Почитувани,

Со искрено чувство на одговорност и посветеност се обраќам до вас како ваш сограѓанин и кандидат за градоначалник на Општина Чашка. Мојот професионален пат како градоначалник во изминативе два мандата ме научи дека само со многу работа, труд и посветеност може да се постигне резултат.

По трет пат како кандидат за градоначалник ја барам вашата доверба да продолжиме заедно, да ги заокружиме процесите на модерна и развиена општина – место каде што младите ја гледаат својата иднина, а граѓаните живеат среќно и достоинствено, со комплетно решена комунална и патна инфраструктура во сите населени места.

Мојата визија е Општина Чашка во следниот мандат да ги заокружи започнатите процеси и активности, да биде современа и модерна општина, каде секој граѓанин ќе има пристап до квалитетни услуги, со висок економски развој што ќе создаде можности да ги задржи младите тука, дома, во Чашка.

Почитувани, овие избори се крстосница за Општина Чашка – или да продолжиме заедно по патот каде што тргнавме и да создаваме вредности за нашите поколенија да живеат подостоинствено и подобро, или ќе бидеме втурнати во нешто непознато. Одлуката секако ќе биде ваша.

Ве повикувам да ми ја дадете вашата доверба, вашата поддршка и вашиот глас. Чашка заслужува да продолжи по патот на успешна општина!

Со почит и благодарност,

Горан Стојановски

СОВЕТНИЧКА ЛИСТА – ОПШТИНА ЧАШКА

  • 1. Фадил Тафоски
  • 2. Биљана Петровска
  • 3. Фуат Арифов
  • 4. Ивица Гиновски
  • 5. Звонко Велковски
  • 6. Анастасија Николовска
  • 7. Ален Беќировски
  • 8. Даниела Пановска
  • 9. Ленче Петровска
  • 10. Агим Зеќиров
  • 11. Магдалена Анѓеловска

Ние, кандидатите за општинскиот Совет, се обраќаме до вас, нашите сограѓани. Влегуваме во овие избори со една цел, да бидеме ваш глас со работа насочена кон вистински решенија, одлуки во корист на сите жители за подобар социоекономски живот. Нашата определба е јасна: да работиме чесно, одговорно и посветено, водејќи се исклучиво од интересот на жителите. Наша цел е Советот да биде глас на секое маало, секое семејство, секој млад човек и постар сограѓанин. Со чесност и работа можеме да направиме промени. Ветуваме дека ќе бидеме достапни, отворени, транспарентни и секогаш на иста страна со вас.

ШТО НАПРАВИВМЕ:

  • Асфалтирање на локален пат во с. Голозинци, с. Војница, с. Чашка, регионални патишта (Р1312) Буслилци – Богомила и дел од крак кон с. Извор.
  • Асфалтирани улици:
    • 3 во населба Чашка
    • Главната улица во Отиштино
    • Главна улица и обиколница во с. Горно Јаболчиште
    • Во с. Богомила
    • Поплочена главна улица во Мелница
    • Реконструирани со готов бетон повеќе од 60 улици во повеќе населени места
  • Реконструкција на водовод во Горно Јаболчиште, нови бунари за вода во Богомила, Долно Врановци, Извор, Голозинци, Лисиче и Бањица.
  • Изградба на нови училишни згради во с. Долно Јаболчиште, во с. Бањица и с. Согле.
  • Изработена термофасада на ООУ „Лирија“ – Горно Јаболчиште и ПОУ „Петре Поп Арсов“ – с. Извор.
  • Проширен капацитет на детска градинка „Бамби“.
  • Нова спортска сала во Горно Јаболчиште.
  • Реконструкција на спортски терен во с. Извор и Лисиче, новоизградени спортски терени во Горно Врановци и с. Бањица.
  • Фитнес-зона во населба Чашка.
  • Ново софтверско решение за даночна администрација.
  • Репроцена на имотот.
  • Целосен адресен регистар.

