот на Мала Река.

Рок на реализација:

2029 година

ПРОЕКТИ

ПОДДРШКА НА НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ И ЗДРУЖЕНИЈА НА ГРАЃАНИ

Опис на проектот

Зголемување на средствата за поддршка на НВО во буџетот на Општина Македонски Брод од сегашните 300.000 на 1.000.000 денари до 2029 година. Општината секоја година ќе ги зголемува предвидените средства за поддршка на невладиниот сектор и здруженијата на граѓани од Општина Македонски Брод. Секоја година ќе се распишува конкурс за доделување средства за кофинансирање и поддршка на проекти што ќе бидат од интерес за жителите на Општина Македонски Брод.

Влијание на проектот:

  • Купување книги издадени од автори што живеат во Македонски Брод;
  • Промоција на туристичкиот потенцијал на Општина Македонски Брод;
  • Поддршка за ловното друштво „Песјак“, риболовното друштво „Клен“, еколошкото друштво „Треска“, спортските друштва на територијата на Општина Македонски Брод, пчеларските здруженија и други невладини организации;
  • Финансирање на манифестацијата „Велигденски кули“ и залагање да стане дел од Националната програма за настани од национално значење во Министерството за култура и туризам;
  • Укинување на надоместокот за користење на спортските сали за спортските друштва.

Целна група:

Членови на риболовно и ловно друштво, клуб на писатели, угостители, спортисти

Рок на реализација:

2029 година

Буџет

2.500.000 денари

10 ЛЕТНИКОВЦИ НА АТРАКТИВНИ ЛОКАЦИИ

Опис на проектот

Поставување летниковци и други придружни реквизити на места/пикник-зони, кои се најчесто посетувани од туристи и рекреативци, риболовци, планинари и сл.

Влијание на проектот:

На територијата на Општина Македонски Брод не постои ниту едно соодветно уредено место за рекреација и одмор на посетители и туристи. Овој проект ќе придонесе за подобрување на туристичката инфраструктура во општината и развој на нови туристички места и содржини.

Целна група:

Сите жители на Македонски Брод, посетители, туристи, вљубеници во природата и сл.

Рок на реализација:

2029 година

Буџет

2.000.000 денари

УРЕДУВАЊЕ НА ЛОКАЛИТЕТ ПЕШТЕРА ПЕШНА

Опис на проектот

Изградба на воденица што ќе работи на принцип на водено коло од отворен тип, која ќе биде атрактивно место за посета на туристи. Во минатото имало повеќе од 3 вакви воденици на истата локација што служеле за мелење жито.

Влијание на проектот:

Пештерата Пешна претставува најзначаен и највпечатлив споменик на природата што го има на територија на Општина Македонски Брод. Локалитетот е најмногу посетуван од туристи и рекреативци. Оттаму доаѓа и потребата од континуирано вложување во овој споменик на природата.

Целна група:

Сите посетители и жители на Македонски Брод

Рок на реализација:

2029 година

Буџет

2.000.000 денари

ТРИБИНА НА ГРАДСКИ СТАДИОН

Опис на проектот

Покривање и реконструкција на трибината на Градскиот стадион и поставување столчиња за седење.

Влијание на проектот:

Сегашните дрвени клупи на трибината се скапани, оштетени и небезбедни за користење, па затоа мора да се отстранат и да се заменат. Трибината не е покриена, со што е изложена на неповолни временски услови.

Целна група:

Фудбалери, спортисти и сите жители на Македонски Брод

Рок на реализација:

2029 година

Буџет

3.500.000 денари

МИНИ ЛЕТНО КИНО

Опис на проектот

Изградба на мини летно кино со мала трибина со седишта со мултифункционален простор за организирање културни настани во летниот период.

Влијание на проектот:

Потребата од ваков проект произлегува од фактот што во овој момент Македонски Брод нема ваков објект што би служел за приредби, литературни читања, дружење, забава, проекција на документарни филмови и слично.

Целна група:

Сите жители на Македонски Брод

Рок на реализација:

2028 година

Буџет

1.500.000 денари

МЕСНИ ПРОЕКТИ

Нова населба

  • Реконструкција на спортски комплекс во гимназија
  • Поставување фитнес-реквизити на детско игралиште
  • Реконструкција на ул. „Вук Караџиќ“, „Ѓорче Петров“, и на други улици согласно со потребите

Расадник

  • Реконструкција на улица „Михајло Пупин“, улица „Песјак“ и на други улици согласно со потребите
  • Пренамена на Сарајот во градски музеј
  • Реконструкција на улицата „15. бригада“ и краци на „Јане Сандански“ и „Поречка“

Кале

  • Урбанизација на просторот пред зградите на ул. „Маршал Тито“
  • Отстранување на небезбедни бараки

Манастирец

  • Асфалтирање на улица до дневниот центар во Манастирец

Самоков

  • Реконструкција на водоводна мрежа, колекторски систем и прочистителна станица

Требино

  • Мултифункционално детско игралиште