Социјална правда и инклузија: Грижа за секој граѓанин
Ќе воведеме социјални политики што директно ќе им помагаат на оние на кои им е најпотребно. Ќе даваме субвенции за возачки испит за самохрани мајки, ќе воспоставиме Фонд за помош на семејства со социјален ризик и ќе обезбедиме бесплатен оброк во училиштата за учениците од прво до трето одделение што посетуваат целодневен престој. Ќе отвориме шелтер за жртви од семејно насилство и ќе субвенционираме логопетски и дефектолошки услуги. Ќе воведеме програма за помош и ресоцијализација на бездомници, како и домашна посета за стари и изнемоштени лица. Дополнително, ќе воведеме бесплатна партиципација за упис на дете во градинка. Ќе го зголемиме додатокот за новороденчиња.
Инклузија за сите: Наша цел е Општината да биде инклузивна за сите. Затоа, ќе ја подобриме пристапноста до училиштата и сите јавни објекти со рампи, лифтови и тактилни патеки. Ќе обезбедиме бесплатен асистент за лицата со попреченост во домашни услови и училишта, ќе отвориме дневни центри и ќе градиме инклузивни детски игралишта. Ќе се заложиме за нивно вработување во Општината и ќе воведеме инклузивни работилници, спортски клубови и настани.
Пензионери: Ќе се грижиме за нашите пензионери со зголемен додаток, субвенции за нега и редовни бесплатни превентивни прегледи. Ќе отвориме нови пензионерски клубови со рекреативни катчиња, а преку настани како „Корзо“ – настан за пензионери каде што ќе се потсетиме на ноќниот живот од минатото, традициите, седенките, легендите и игранките, со концерт на македонски шлагери во изведба на македонски пејачи – ќе ги одржуваме живи културата и традицијата. Ќе воведеме и општинска служба за мали поправки во домаќинствата.
Модерна инфраструктура и урбанизам: Крај на урбаниот хаос
Наш приоритет е да ставиме крај на урбаниот хаос. Ќе спроведеме ревизија на урбанистичките планови и ќе обезбедиме транспарентност во издавањето дозволи. Ќе го решиме проблемот со паркирањето со изградба на монтажни и подземни гаражи. Ќе направиме целосна реконструкција на улиците и водоводната мрежа, со акцент на населбите каде што со децении не е инвестирано. Ќе работиме на проширување на улиците и на изградба на нови мостови во соработка со Град Скопје. Наша цел е да имаме нова, функционална и модерна инфраструктура во секое маало.
Животна средина, јавна чистота и одржлив развоj
Ние не сме осудени да живееме во нечисти средини и загаден воздух. Ќе воведеме нов систем за одржување на хигиената, со секојдневно миење и чистење на улиците. Ќе набавиме нови цистерни и метларки, ќе поставиме рециклирачки острови и нови контејнери. Ќе инвестираме во зелени покриви и мини шуми, ќе садиме ново зеленило и ќе поставиме сензори за аерозагадување. За да го поттикнеме екотранспортот, ќе градиме нови и ќе ја прошириме мрежата на велосипедски патеки.
Образование и млади: Нашата иднина
Ќе создадеме општина каде што младите ќе сакаат да останат. Ќе воведеме бесплатни обуки за дигитални вештини и ИТ-алатки во училиштата. Ќе обезбедиме субвенции за возачки дозволи, еднократни надоместоци и стипендии за талентирани ученици, и зголемување на додатокот за прваче. Ќе изградиме ново училиште и градинка и ќе ги реновираме постојните со нови фасади и системи за греење. За безбедност на децата, ќе воведеме посебни сообраќајни решенија околу училиштата. Ќе ги вреднуваме наставниците со наградата „Наставник на годината“.
Локален економски развој: Нови можности и вработувања
Ќе го поттикнеме развојот преку партнерство со бизнис секторот. Наша цел е да отвориме 1000 нови работни места и 100+ мали бизниси во мандатот. Ќе основаме општински бизнис-инкубатор со бесплатни канцеларии и менторство. Ќе поддржиме компании што инвестираат во обновливи извори на енергија и зелени иновации, а ќе формираме и Центар за преквалификација.
Култура, спорт и рекреација: Жива и активна општина
Ќе направиме целосна ревитализација на спортската инфраструктура во општината. Ќе ги реновираме постојните спортски сали и игралишта и ќе ги отвориме за сите граѓани. Ќе изградиме нови мултифункционални спортски терени, терени за рекреација и фитнес-катчиња во секое маало. Нашата цел е секој жител, од најмлад до највозрасен, да има достапни услови за спорт и активен живот. Ќе ја вратиме културата и спортот во општината со организирање фестивали за сите - улични, инклузивни и фестивали на традицијата. Ќе ја поддржиме алтернативната сцена и ќе организираме турнири и спортски настани за сите генерации.
Ефикасни услуги и комуникација со граѓанитe
Ќе воведеме целосна дигитализација на општината и електронски услуги, со што ќе ставиме крај на корупцијата и неефикасноста. Ќе обезбедиме лесна комуникација со општината преку мобилна апликација „Ало градоначалник“ и СОС-број. Ќе бидеме постојано на терен, блиску до граѓаните, бидејќи само така можеме заедно да ја вратиме довербата и да ги решиме проблемите на Кисела Вода.