МОЈАТА ВИЗИЈА

Зошто се кандидирате? Што е мотивот?

Се кандидирам затоа што чувствувам одговорност и обврска да ја продолжам работата што ја започнавме. Мојот главен мотив е желбата мојот и домот на сограѓаните во Oпштина Чашка да се наоѓа во средина што ќе нуди еднакви можности, безбедна инфраструктура, подобро образование и подобри услови за сите генерации. Знам каде застанaвме и знам што може да се постигне – со чесен пристап, посветена работа и постојан дијалог со граѓаните.

Колку е важно да се има визија за општината, за нејзино подобро функционирање и за нејзин развој?

Визијата за општината е „патоказ“ што ја претвора општината од место што реагира на проблеми во заедница, која активно го гради своето подобро утре. Без визија, нема ни развој. Општината мора да има јасен план и стратегија за развој за тоа каде сакаме да се видиме во иднина.

Што е тоа што сметате дека мора да се направи во следниот мандат и натаму?

Во следниот мандат мора да имплементираме проекти што ќе им даваат поддршка на младите претприемачи, млади земјоделци, луѓе што ќе го промовираат алтернативниот туризам, грижа за животната средина и одржливиот развој, подобрување на квалитетот на живот преку поддршка на програми од областа на културата, спортот, образованието и социјалната заштита.

Колку се важни младите за нашата општина?

Без младите нема перспектива ниту иднината. Мој приоритет ќе биде да се создадат услови со цел младите да останат дома, преку поддршка за вработување, квалитетно образование, културни и спортски содржини, паметна и одржлива инфраструктура, кои ќе им овозможат достоинствен живот во Чашка, модерна и урбана општина, со рурален предзнак што значи бенефит, а не недостаток.

Како гледате на општата безбедност на граѓаните?

Чувството на сигурност е основа за квалитетен живот. Иако е направено многу, и натаму треба да се работи на обезбедување дополнителна сообраќајна сигнализација, одржување на локалните патишта, осветлување на поголем простор, подигнување на јавната свест за сообраќајна култура и почитување на јавниот ред и мир. Општината мора да биде партнер со полицијата и со граѓаните во однос на ова прашање.

Дали доброто планирање на просторот и мобилноста се клуч за забрзан развој, но и за поквалитетно живеење?

Да, секако. Поврзаноста на селата со централното подрачје на општината и блиските градови, значи и рамномерен развој. Следниот период е неопходно да се фокусираме на сеопфатно урбанистичко планирање, со подобрена и паметна инфраструктура, зелени и уредени јавни површини и сл.

Особено во зимските месеци македонските градови се меѓу најзагадените во светот. Во многу места имаме проблем со диви депонии, а граѓаните имаат сериозни забелешки за јавната чистота дури и во најурбаните места. Осудени ли сме сите ние да живееме во ѓубре и отровен воздух?

Далеку од тоа. Секој поединец може да придонесува за почиста и поздрава животна средина, а до решението ќе се стигне преку системско управување со отпадот, грижа за јавната чистота и инвестирање во праведна енергетска ефикасност.

Довербата на граѓаните во системот е на многу ниско ниво, а општата перцепција на јавноста е дека корупцијата цвета во нашата држава. Дали може да ја повратиме таа доверба? Дали подобрувањето на општинските услуги, зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на општината кон граѓаните може да даде нова надеж?

Ќе бидам нескромен, па ќе кажам дека Чашка е позитивен пример за подобрување на општинските услуги, транспарентност и отчетност во изминатите 8 години. Довербата се гради со доследна работа, транспарентност и личен пример. Ако сакаме вистинска промена, мораме да ја почнеме токму локално.

Иселувањето е еден од најголемите проблеми, а следствено и наталитетот е во драстично опаѓање. Имаме ли иднина без луѓе? Како да ги задржиме луѓето во своите места да продолжат да живеат со перспектива за себе и за своите деца?

Луѓето заминуваат во потрага по подобри можности и единствено ако работиме на создавање на тие можности дома, ќе може да се надеваме дека ќе ги задржиме луѓето и идните генерации тука.

Зошто граѓаните да гласаат за вас? Што е тоа по што сте различни од другите за да ви ја дадат токму вам довербата?

Како кандидат за градоначалник по трет пат, зад мене стојат реални резултати, видлива работа и посветеност. Пред граѓаните стојам како некој што во два мандата покажа одговорност, работа и резултати, затоа верувам дека ќе ми ја дадат довербата повторно, не по навика, туку по заслуга.

Заедно да ги менуваме состојбите!

Програми и Иницијативи – Чашка

  • Функционален и безбеден јавен простор

    Ќе продолжиме да работиме на создавање уреден и достапен јавен простор, каде што сите граѓани ќе се чувствуваат безбедно и рамноправно. Ќе ја подобриме сообраќајната безбедност преку обележување нови пешачки премини. Посебен акцент ќе ставиме на зоните кај централните основни училишта во Извор и населба Чашка и ќе поставиме хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација во Горно и Долно Јаболчиште, населба Чашка и Извор.

    Ќе изградиме и обновиме детски игралишта, спортски терени и паркови каде што младите и семејствата ќе можат активно и квалитетно да го поминуваат своето време. Ќе се вложува во чисти и зелени јавни простори, уредени пешачки патеки, клупи, зелени површини за да добиеме град во кој сите ќе уживаме да живееме.

  • Чиста и здрава животна средина

    Ќе работиме на воспоставување систем за правилно управување со отпадот, преку редовно и ефикасно собирање во сите населени места, селекција и рециклирање на отпадот, како и трајно решавање на проблемот со дивите депонии. Истовремено, ќе се работи и на изработка на првиот ЛЕАП. Особено внимание ќе посветиме на енергетската ефикасност на општината преку поставување фотоволтаици на општинските училишта и општинската зграда. Со тоа ќе обезбедиме помали трошоци, почиста околина и современа општина.

    Ќе продолжиме со редовно одржување и уредување на јавните простори, организирање акции за чистење и пошумување со вклучување на младите, училиштата и локалните организации. Со овие мерки Чашка ќе стане поздраво, побезбедно и поодржливо место за живеење.

  • Општина по мерка на граѓаните

    Ќе продолжиме со транспарентна, отворена и отчетна општина каде што гласот на граѓаните ќе се слуша и ќе се почитува во интерес на секој поединец. Ќе воведеме електронски систем за пријавување проблем од сите населени места. Ќе организираме јавни расправи за сите поголеми одлуки и проекти, како и редовни средби по месните заедници за да ја вклучиме заедницата уште во фазата на планирање. Граѓаните ќе ги добиваат назад парите коишто ги плаќаат како данок на имот на општината за проекти за кои тие сметаат дека се приоритетни за нивното населено место. Нашата визија се темели врз нула толеранција кон корупцијата и градење општина којашто е правична, одговорна и блиска до секој граѓанин.

  • Младите во фокусот – Нова парадигма за здрав и одржлив развој

    Младите се нашата иднина и двигател на промените и токму затоа се во центарот на секоја развојна стратегија. Младите се носители на позитивни промени, одржлива локална заедница во која ги остваруваат потребите и правата со што им овозможуваме достигнување на нивниот потенцијал. Нашата цел е да создадеме заедница во која ќе ги задржиме младите. Континуирано ќе дадеме поддршка за иницијативи, пристап до културни и спортски активности, неформално образование и младинско учество.

    Со конкретни мерки ќе обезбедиме:

    • Претприемаштво и поддршка при вработување;
    • Поддршка за млади уметници;
    • Подобрување на спортската инфраструктура – терени, сали и опрема за активен и здрав живот;
    • Пристап до култура преку поддршка на младински фестивали, работилници и програми за креативен израз;
    • Младинско учество во Советот на Општината преку Локалниот младински совет, кој ќе биде гласот на младите во сите значајни одлуки;
    • Континуирана поддршка на истакнати ученици, средношколци, како и социјално ранливи категории;
    • Бесплатно згрижување во градинка за деца од семејства во социјален ризик.

КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ

Дом на култура во населба Чашка, Општина Чашка

Опис на проектот

Со изградбата директно ќе придонесеме во културен развој на Општина Чашка. Новите културни содржини ќе влијаат врз задржувањето на населението. Чашка, рурална средина со урбани активности и нови културни содржини, просторни услови за културни манифестации, проекции на филмови. Објектот ќе биде со катност, приземје и кат. Во рамките на самиот објект е предвидено фоаје со кафетерија, санитарии во влезниот простор, како и простории, канцеларии за здруженија на граѓани, конференциска сала и голема сала со мултимедијален простор со сцена, гардероби и магацински простор со посебен влез. На ниво на кат ќе има библиотека и административни простории со санитарии. Капацитет на голема сала за 168 лица, седишта и конференциска сала за 20 лица. Објектот ќе биде со нето-површина на приземје од 617,3 м2 и нето-површина на кат 181,8 м2, односно вкупно нето-површина 799,1 м2.

Влијание на проектот:

Со изградба на дом на култура ќе обезбедиме предуслови за развој и подобрување на културниот живот, како и нов урбан простор за одржување културни манифестации и настани.

Целна група:

Директни корисници:
- Жители на Општина Чашка, 7942 жители, од кои 4083 мажи и 3859 жени;
- Ученици што следат настава во основните училишта, 1184 ученици, од кои 602 машки и 582 женски деца;
- Вработени во Општина Чашка и Совет на Општина Чашка;
- Деца од ЈОУДГ БАМБИ, односно 36 деца, од кои 16 се женски и 20 машки деца;
- 60 членовина КУД „Тодор Јанев“, населба Чашка, од кои 5 машки и 55 женски деца;
- 100 члена на Извиднички одред „Димитар Влахов“ Велес, кои се корисници и на Извиднички центар с. Голозинци;
- Членови на Здружение „МЕЛ МЕЛ“ Мелница, Чашка.

Индиректни корисници:
- Членови на еколошката групација ГРИН ПАУЕР;
- Здружение на пензионери Велес што дејствуваат на територијата на Чашка;
- Општинска организација ЦРВЕН КРСТ ‒ Велес;
- Членови на АГРО ЦЕНТАР Велес;
- Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството РЕ Велес;
- Народен музеј ‒ Велес;
- Здружение на граѓани РАЗБОЈ ‒ Велес;
- Спортско планинарско друштво ЗЕЛЕН РАЈ ‒ Велес;
- АКТИВО ‒ Велес.

Рок на реализација:

2027

Буџет

13.076.206,25 денари

Изградба на детска градинка во село Мелница

Опис на проектот

Детската заштита како дејност во Општина Чашка е јасно дефинирана преку Јавната општинска установа за деца – детска градинка „БАМБИ“, населба Чашка, од 2021 година. За изградба на детската градинка во Мелница е обезбедена локација на КП 444 КО Мелница со површина од 1761 м2 на земјиштето. Објектот согласно со правилниците ќе има капацитет од две хетерогени градински групи што ќе згрижуваат вкупно 40 деца од 2 до 6 години. Објектот е со катност приземје со бруто-површина од 273 м2 без влезните тремови и терасата за занимална на отворено. Објектот опфаќа: влезен дел, ходник, канцеларија за простор за изолација, котлара, просторија за вработените, тоалети за вработени и деца, дистрибутивна кујна, остава, пералница и гардероба за деца, занимална и мултинаменска просторија, како и дворна површина со 1210 м2.

Влијание на проектот:

Директно влијание ќе имаат 40 деца од 2 до 6 години. Детските градинки во руралните средини играат важна улога во унапредување на развојот на децата, поддршка на семејствата и создавање подобри можности.

Целна група:

• Жителите на село Мелница
• Жители на Општина Чашка
• 40 деца од 2 до 6 години од село Мелница

Рок на реализација:

2027

Буџет

За целосно завршување на проектот се потребни 21.568.118,30 денари, од кои предмет на оваа програма е I Фаза со износ од 16.751.287,00 денари без ДДВ, следна фаза за имплеменатција е II Фаза со износ од 4.816.831,25 денари.

Изградба на локален пат за село Папрадиште

Опис на проектот

Папрадиште е населено место што изобилува со природни убавини, атрактивни за развој на планинскиот и алтернативниот туризам. Родното место на препознатливиот: Андреја Дамјанов, еден од најголемите градители на сакрални објекти на Балканот, Димитар Папрадишки, или последниот македонски зограф, и првиот македонски сликар, Димитрија Чуповски, чија долгогодишна дејност е насочена кон независноста на Македонија, како и на Ѓорѓи Зографски, кој спаѓа меѓу најстарите родови од Река што се занимавале со градителство, зографство, иконопис и копаничарство. Локален пат до с. Папрадиште ќе биде со должина од 3644 м.

Влијание на проектот:

Реализацијата на проектот за изградба на локален пат за с. Папрадиште ќе биде во функција на подобрување на локалните сообраќајни услови за развој на подрачјето познато по културното и природното наследство, а со тоа и поттикнување на локалниот економски развој.

Целна група:

  • Жители на Општина Чашка
  • Сопственици на викенд-куќи во Папрадиште

Рок на реализација:

2027 година

Буџет

15 38 319.00 ден

Подобрување на локалната улица „8 Септември“ во Населба Чашка

Опис на проектот

Предметната улица припаѓа на две парцели, и тоа КП 184/1, КП 149.1. Основниот проект е поделен во две фази. Во првата фаза се наоѓа КП 184/1, која опфаќа комплетно отстранување на постојниот асфалт и вградување нов асфалт, втората фаза се протега на КП 149/9, која опфаќа вадење на постојниот коловоз од павер-елементи и завршно асфалтирање. Во рамките на предметната улица има и три паркинг-места. Техничкото решение за втората фаза започнува од стац. 0 = 286,17 и се протега до стац. 0 + 557,59. Оваа фаза опфаќа вадење на постојниот бехатон и поставување коловозна конструкција од асфалт, како и тротоари од десната и левата страна со ширина од 1,5 м. Ширината на коловозот за една коловозна лента изнесува 2,75 м, односно 5,5 м вкупна ширина на коловозот. За спроведување на проектот во втора фаза од км стац. 0 + 286,17 до стац. 0 = 557.59, планирани се активности, и тоа: подготвителни работи, земјени работи, горен слој и одводнување.

Влијание на проектот:

Подобрување на условите за живеење и сообраќајните услови на локалната улица „8 Септември“ во нас. Чашка преку реконструкција во втора фаза (реконструкција од стационажа КМ 0 + 286.17 до КМ 0 + 557.59).

Целна група:

Жители на населбата и Општина Чашка

Рок на реализација:

2027 година

Буџет

6.299.369,00 денари

ПРОЕКТИ

Подобрување на фекалната канализација во населените места: Бањица, Согле и Горно Врановци

Опис на проектот

Проектот предвидува изградба на фекални канализации во Бањица, Согле и Горно Врановци.

Влијание на проектот:

Реализацијата на проектот ќе доведе до значително подобрување на живот во населените места и заштита на животната средина. Само со воспоставување подобри услови за живот во населените места ќе придонесеме во задржување и зголемување на населението во руралните средини.

Целна група:

• Жители од Бањица, Согле и Горно Врановци
• Жители од Општина Чашка

Рок на реализација:

2026 ‒ 2029

Буџет

63 717 594.00 денари вкупен буџет

Подобрување на водоснабдувањето во населените места Долно Врановци и Бусилци

Опис на проектот

Вложување во населените места и подобрување на комуналните услуги со воспоставување водоснабдителен систем во Долно Врановци и Бусилци.

Влијание на проектот:

Рамномерен развој на населените места.

Целна група:

• Жители на Долно Врановци, Бусилци
• Жители на Општина Чашка
• Посетители на населените места

Буџет

11.000.000 денари

Реконструкција на општинска зграда

Опис на проектот

Со реконструкцијата на општинската зграда ќе се обезбедат подобри услови за работа и воедно подобра достапност на услугите за сите жители во Општина Чашка.

Влијание на проектот:

Подобрување на условите за работа на администрацијата.
Квалитетни услуги за жители на Општина Чашка.

Целна група:

• Жители на Општина Чашка
• Администрацијата
• Совет на Општина Чашка

Рок на реализација:

2028 година

Буџет

10.000.000 денари

Реконструкција на крак „Коста Рацин“, населба Чашка

Опис на проектот

Со реконструкцијата на улица и крак „Коста Рацин“ во Чашка директно се придонесува во подобрување на условите за живот на жителите во населба Чашка.

Влијание на проектот:

Подобрување на условите за живот на жителите во населба Чашка.
Вложување во современа локална патна инфраструктура во населба Чашка.

Целна група:

Жителите на Општина Чашка

Рок на реализација:

2028 година

Буџет

15.000.000,00 денари

Реконструкција на спомен-куќата на Коле Неделковски, с. Војница

Опис на проектот

Проектот предвидува реконструкција на спомен-куќата на Коле Неделковски.
Зафати на главните конструктивни елементи: реконструкција на ѕидови, подови, плафони, столарија, електрична инсталација, покривач, електрична инсталација, балкони, фасада и други содржини.
Партерно уредување на дворот и околу објектот со предвидено зеленило, патеки и соодветна урбана опрема.

Влијание на проектот:

Проектот ќе ја зачува и ќе ја промовира културната и историската традиција и ќе придонесе за развој на културен и рурален туризам во Чашка.

Целна група:

• Локални жители и училишта
• Средношколци
• Туристи и историски ентузијасти
• Културни и образовни институции
• Поетски и писателски друштва

Рок на реализација:

2029 година

Буџет

7.374.630,66 МКД

Енергетски ефикасни училишта Чашка

Опис на проектот

Општина Чашка континуирано работи на зголемување на енергетската ефикасност и искористувањето на обновливи извори на енергија. Преку проектот „Енергетски ефикасни училишта – Општина Чашка“, се изработи техничка документација за поставување фотоволтаични системи на училиштата: ООУ „Петре Поп Арсов“ Извор, ООУ „Лирија“ Горно и Долно Јаболчиште.

Влијание на проектот:

Унапредување на енергетската ефикасност на училишните објекти и придонес кон заштитата на животната средина.

Целна група:

• Ученици и наставен кадар од ООУ „Лирија“ Горно Јаболчиште
• Ученици и наставен кадар од ООУ „Лирија“ Долно Јаболчиште
• Ученици и наставен кадар од ООУ „Петре Поп Арсов“ Извор

Рок на реализација:

2029 година

Буџет

2.900.000,00 денари

МЕСНИ ПРОЕКТИ

Населба Чашка

  • Поставување хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на улиците „Илинденска“, „Коста Рацин“, „8 Септември“, „Гоце Делчев“, „Коле Неделковски“
  • Реконструкција на улиците „Коле Неделковски“, „Гоце Делчев“ и „Коста Рацин“
  • Изградба на мултифункционално спортско игралиште во дворот на спортската сала
  • Доградба на главната фекална канализација во нас. Чашка
  • Изградба на три детски забавни парка (спортска сала, „Коста Рацин“ и „Ацо Шопов“)

Горно Јаболчиште

  • Санација, чистење, доизградба и уредување на речното корито на реката Тополка
  • Изградба на повеќенаменско спортско игралиште
  • Бетонирање и поплочување улици
  • Адаптација на објект (амбуланта) за детска градинка
  • Поставување хоризонтална и вертикална собраќајна сигнализација на главната улица

Долно Јаболчиште

  • Реконструкција и подобрување на водоводната мрежа
  • Поставување хоризонтална и вертикална собраќајна сигнализација на главната улица
  • Бетонирање и поплочување на улици
  • Реконструкција и пробивање на обиколница на влезот во селото
  • Уредување на речното корито во селото

Богомила

  • Доизградба на фекална канализација (омец)
  • Реконструкција на спортското игралиште во дворот на училиштето
  • Доизградба на речното корито на реката Сушица
  • Изградба на детски забавен парк во близина на ѕидан мост
  • Бетонирање на улиците

Нежилово

  • Бетонирање улици
  • Реконструкција на мостот во селото
  • Изградба на објект месна заедница

Ореше

  • Бетонирање улици
  • Уредување на речното корито
  • Изградба на фекална канализација

Согле

  • Изградба на мултифункционално спортско игралиште
  • Изградба на фекална канализација
  • Бетонирање улици
  • Уредување на просторот околу селската џамија (плоштад)

Теово

  • Изградба на мултифункционално спортско игралиште
  • Изградба на детски забавен парк
  • Бетонирање улици
  • Реконструкција на плоштадот во центарот на селото
  • Проширување на водоводната мрежа

Оморани

  • Реконструкција на улици
  • Изградба на детски забавен парк во населбата и селото
  • Реконструкција на спортското игралиште во селото
  • Изградба на објект месна канцеларија

Мартолци

  • Реконструкција на улици
  • Изградба на потпорен ѕид кај селската црква

Извор

  • Поставување хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на главната улица
  • Реконструкција на улици
  • Реконструкција на детскиот забавен парк
  • Уредување на просторот кај старата полициска станица во парк
  • Уредување на речното корито на реката Изворчица

Стари Град

  • Изградба на водоводен систем
  • Реконструкција на улици
  • Уредување на просторот во центарот на селото кај селската чешма

Долно Врановци

  • Асфалтирање на локалниот пат до селото
  • Изградба на водоводен систем

Бусилци

  • Реконструкција на улици
  • Изградба на селски водовод

Војница

  • Реконструкција на улици
  • Довршување на локалниот пат со асфалт
  • Реконструкција на селски водовод

Бањица

  • Реконструкција на улици
  • Изградба на фекална канализација
  • Изградба на детски забавен парк
  • Уредување на речното корито на Мала Река

Отиштино

  • Реконструкција на улици
  • Изградба на фекална канализација
  • Изградба на ново училиште
  • Изградба на детски парк
  • Поставување хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација

Село Чашка

  • Изградба на водоводен систем
  • Реконструкција на улици
  • Уредување на просторот кај селската чешма

Еловец

  • Реконструкција на улици
  • Реконструкција на водовод

Голозинци

  • Реконструкција на улици

Лисиче

  • Реконструкција на улици
  • Санација на резервоарот и мрежата од водоводот
  • Реконструкција на старата амбуланта во клуб за стари лица

Мелница

  • Реконструкција на улици
  • Реконструкција на детскиот забавен парк
  • Изградба на големо спортско игралиште
  • Поставување нови автобуски постојки

Раковец

  • Реконструкција на улици
  • Изградба на нов селски водовод

Горно Врановци

  • Изградба на фекална канализација
  • Реконструкција на улици
  • Изградба на детски забавен парк

Дреново

  • Реконструкција на улици

Владиловци

  • Реконструкција на улици
  • Уредување на просторот во центарот на селото
  • Реконструкција на детски забавен парк

Врановски Анови

  • Реконструкција на улици
  • Поставување автобуска постојка
  • Поставување хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација